Култура
Оригинално претставување на современата македонска книжевност на Саемот на книгата во Франкфурт 2025
По петти пат, Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) годинава ќе ја претставува современата македонска книжевност на 76. издание на Саемот на книгата во Франкфурт, кој се одржува од 15 до 19 октомври.
Креативниот концепт на овогодишното претставување на македонската книжевност на најголемиот светски саем во областа на издаваштвото се потпира на мотото „Читај во 7/8. Приказни со единствен ритам.“ Со специјално изработен штанд за оваа намена, на простор од 32 квадратни метри, нашата земја и оваа година ќе се претстави во меѓународната четврта хала.
Македонската асоцијација на издавачи во периодот од завршувањето на нашиот Саем на книгата досега работеше паралелно на неколку проекти. На саемот ќе се претстават околу 70 автори кои се застапени во двата каталози – каталогот на книжевност за возрасни и каталогот на книжевност за деца, како и, за првпат, 20-тина илустратори, кои исто така се застапени во каталогот за деца. На штандот ќе бидат изложени голем дел од застапените дела во каталогот, како и делата на англиски јазик што се преведоа за ланското претставување на овој саем.
Врз основа на искуството од минатите години, а со цел поголема достапност на подготвените промотивни содржини за нашите автори и илустратори, оваа година МАИ изработи и нова веб-страница: www.mai.org.mk/macedonian-literature.
На веб-страницата модерно и прегледно електронски се претставени авторите и нивните најзначајни и најнови дела, награди и меѓународни успеси, потоа илустраторите со нивни репрезентативни илустрации, а имаме и регистар на издавачите членки на МАИ. Со ова, поставуваме основи на една значајна база на податоци за нашата книжевност, која ќе ја надградуваме секоја година – нешто што е неопходно да го имаме во денешната дигитална ера, вели Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи.
Современата македонска книжевност на саемот ќе ја промовира седумчлена делегација на МАИ. Нашите издавачи најголемиот и најпрестижниот книжевен саем ќе го искористат за промоција на нашата современа книжевност преку бројни деловни средби, а на два настана ќе учествува нашата писателка за деца Билјана С. Црвенковска.
Веќе традиционално, на 15 октомври – првиот, најпосетениот и највозбудливиот саемски ден, под покровителство на винарницата „Камник“, МАИ ќе организира коктел-забава за вмрежување со досегашните и идните соработници.
Саемот на книгата во Франкфурт е најголема и најпосетена манифестација од овој тип во светот. Оваа година тој се одржува по 76-ти пат. Почесна земја-гостин е Филипини. На саемот ќе се одржат околу 4.000 настани (промоции и панел-дискусии), ќе присуствуваат 10.000 новинари и 7.500 претставници на делегации на изложувачите од над сто земји, а бројот на очекувани посетители е над 230 илјади.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Комеморација за актерката Ленче Делова во Драмски театар Скопје
Драмски театар Скопје информира дека комеморацијата за актерката Ленче Делова ќе се одржи на 19 февруари (четврток) во 10 часот во Драмски.
Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите достоинствено со збор, сеќавење, фотографија и снимка ќе се потсетат на кариерата на македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова.
Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Ленче Делова почина на 15 февруари на 77 годишна возраст.
Култура
Со проекцијата на „Романот за Џим“ почнуваат редовни месечни кино средби на француски филмови
Францускиот институт во Скопје известува за првото издание на месечните „Кино средби” во Кинотека, каде што ќе се прикажуваат современи француски филмови како и големи класици на француската кинематографија.
Овие кино средби започнуваат со проекцијата на „Романот за Џим“ (2024), од Арно Ларје и Жан-Мари Ларје, со Карим Леклу, Летиција Дош и Сара Жиродо, в четврток, 19 февруари 2026, 20:00 часот, Кинотека.
Премиерно прикажан на Филмскиот фестивал во Кан 2024, филмот беше номиниран за наградите Lumières de la presse étrangère за најдобар филм и најдобар актер, а Карим Леклу доби Цезар за најдобар актер 2025.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.

