Култура
Објавен романот „Болка во џебот“ од данската авторка Аста Оливија Норденхоф
Во чест на Денот на жената и борбата за правата на жената, а во склоп на акцијата „Силни женски гласови“, од печат излегува роман за слепата љубов, насилството и капитализмот од данската книжевна надеж Аста Оливија Норденхоф.
Базиран е на вистински настан – пожар на патнички траект во 1990 година, во кој загинаа 159 луѓе. Иако настанот е реален, ликовите се фиктивни.
Жена патува со автобус низ јужна Данска. Кога погледнува низ прозорецот, пред неа се појавува лик на маж со бела коса. Заслепена е од неговото лице, но не го препознава. Повторно се качува во автобусот, овој пат патувајќи во спротивната насока, и се симнува на местото каде што ѝ се појавил ликот на човекот. Во моментот кога се доближува до една куќа и заѕвонува на ѕвончето, пред неа се откриваат слики од животот на двајца луѓе, Курт и Меги.
Сопружниците живеат на фарма во своите подоцнежни години. Тука Курт ја започнува својата мала автобуска компанија, додека Меги води тивок живот, тонејќи во спомените. Во куќата тие се љубат и се караат. Како што изминуваат годините, караниците се сè почести, сè додека нивната врска не се распадне, оставајќи ги само со чувство на апатија.
Тоа што на почетокот е пламена страст почнува да венее, а насилното минато и финансиските проблеми сè повеќе се испречуваат помеѓу нив. По нејзината смрт, еден бизнисмен го охрабрува Курт да инвестира во траект што ќе плови помеѓу Данска и Норвешка. Набрзо ги губи сите вложени пари откако траектот ќе изгори. Ги поминува своите последни денови сам и во сиромаштија. Спомените го измачуваат и почнува да ги слуша криковите на првородениот син.
Романот е наречен „најамбициозен книжевен потфат за 2020 година“.
Аста Оливија Норденхоф (1988) е данска писателка. Студирала на Данската академија за креативно пишување, каде што денес е професор. Досега објавила два романа и збирка поезија. Трите книги се наградени со престижни награди. „Болка во џебот“ е замислена како прва книга од септологијата наречена „Скандинавска ѕвезда“. Од издавањето романот е продаден на осум територии и ги добива наградите „Пер Улоф Енквист“ и Наградата за литература на Европската Унија за 2020 година.
Во изданието на „Болка во џебот“ на македонски јазик преводот од дански е дело на Лара Крстева-Ичокаева, а графичкото уредување е на Марко Трпески. Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија и на Министерството за култура на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.