Контакт

Култура

Од денеска почнува МОТ со претстави во живо и онлајн-прикажувања

Објавено пред

Од денеска до 3 декември ќе се одржи 45. издание на Младиот отворен театар (МОТ) со претстави во живо и фестивалски онлајн-претставувања.

dobivaj vesti na viber

Ќе бидат претставени 12 продукции во домашна продукција, како и театарските куќи од Словенија, Србија, Грција и од Хрватска.

45., првпат хибриден Млад отворен театар, ќе се одржи на три сцени – онлајн во домовите, Младинскиот културен центар и во Универзалната сала.

Цената на билетите за претставите во живо е 300 денари, а онлајн-претставите се бесплатни, но неопходен е билет бидејќи бројот на гледачи на стримот е ограничен. Сите билети се достапни преку bileti.mkc.mk.

Во десет фестивалски вечери ќе се гледаат три премиери: „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, копродукција на МОТ и Факултетот за работи што не се учат, перформансот Screensaver, развиен во рамките на програмата „Современа кореографија и танц“ на „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, и „Херои 4:33“, во режија на Деан Дамјановски на Театарот „Ј. Хаџи-Константинов Џинот“ од Велес.

24-28 ноември

*ПРЕМИЕРА* „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“ | 19:00 | Универзална сала

Фестивалот се отвора со премиера на „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, ко-продукција на МОТ и Факултет за работи што не се учат (дел од тимот се победниците на Прашкото квардинале за перформанс, дизајн и простор во 2019).
„Универзална во пламен“ е перформанс-есеј за Жан Кокто во прошетка низ скопските улици, за поетот што во пожарот го спасувал огнот, наместо предметите што гореле. Човекот што уживал во очајот, очајот кој станал популарен со песните на Шарл Азнавур. Ова е и есеј за Азнавур, познат на скопјани по неговата песна што требало да биде пуштена на Радио Скопје утрото на 26 јули 1963 година. Ова е приказна за затворениот објект на Универзална сала, кој официјално не функционира веќе пет години. Но таа е и дел од меморијата на Универзална сала, среде сите настани во нејзината долга историја. Ова е претстава за новата солидарност, која овие времиња ја бараат: за пожарот, трагедијата и за катарзата од која треба да роди нова солидарност како фениксот што се раѓа од пепелта, од пепелта на Грамши. Претставата ќе има 5 премиерни изведби од 24 до 28 ноември.

25 ноември

„Траги од Антигона“ | 20:00 | онлајн

Втората вечер е резервирана за гостување од Атина со стрим на претставата „Траги од Антигона“ во режија на Ели Папаконстантиноу (ОДЦ ансамбл). Грчката режисерка препознатлива по мултидисциплинарните перформанси со различни уметнички форми, по многу светски фестивали и освоени награди, ја користи состојбата со коронавирусот за нова креација.
„Ние, жени од различна возраст и уметничко потекло, ги споивме гласовите за да ја пресечеме сторичноста на полот, да ги конфигурираме домашноста и дигиталниот простор. Во нашите домашни затвори, ја истражуваме огромноста на јавните агори; врамени во дигитални кутии, ние остануваме транспарентни за целиот свет да ѕирка кон нас, сепак, безбедни во засолништето на нашиот најголем приватен простор (за разлика од другите жени – жртви на семејно насилство). Еве кои сме: „Отсутните девојки“, во спомен на сите жени пред нас. Исто како и нашите мајки и „сестри“, ние ја користиме изолацијата во наша корист за да ги навеземе античките траги од Антигона како дел од нашата лоза. Исто како и жените пред нас, ние правиме уметност во изолација. Само овој пат излегуваме во јавност!“
„Траги од Антигона“, пребојување на античкиот мит за Антигона, доаѓа како непосреден одговор на глобалното затворање поради коронавирусот и тековниот дијалог за тоа што значи присуството (и отсуството). За прв пат во поновата историја, изолацијата веќе не е женска состојба. ОДЦ Ансамбл во круг на жени истражи целосно нов изведувачки јазик што можеме да го наречеме „театар на изолација“.

