Култура
Официјално отворање на третиот „Галичник филм фестивал“
Овој викенд центарот на универзумот ќе биде Галичник! Извезен под ѕвезденото небо на недопрената галичка убавина на височина од 1.500 м2, денес ќе биде свеченото отворање на третиот по ред „Галичник филм фестивал“. Викенд во природа, богата филмска програма еднаква на големите помпезни филмски фестивали и добра музика, спакувани во три-дневна магија надвор од хаосот на градот!, најавува организаторот.
Според најавите, филмови кои ни доаѓаат директно од Cannes Film Festival, Oscars, Sundance, IDFA, Toronto International Film Festival, Locarno Film Festival, овој викенд ексклузивно ќе бидат проектирани за префинетото око на љубителите на кинематографијата. Официјалната селекција со 23 краткометражни филмови од цел свет, ќе сместени во следните категории: играни краткометражни филмови, документарни краткометражни филмови и анимирани краткометражни филмови. Како дел фестивалот, по завршувањето на проекциите следи музичка програма за уште поголемо уживање под богатото соѕвездие на галичкото небо.
Како дел од жири-комисијата оваа година се актерот Никола Ристановски, режисерката и сценаристка Елеонора Вениновa и режисерот Георги М. Унковски, победник на минатогодишниот „Галичник филм фестивал“ со филмот „Налепница.“
Третиот „Галичник филм фестивал“ несомнено ќе биде огромен предизвик за изострениот вкус на овие големи уметници имајќи го предвид фактот дека оваа година во игра се неверојатни 23 филмови кои секој на свој начин доаѓаат со својата единственост и уметничка тежина, но и позадина на веќе нанижани признанија ширум светот.
Како дел од „Галичник филм фестивал“, од 3 до 5 август, беше одржана „Ексју“ работилницата за краткометражни сценарија под водство на Дејан Дуковски, во рамки на истата учество земаа 5 проекти: „Дали е тетка Божана, тато?“ – Ева Камчевска и Небојша Јовановиќ – Македонија, „Не е добар ден за паркирање“ – Филип Лафазановски – Македонија „Базен-дупка“ – Ана Вуќичевич – Србија, „Брат и Мајка“ – Александар Вујович – Црна Гора, „Цут“- Тамара Брочич.
Повикувајќи се на традицијата за филмски проекции во старото кино, во чест на минатото кога со магариња од Јанче се носеле филмските ленти, и со носталгија за тоа како кровот во старото кино татне да чуе макар уште еден галички аплауз за некој нов филм, овој викенд бидете дел од кинематографското соѕвездие.
Фестивалот е поддржан од Агенција за филм на Република Северна Македонија, а го реализираат „Дарма филм“ и МЗ Галичник. Програмата на „Галичник филм фестивал“ е бесплатна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Патување низ различни музички светови со осмомартовскиот концерт на „Охридско лето“
По повод 8. Mарт, Денот на жената, во организација на НУ „Охридско лето“ ќе се одржи свечен осмомартовски концерт со настап на гитаристот Дејан Милевски. Концертот, кој ќе се одржи на 7. март во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 20 часот, ќе понуди богата стилска палета, од барокна елеганција, преку романтична лирика, до шпански и латиноамерикански музички колорит, создавајќи свечена атмосфера достојна за одбележување на празникот на жената. Влезот за концертот е слободен.
„Овој концерт претставува музичка честитка за сите жени. Преку убавината на класичната гитара и преку делата кои истовремено носат нежност, страст и сила сакаме да ја пренесеме токму таа симболика. Веруваме дека културата и уметноста се највисоката форма на оддавање почит, а овој концерт е симболичен, но искрен гест на благодарност кон сите жени. „Охридско лето“ останува доследно на својата мисија да создава настани што афирмираат вредности и почит преку врвната уметност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно одбрана музичка програма со делата на Агустин Бариос Мангоре, Франсоа де Визе, Антонио Хименес Мањон, Астор Пјацола, Мигел Љобет, Франц Шуберт, Јохан Каспар Мерц и Хоакин Малатс.
„Програмата нуди патување низ различни музички светови, од префинетата барокна елеганција на Франсоа де Визе, преку романтичната лирика на Шуберт и Мерц, и шармот на шпанската традиција кај Мањон, Љобет и Малатс, до страствените ритми на латиноамериканската гитара со Бариос и Пјацола“, вели Цуцковски.
Дејан Милевски е роден 1996 година во Охрид, Македонија. Своето музичко и гитарско образование го започнува на единаесетгодишна возраст во државното музичко училиште во Охрид во класата на проф. Александар Крстаноски. На четиринаесет години музичкото образование го продолжува во државното средно музичко училиште во Скопје (ДМБУЦ) како музичар изведувач- гитара во класите на проф. Дарко Багески и проф. Борче Наумоски.
За време на своите средношколски денови, Дејан освојува неколку награди на државни и интернационални натпревари по гитара. Истовремено е дел од неколку камерни состави со инструменталисти и соло пејачи, со кои настапува на многу настани во средното музичко училиште, но и надвор од него.
Во 2017 година го положува приемниот испит за додипломските студии на Факултетот за музика и танц во Келн, Германија, а во 2021 дипломира со највисоката оцена. Веднаш по завршниот испит го положува приемниот испит за магистерските студии на истиот факултет во Келн, Германија (“Hochschule für Musik und Tanz-Köln”) во класата на професорот Герхард Рајхенбах, а во 2024 година магистрира со највисокото признание.
Има учествувано на многу познати народони и меѓународни гитарски фестивали и натпревари како Guitar Art Festival Belgrade, Sarajevo Guitar Festival, Peja Guitar Festival- Kosovo, Gorizia Guitar Competition (Италија) и Tirana Guitar Festival, каде има освоено неколку награди.Исто така, учествувал и на многу семинари со реномирани професори и уметници од светската сцена.
Од 2019 до 2021 година предава класична гитара во музичкото училиште во Линторф, Германија, а во 2020 до 2022 година започнува да предава и да го води гитарскиот оркестар и во музичкото школо во Шпрокховел, Германија.
Дејан Милевски има настапувано на многу концерти во Македонија, Австрија, Италија, Германија, САД. Од 2022 година е вработен како професор по гитара во музичкото училиште „Helmut Schmidinger” во Грац, Австрија.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.

