Култура
Отворен филмскиот фестивал „Преку езерото“ во Дојран
Со српскиот филм „Летото кога научив да летам“ на Радивоје Андриќ од Србија се отвори неофицијалната програма на фестивалот на медитеранскиот и балканскиот филм „Преку езерото“ во Дојран.
Станува збор за семејна приказна видена низ очите на едно девојче. Таа го истражува тој особено интересен момент од животот кога детството завршува и почнуваат новите возбудливи времиња.
Како дел од првата фестивалска вечер, актерката Елена Трајковска имаше кратко едукативно шоу за децата за филмот како медиум. А најмалите уживаа и во детска анимирана фестивалска програма.
Специјалната програма на „Преку езерото“ оваа година во фокус ги има српскиот современ филм и кинематографија. Србија е земјата од каде што почнуваат тенденциите во балканскиот и медитеранскиот филм.
„Српските филмаџии се храброста во светот на филмот. Филмските слики што доаѓаат од Дунав секогаш се влеваат во Црното Море, а оттаму во Средоземното Море и стануваат бран што ги поплавува сите медитерански филмаџии и љубители на филмот. Во ова специјална селекција ќе видиме три нови српски филма. Првиот филм е за деца и млади, вториот за возрасни, а третиот за сите Балканци и Медитеранци, кои ќе уживаат во љубовна драма од минатото“, информираат организаторите.
Целиот концепт на „Преку езерото“ е на филмскиот режисер и продуцент Јани Бојаџи.
Фестивалот продолжува и следните денови, до 23 јули, со селекција на најдобрите филмски остварувања во светот на подвижните слики на Балканот и Медитеранот од срцето на Европа.
Вечерва, во 20.30 часот, проекција ќе има филмот „Името на народот“, на српскиот режисер Дарко Баиќ. Филмот го следи животот на српскиот патриот и интелектуалец Светозар Милетиќ и неговото семејство за време на борбата за ослободување на српскиот народ од австроунгарското угнетување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.
Култура
Распишани конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“
Денеска се распишани конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2024 година.
Со државната награда „11 Октомври“ се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес на државата. Наградата се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава.
Со државната награда „22 Ноември“, пак, се оддава признание на личностите од политичкиот, културниот и општествениот живот во нашата држава кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебно разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2024 година траат од 1 до 31 мај 2024 година.
Конкурсите се објавени и на веб–страницата на Министерството за култура на следните линкови:
Државна награда „11 Октомври“ – https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2023/10/odluka-3.pdf
Државна награда „22 Ноември“ – https://kultura.gov.mk/22-%d0%bd%d0%be%d0%b5%d0%bc%d0%b2%d1%80%d0%b8/
Култура
Мајските оперски вечери немаат никакви примеси на економски ниту политички стремеж, организаторите го најавија 52-рото издание
Мајските вечери немаат никакви економски ниту политички стремеж, еден ваков уникатен собир ќе го обележи и Скопје и Македонија, соопштија организаторите на прес-конференција.
„Оваа манифестација датира од крајот на 60-тите години. Тогаш имало криза со публика, која не била изразена само во Скопје. Во првите години мајските оперски вечери се празни, но со текот на годините заинтересираноста расте“, изјавја организаторите.
Како што велат оттаму, ова е еден од најголемите фестивали во регионот и со квалитетна програма сите овие години.
„Оваа година ќе има екслузивна програма. Очекуваме одлични резултати“, додаваат оттаму.
Реномираниот македонски режисер Иван Поповски, со успешна кариера во Русија, ја поставува операта „Трубадур“ од Џузепе Верди, со чија премиера ќе се отворат 52. Мајски оперски вечери (МОВ) на 9 мај во Националната опера и балет (НОБ). Диригент ќе биде Енрико Довико (Италија), сценографијата ја работи реномираниот Миодраг Табачки од Србија, костимите Марија Пупучевска, а кореографијата Саша Евтимова.
Во рамките на 52. Мајски оперски вечери, во фоајето на Националната опера и балет, од 9 до 31 мај ќе биде поставена и изложбата „Оперска одисеја“ – наследството на Милка Ефтимова. Изложбата ќе ја сочинуваат донирани лични предмети од движно материјално и нематеријално културно наследство, класифицирани во категоријата лични предмети како и голем број награди, признанија, уметнички портрети и фотографии кои во детали ја прикажуваат нејзината богата музичка кариера.
„Оперска одисеја“ е резултат на институционалната соработка помеѓу Музејoт на македонската борба за самостојност и Националната опера и балет. Автор на изложбата е Василија Чали, соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.