Култура
Објавени номинациите за „Оскар“ за најдобар филм, режија, актер и актерка
Академијата на филмски уметности ги објави годинашните номинации за најголемата филмска награда „Оскар“. Со десет номинации води филмот Roma, а пејачката Лејди Гага доби две номинации, за главна женска улога и за оригинална песна.
За најдобра машка улога се номинирани Кристијан Бејл, Бредли Купер, Вилијам Дефо, Рами Малек и Виго Мортенсен. Во категоријата споредна машка улога номинации добија Махершала Али, Адам Драјвер, Сем Елиот, Ричард Е. Грант и Сем Роквел.
Номинирани во категоријата главна женска улога се Јалица Апарицио, Глен Клоуз, Лејди Гага, Оливија Колман и Мелиса Мекарти. За споредна женска улога се номинирани Ејми Адамс, Марина де Тавира, Реџина Кинг, Ема Стоун и Рејчел Вајз.
За најдобар филм се номинирани Black Panther, Bohemian Rhapsody, Vice, A Star is Born, Favorite, Green Book, Blackkklansman и Roma.
Во категоријата за најдобар режисер номинации добија Спајк Ли, Павел Павликовски, Јоргос Лантинос, Алфонсо Куарон и Адам Мекеј.
91. издание на Оскарите ќе се одржи на 24 февруари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Поради задоцнетите летови откажан е уличниот спектакл на француската театарска трупа „Кидам“
Изведбата на уличното дефиле и претстава на француската театарска група „Кидам“ (La Compagnie des Quidams) е откажана, откако уметниците од „Кидам“ ниту вчеравечер не пристигнаа во Скопје, поради задоцнети и откажани летови.
Од Францускиот институт во Скопје соопштија дека се работи само за одложување и посочуваат дека тие ќе го одржат своето ветување и ќе донесат голема и убава улична претстава во Скопје, отворена за најширока публика, во знак на затворање на 50-годишнината од своето постоење.
Францускиот институт во Скопје ви се заблагодарува на разбирањето и уште отсега ви го најавува настанот којшто, штом се создадат услови, ќе се одржи оваа есен, соопштија од Францускиот институт во Скопје.
Претставата најпрвин требаше да се одржи на 28 јуни, но беше преместена за вечер, поради летот на гостите од Франција, кој бил одложен за денеска заради големото невреме. Сепак, уметниците ниту вчеравечер не пристигнаа во Скопје, а причина се задоцнети и откажани летови, кои се должат на невремето што изминатиов период ја зафати Западна Европа.
Култура
Вечер во Скопје уличен спектакл на француската театарска трупа „Кидам“
Со улично дефиле и претстава, насловени „Сонот на Ербер“ вечер во главниот град ќе биде заокружена прославата на 50-годишнината од постоењето на Францускиот институт во Скопје. Претставата е во изведбата на француската театарска трупа „Кидам“ (La Compagnie des Quidams), која има од 100 до 150 настапи годишно низ целиот свет.
Настанот што го организираат Францускиот институт и фестивалот „Скопско лето“ ќе започне во 21:00 часот, од пред Музејот на град Скопје. Дефилето потоа ќе помине низ улица „Македонија“, преку Камениот мост до плоштадот „Карпошово востание“, каде што ќе се одржи финалето на претставата.
Низ волшебна музика, пет обемни фигури, високи четири метри, ќе изведат магичен ритуал преку кој ќе ѝ овозможат на една ѕвезда да се издигне на небото…Претставата е наменета за сите возрасти. На крајот на претставата, на фасадата на „Ибни Пајко“, ќе биде прикажан видео-мапинг на македонскиот визуелен уметник Емил Петро, насловен „Франција во светлина“.
Претставата требаше да се одржи вчера, но поместена е за еден ден бидејќи летот на гостите од Франција, беше одложен поради големото невреме.
Прославата на 50-годишнината е поддржана од повеќе компании пријатели на Францускиот институт во Скопје.
Култура
Изложба на македонскиот сликар Стефан Хаџи-Николов во Крива Паланка
Самостојна изложба на познатиот македонски сликар Стефан Хаџи-Николов ќе биде отворена во сабота, 29 јуни, во галеријата на ЛУ Градски музеј Крива Паланка, со почеток во 20,00 часот.
Изложбата е на иницијатива на Градскиот музеј кој од оваа година започнува со организирање годишни изложи на по еден учесник на Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“, што се одржува во истоимениот манастриски комплекс.
Стефан Хаџи-Николов е долгогодишен учесник на колонијата и член на Организацискиот одбор, со кого започнува серијата изложби во локалната музејска установа. Член е на ДЛУМ од 1984 година, досега има реализирано повеќе од 75 самостојни изложби и над 100 групни изложби во земјата и странство. Добитник е на бројни награди и признанија меѓу кои и највисоките државни награди и тоа: „23-ти Октомври“ за долгогодишни остварувања во културата и уметноста и „13-ти Ноември“ за долгогодишни високи остварувања во сликарството. Ги има добиено и наградите „Климент Охридски“, „Вангел Коџоман“, „Константин Мазев“, „Лазар Личеноски“, а особено се издвојува наградата „Златни феномени“, доделена од бугарската асоцијација „Феномени“ (АСФЕН). Хаџи-Николов е првиот Македонец кому му е доделена оваа награда , врачена на неговата изложба во софискиот центар „ЦУМ“ во 2002 година.
Изложбата на Стефан Хаџи-Николов е дел од богатата програма на манифестацијата „Крива Паланка –Град на културата2024“.