26 ноември
*ПРЕМИЕРА* „Screensaver“ | 19:30 | онлајн

Следната премиера ја гледаме онлајн. „Screensaver“, танцување во идната носталгија. Интернационална танчерска екипа, епизодично структурирана кореографска серија, дел од истражувањето „КО-серии“, која по уметничкиот престој во Брисел, Стокхолм и Скопје, започнува со премиера на МОТ. „Screensaver“ се појавува како танцувачка практика, но всушност е ТВ поп-шоу или само апсурдно видеорекламирање, кое го носи со себе танцовата архива од 60-тите, 70-тите, 80-тите и 90-тите години. Архивата „Screensaver“ отвора спекулативен простор на минати временски линии што поинаку се занимавале со танцот, простор да коегзистираат истовремено во денешната перцепција на танцот и кореографијата. Просторот каде што може да се доживее танцот што се играл илјада пати, или сеќавањето на некој танц што е виден многу пати и сите го носиме во себе, конечно може да биде доживеан; простор за танц на идна носталгија, простор за танц и кинетички задоволства. Пристапот отвора простор за задоволства во доживувањето на танцот и кореографијата како кинематографска меморија на нашите тела. Перформансот „Screensaver“ е развиен во рамки на програмата „Современа кореографија и танц“ на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата.

27 ноември
„Полковникот птица“ | 18:00 | онлајн
„Ајхман во Ерусалим“ | 20:00 | онлајн

Сцените на Театар Гостивар и ЗеКаеМ Хрватска се онлајн домаќини на четвртиот ден на МОТ, кога гостува НУ Гостиварски театар – најновата театарска институција кај нас. „Полковникот птица“ е нивна трета претстава, прва на македонски јазик. Текстот „Полковникот птица“ од Христо Бојчев е неговиот најуспешен текст, напишан во 1997 година, кој ја добива една од најголемите европски награди за драмски текстови, наградата на Британскиот совет. Дејствието на драмскиот текст зборува за една група ментално заболени луѓе, кои живеат во лудница, заборавени од Бога, и таму стигнува хуманитарна помош, која требало да стигне во кризно подрачје, ама по грешка дошла до нив. Тоа ги охрабрува и тие се организираат да одат до Стразбур, да го изложат својот проблем. Во ова време кога се актуелни мигрантските кризи и премините преку граница, овој текст може да добие нов контекст, а во исто време да зборува за Балканот како вечен кандидат за Европа. „Полковникот птица“ е претстава за различни
луѓе, кои со својата различност и возбуда за нови нешта треба да нѐ пленат сите. Нивната посветеност треба да нѐ учи колку е битно да се верува и да се постои во овој свет, колку и да е тешко. Целта на претставата е да ги разбереме нив, и кога ќе ги разбереме, да станеме подобри луѓе со тоа. Нивната лудост е само начин да се верува. Можеби идејата е утопистичка и идеалистичка, но тоа е и улогата на театарот.
По неа следува Загребачко казалиште младих со „Ајхман во Ерусалим“ во режија на словенечкиот режисер Јернеј Лоренци, кој јасно ја разбира потребата за испитување на баналноста на злото и нејзиното присуство кај секој човек, доаѓа во момент кога практично цела Европа ги преиспитува своите антифашистички корени. Уште една блескава претстава од хрватската сцена. И уште една што се занимава со контроверзна тема. Во вистински момент, кога цела Европа зборува за фашизмот… Фашизмот во нашето
општество.

