Култура
Отворено јубилејното 40. издание на „Браќа Манаки“
Вечерва во Битола почна 40. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Фестивалот го отвори претседателот на држвата, Стево Пендаровски, кој е и покровител на манифестацијата.
Пред почетокот на фестивалот беше поставен перформанс од режисерот Срѓан Јанаќијевиќ. Во преполната сала, наградата „Златна камера 300“ за животно дело му беше врачена на светски познатиот американски директор на фотографија, Едвард Лакман.

Наградата му ја додели претседателот Стево Пендаровски, а публиката го поздрави со громогласен аплауз. Лакман се заблагодари за наградата и рече дека сакал со години да дојде на фестивалот.
„Можеби се чини дека добивањето на наградата е завршница, но тоа е постојан процес на учење“, рече Лакман.
Во Битола се и филмските ѕвезди: Хозе Луис Алкаинe, директор на фотофрафија на филмот „Болка и слава“ од Педро Алмодовар, со кој беше отворен фестивалот во битолскиот Центар за култура.
Директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска, рече дека за нив, овој филм на Алмодовар е морален победник на фестивалот во Кан.
Алкаине рече дека е задоволен што е во Битола на фестивалот.

Во киносалата меѓу гостите е и ирскиот режисер и филмски драматург, Џим Шеридан, кој и’ се обрати на публиката на почетокот на фестивалот.
Филмовите кои се во конкуренција ги оценува меѓународно жири предводено од Лакман.
Со одлука на Друштвото на филмски работници наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ му беше врачена на композиторот Љупчо Константинов.
Интернационалниот фестивал на филмската камера во Битола е најстариот фестивал во светот посветен на директорите на фотографија. Првпат фестивалот се одржа во 1979 година во чест на браќата Јанаки и Милтон Манаки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“

