Култура
ОН организира натпревар во цртање одбележувајќи ја 75-годишнината од Универзалната декларација за човекови права
Одбележувајќи ја 75-годишнината од Универзалната декларација за човекови права, а во пресрет на претстојниот Ден на ОН (24 октомври 2023 година), семејството на ОН во Северна Македонија организира натпревар во цртање за деца и млади, на возраст од шест до 30 години.
Децата и младите од целата земја може да учествуваат на натпреварот во цртање за човекови права 2023 година. Целта на овој натпревар е да ја вклучи помладата генерација во застапувањето човекови права, да ја подигне нивната свест за важноста на заштитата на човековите права и придобивките што овие механизми ги носат за сите. Универзалната декларација за човекови права (УДЧП) е пресвртна точка во историјата на човековите права, донесена од Генералното собрание на Обединетите нации во Париз на 10 декември 1948 година како заеднички стандард на мерење на постигнувањата на сите народи и сите нации. Овој документ првпат ги поставува основните човекови права што треба да бидат универзално заштитени трасирајќи го патот за усвојување повеќе од седумдесет договори за човекови права, што денес имаат трајна примена на глобални и регионални нивоа.
„Кога зборуваме за човековите права, наша заедничка должност е да се погрижиме ничии права да не се прекршуваат и секој да има шанса да преживее, да напредува и да придонесе за развојот на нашето општество.
Со овој натпревар во цртање ги покануваме децата и младите да ни се придружат и да застанат во одбрана на човековите права (#StandUp4HumanRights)“, вели организаторот.
Датум на пријавување: од 25 септември до 10 октомври 2023 година.
Правила: Оригинален цртеж, кој ги слави придобивките што ги носат или може да ги донесат човековите права за секого, според Универзалната декларација за човекови права.
Цртежот треба да прикаже некои од придобивките што усвојувањето на човековите права, според Универзалната декларација за човекови права, може да ги има во животот и развојот на секој човек, а фокусот е на тоа како дополнително да се унапредат тие права за доброто на сите.
Конкурсот е отворен за сите заинтересирани лица на возраст од 6 до 30 години.
Секое испратено уметничко дело ќе биде прикажано за време на активностите за одбележување на Денот на ОН 2023 година на интернет, а цртежите на тројцата победници во шест возрасни групи (6-8; 9-11; 12-14; 15-17; 18-21; 22 -30) и цртежот на главниот победник ќе бидат испечатени како плакати. Ќе биде избран и најпопуларен цртеж врз основа на добиените лајкови на нашата фејсбук-страница во периодот на објавување од 11 до 18 октомври 2023 година.
Изложбата на дваесетте цртежи ќе биде организирана во Музејот на современата уметност во Скопје почнувајќи од 24 октомври 2023 година, каде што ќе бидат прогласени победниците на конкурсот.
„Како да се пријавите? Ова е најлесниот дел. Сè што треба да направите е да ја следите фејсбук-страницата на ОН за Северна Македонија, да го нацртате вашето ремек-дело, да го фотографирате (по можност со висок квалитет во .jpg-формат), да ни го испратите преку порака на „Фејсбук“. Наведете ги името, презимето и возраста на авторот, краток опис на цртежот и информации за контакт (за лица над 18 години) или информации за контакт на родител/старател (за лица под 18 години)“, истакнуваат организаторите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе биде прикажан во македонскиот КИЦ во Софија
Во македонскиот КИЦ во Софија на 29 јануари (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, дело на Гоце Цветановски – режисер и сценарист.
Премиерата на филмот во Софија се одржа минатата 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот Центар.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст, допринесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.