28-29 ноември
*ПРЕМИЕРА* „Херои 4:33“ | 18:00 | МКЦ

Третата премиера на МОТ доаѓа од Театар „Ј. Хаџи-Константинов Џинот“, Велес и ја гледаме во живо во МКЦ на 28 ноември. „Херои 4:33“, во режија на Деан Дамјановски претставува своевидна „инсталација“ во која, преку употребата на различни медиуми во три специфични простори, изолирани едни од други, ја истражуваме врската помеѓу „присуството/отсуството“ карактеристично за театарот како медиум. Гледачите, соодветно заштитени и водени еден по еден, како низ музеј, ќе бидат запознаени со нашите „експонати“, последните преживеани, пионерите на „новата реалност“. Стварноста што ќе биде претставена во секој од просторите, наликува на своевидна дистописка стварност, во која човештината отстапува пред сопствената опачина. Целото доживување, кое гледачот го има од инсталацијата, наликува на оние секунди пред почетокот на претставата, кога светлата во салонот ќе се изгаснат, а претставата сѐ уште не започнала, кога стварноста околу нас отсуствува, а сценската сѐ уште не се појавила. Просторот, костимите и музиката се во функција на доживувањето од овој меѓумомент на „присуство/отсуство“, кое трае нешто повеќе од 13 минути, колку што трае композицијата на Џон Кејџ. Претставата ќе има реприза наредниот ден.

29 ноември
„Три сестри и Наташа П.“ | 19:30 | онлајн
„Илузии“ | 21:00 | онлајн

Следува претстава направена непосредно пред пандемијата. По карантинот: Чехов со музика во живо, Чехов со корона-маски, Чехов на Нишвил Џез фестивал, ФемАрт Приштина, сега и на МОТ. „Три сестри и Наташа П.“, ко-продукција на Арт медиа и Национална опера и балет, во режија на Наташа Поплавска ја следи драмата „Три сестри“ на Чехов со фокус на ликот Наташа Прозорова, сопруга на Андреј Прозоров, братот на трите сестри: Олга, Маша и Ирина. Се отвораат едноставни прашања: зошто ликот на Наташа на листата на карактери е пред ликот на Олга, Маша и Ирина? Ако е прв женски лик, зошто не се појавува прва во драмата? Чија е оваа „драма“? „Драма“ на Андреј, на Наташа или ова е „драма“ на Олга, Маша и Ирина? Какви одговори ќе добиеме? Се отвори проблемот со драмата и преку призмата на „другите“, односно Наташа, ликот што дојде од друго социјално ниво во куќата на Прозорови од Москва.

„Илузии“, инспирирана од истоимената драма на Иван Вирипаев, во режија на Нела Витошевиќ е експериментална, виртуелна претстава, која е приказ и обележје на пандемиското време. Претставата недвосмислено ја покажува желбата и крикот на уметникот да создава во состојба на криза и да му пркоси на времето, кое е неповолно за уметноста. Користејќи се со театарски пристап, но во виртуелниот свет, екипата направи претстава што ги отвора темите на љубов, неверство, отуѓеност на луѓето, како и празнотијата и минливоста на животот. Теми што во вакви новонастанати околности се актуализираат кај секој човек. Приказната ни ја раскажуваат четворица актери, кои играат определена улога, но истовремено се и наратори на дејството.

30 ноември
„Иднината е приватна“ | 19:00 | онлајн

Независната театарска група Пресврт започна токму со овој проект, истражувајќи го реалниот живот, наспроти животот на интернет, приватноста и приватизацијата, дистанцираноста во сајбер- просторот. „Иднината е приватна“, во режија на Милош Б Андоновски беше идеја што се развиваше уште пред појавата на вирусот и карантинското онлајн функционирање. Во време кога виртуелниот простор е единствената агора во која луѓето живеат, која е позицијата на човековата приватност? Дали таа ќе исчезне под влијанието на социјалните мрежи или вешто ќе ја зачуваме? Што се случува кога нашиот идентитет го гради одреден алгоритам? Можеби токму софтверот ќе нè натера да се навратиме кон она што е човечки. Поставена во далечната иднина, претставата „Иднината е приватна“ зборува за живот оформен од физичка дистанца, изолација и комуникација исклучиво преку виртуелни профили.

