Култура
Отворен повик за пријавување на работилницата „Вовед во дизајнот на светлото и креативната комуникација“ со Крис Јегер

Македонскиот народен театар објавува отворен повик за учество на петдневната работилница „Вовед во дизајнот на светлото и креативната комуникација“. Работилницата ќе се одржи во просториите на Македонскиот народен театар од 26 до 30 ноември под менторство на британскиот театарски дизајнер на светло, Крис Јегер.
На предавањата ќе бидат опфатени претставите „Ничија земја“ во режија на Александар Морфов и новата претстава „Галеб“ во режија на Нина Николиќ за која дизајнот на светлото ќе го подготвува Крис Јагер.
Учесниците на работилницата ќе имаат можност по осум часа дневно да присуствуваат на работата при поставувањето на „Галеб“ во Македонскиот народен театар, а на крајот на работниот ден ќе може да гледаат проба на претставата. Исто така, постои можност неколку учесници да присуствуваат за време на поставувањето, фиксирањето и осветлувањето на театарската сцена за претставата „Галеб“.
Бројот на учесници, односно бројот на пријавените кандидати, е ограничен до 20, а тие треба да имаат високо познавање на театарската уметност, како и професионален ангажман во областа на дизајнот на светло и креативното размислување.
На работилницата може да се пријават и режисери и сценографи, со цел тие подобро да ја разберат улогата на дизајнерот на светло и тимското работење на авторскиот тим. Котизацијата за работилницата е 3.000 денари (50 евра), а заинтересираните може да се пријават од 10. 10. 2018 до 10. 11. 2018 г. Покрај кратката биографија, во прилог на пријавата треба да се достави и мотивациско писмо од максимум една страница.
Пријавите се доставуваат на: [email protected]. Кандидатите ќе бидат известени за резултатите од конкурсот најдоцна до 15. 11. 2018 г. Работилницата ќе се одржи на англиски јазик и ќе биде со интернационален карактер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Започнаа пробите на претставата „Лов на дива свиња“

Македонскиот народен театар од Скопје и Градското позориште од Подгорица потпишаа Меморандум за соработка за продлабочување на културната и уметничката размена меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Претставувани од директорите Никола Кимовски и Сандра Вујовиќ, двете институции ја изразија својата подготвеност за заедничка работа во областа на театарот, културата и уметноста.
Меморандумот предвидува размена на театарски претстави, реализирање заеднички копродукции, спроведување едукативни програми, како и соработка во областа на техничката и логистичката поддршка, маркетингот и промоцијата на заеднички проекти. Целта е воспоставување долгорочна и одржлива соработка, со редовна комуникација и координација при реализацијата на предвидените активности.
Овој документ претставува значаен чекор кон унапредување на регионалната културна поврзаност и зацврстување на меѓународната соработка во уметничката сфера.
„Македонскиот народен театар и натаму продолжува да создава во духот на мојата визија и стратегија – создавање театар отворен за сите, современ театар кој постојано вмрежување, остварува институционални и меѓународни соработки, со цел развој на современиот театар во Македонија и регионот“, изјави директорот Никола Кимовски.
Првата меѓународна соработка започнува со реализацијата на претставата „Лов на дива свиња“, чиј автор е црногорската современа писателка Марија Сарап, а режијата е на македонската режисерка Наташа Поплавска.
Претставата ќе се реализира во копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје.
Во претставата учествува актерска екипа од двете земји: Ана Стојановска, Искра Ветерова и Мина Јелушиќ Јериниќ од Македонија, како и Ѓорѓе Татиќ и Вукан Пејовиќ од Црна Гора.
Претставата „Лов на дива свиња“ премиерно ќе биде изведена на 19 јули во рамки на фестивалот „Скопско лето“, а премиера во Подгорица, Црна Гора, е планирана за септември.
Претставата е дел од Националната програма за култура за 2025 година и финансиски е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и од Градот Подгорица, Црна Гора, како и од компаниите: „Виталиа“ од Скопје, хотелот „Мериот“ и рестораните „Дистрикт“, „Тренд“ и „Шпајз“.
Култура
Изложба на пастели од Илија Спасов-Чендо

На 19 јуни, во 13 часот, во Културно-информативниот центар – Скопје, ќе биде отворена изложбата на слики изработени во техниката пастел од академскиот сликар Илија Спасов Чендо
Илија Спасов – Чендо
Роден е во Неготино. Дипломирал на ФЛУ Скопје. Член е на ДЛУМ. Добитник е на наградата за сликарство „Лазар Личеновски„ 2011. Самостојно изложувал во Скопје, Софија, Битола , Белград, Нови Сад, Дубровник, Кавадарци и Неготино. Учесник е на повеќе групни изложби. На изложбата авторот ќе се претстави со 25 пастели изработени во последните две години.
Изложбата ќе биде отворена до 01.07.2025 година.
Култура
Промоција на поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков

Поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков во издание на „Фуснота“ ќе биде промовирана денеска во кафе-книжарница „Буква“ со почеток во 19:00 часот.
Промоторка на книгата е проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, главен уредник е Маја Којчева Величкова, лектура: Елизабета Коневска, дизајнот на корицата изработи Мите Спасовски, а извадоци од романот ќе чита Светла Јакшиќ.
Книгата е објавена со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.