1 декември
„Спроти нештата“ | 21:00 | онлајн

Најредовниот гостин на МОТ, од самите почетоци на фестивалот. Словенско младинско гледалишче – омилениот театарски ансамбл на нашата публика, овојпат со „Спроти нештата“, во режија на Борис Никитин. Во своите дела, Никитин ги истражува границите помеѓу реалноста и фикцијата, документот и неговиот фалсификат и претпочита да ги разнесува овие категории. Вака создадениот театар е суров, груб, фронтален и директен. Прекумерното реагирање, пародијата, провокацијата и субверзивното играње со границите помеѓу реалното и лажното станаа фино подесени реквизити за популизам во натпревар за политичко внимание. Границите на договореното постојано се поместуваат и се доведуваат во прашање. Како да ја влечеме западната филозофија над дадаистичка јама и прашањето „што е реалност?“ и „кој ја одредува?“ ќе стане гориво за следниот престап. Нефикција во трескавична состојба, пародија како парадигма на нашето време! И последиците, како и секогаш, реални: победа на избори, предизвикување кризи, донесување политички одлуки, војни, продажба на производи. Жртва на ова е малиот човек и неговата веројатно најголема политичка способност: неговата ранливост. Ранливоспособност. Како може да се справиме со сето ова на сцената, овој веројатно најдвосмислен простор што еволуцијата го има создадено некогаш? Можеби само како лоша шлаканица, како спротивставување на нештата.

2 декември
„Кожурец“ | 19:30 | онлајн

Нов храбар обид за експериментирање на театарската група Артопија што повеќе од 4 години е симбол на слободен театарски израз, потрага по нов, со силна желба за искрено пренесување на сопствената емоција од другата страна на просцениумот. Работена според вистинска приказна, претставата „Кожурец“, во режија на Билјана Радиноска го отвора просторот на комплексните односи помеѓу премолчувањето и прозборувањето, барајќи го во театарскиот контекст јазикот да прозбори за внатрешните и надворешни механизми на сексуалната злоупотреба на децата. Претставата претставува своевиден емотивен пејзаж на една траума, преиспитување на репрезентацијата во театарот, збир на сцени, слики и песни, добиени како материјал од истражувачкиот процес.

3 декември
„Лоунли пленет“ | 18:00; 20:00 | МКЦ

Култното Ателје 212 го затвора 45. МОТ со обид оваа тешка состојба да ја преврти во тотална спротивност. „Лоунли пленет“ е претстава од имерзивен карактер, која се изведува на отворени и затворени простори, околу и во театарската зграда, намерно избегнувајќи го класичниот сценски простор, односно самата сцена. Преку колажната структура од пет авторски и изведувачки гласови, кои се испреплетуваат и се провираат едни со други, уметниците ја водат соодветно оддалечената публика на туристичка турнеја низ двете страни на паричката на утопијата и дистопијата на нашето (театарско) секојдневие.
Оваа претстава се одразува на светот на првата половина на 2020 година, додека истовремено се обидува да ги преиспита формите на театар што може да се случат и покрај вирусот, и следствено на тоа, потенцијалните форми на заедништво во јавниот простор на иднината.

 

Како последица на ситуацијата предизвикана од Ковид-19 во која се наоѓаме, тимот на МОТ го задржува правото на измени во распоредот на претставите.

Фестивалот е поддржан од Град Скопје.

Култура

„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors

Објавено пред

Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.

dobivaj vesti na viber

Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.

Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.

Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.

„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.

Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.

Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.

Прикажи повеќе...

Култура

Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија

Објавено пред

Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.

dobivaj vesti na viber

Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.

Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.

Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.

Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.

Целосна ПРОГРАМА

Прикажи повеќе...

Култура

Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо

Објавено пред

Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.

dobivaj vesti na viber

Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.

Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија10 часа

Детален список: каде целосно ќе се забранат сите видови цигари со новиот закон за заштита од пушење

Државата подготвува целосно нов и значително построг Закон за заштита од пушење, со кој драстично се заоструваат правилата за употреба,...

Македонија12 часа

Состојба по обилните дождови во Македонија: пресек на ЦУК до 18:30 часот

Центарот за управување со криви направи пресек на состојбата по обилните врнежи до 18:30 часот. Источен регион – Штип Во...

Македонија13 часа

УХМР: Водостоите остануваат високи, вечерва се очекува заладување и снег

Според податоците од хидролошките станици се уште е висок водостојот на река Сатеска, како и на река Коселска кој почнува...

Македонија14 часа

ЈСП Скопје: Ниските температури и снегот може да предизвикаат изменето сообраќање на автобусите

Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ги информира корисниците на јавниот превоз во Градот Скопје дека, поради ниските минусни температури и најавените...

Топ16 часа

18-годишникот кој со автомобил усмрти жена во Капиштец немал возачка, од Македонија избегал преку Табановце

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за – Тешки дела...

Македонија16 часа

Николоски на терен: Сите патишта се проодни, снегот редовно се чисти од Македонија пат

Сите патишта во државата се проодни благодарение на макотрпната работа на луѓето од Македонија пат, кои даваат се’ од себе...

Свет17 часа

Хамнеи ѝ нареди на Револуционерната гарда да ја преземе контролата: Иран во најголема готовност досега

Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, ѝ нареди на Револуционерната гарда да ја преземе главната улога во справувањето со протестите...

Свет18 часа

Сè што треба да знаете за протестите во Иран

Ако штотуку дознавте за растечките протести во Иран, имаме брз преглед на тоа што стои зад оваа тековна ситуација. Протестите...

Топ19 часа

18-годишниот возач кој вчера прегази жена во Капиштец избегал од државата, МВР распиша потерница

СВР Скопје поднесе кривична пријава против четири лица во врска со вчерашната сообраќајна несреќа на ул. „Народен фронт“ во Скопје...

Македонија20 часа

Денеска гласаат болните и затворениците пред повторните избори за градоначалници во четири општини

Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните...

Свет20 часа

(Видео) „Се враќам во земјата за да бидам со луѓето“ – синот на поранешниот шах на Иран повика на протести

Реза Пахлави, син на покојниот поранешен ирански шах, кој живее во Вашингтон, ги повика демонстрантите во Иран да продолжат со...

Европа20 часа

Растат цените на становите во ЕУ – Унгарија рекордер со зголемување од 275%

Во периодот од 2015 до крајот на 2025 година, цените на становите во ЕУ во просек пораснале за 63,6%, додека...

Свет21 час

(Фото+видео) Катастрофа во Викторија: беснеат стотици пожари, уништени куќи, илјадници без струја

Во австралиската сојузна држава Викторија во последните 24 часа избиле повеќе од 250 пожари, од кои 11 се класифицирани како...

Македонија2 дена

ЗНАМ: Однесувањето на Филипче предизвикува историски транфер на разочарани членови од СДСМ кон ЗНАМ

Иако Венко Филипче едновремено зборуваше за европската интеграција на Македонија, денес повторно покажува и докажува дека неговиот интерес е ограничен...

Економија2 дена

За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти

Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат...

Македонија2 дена

Снег и заладување низ земјава, од следната седмица утрински температури под -10

Утре претпладне ќе има повремени врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините....

Македонија2 дена

(Видео) Филипче: Техничката влада е единствената гаранција за чесни избори

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот брифинг со медиумите уште еднаш порача дека средба со криминалци нема да има...

Топ2 дена

Работник од Дебар загина по несреќа на градилиште, починал на пат кон болница

Работник од Дебар го загуби животот по несреќа на градилиште што се случила вчера претпладне. Како што било пријавено во...

Свет2 дена

Трамп: Го откажав вториот напад врз Венецуела

Претседателот на САД Доналд Трамп на платформата „Тру соушал“ ги пофали постапките на Венецуела по, како што наведе, невидениот упад...

Економија2 дена

МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка

Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон...