Култура
„Парусион“ во МКЦ: Авторски фјужн звук во срцето на живиот ритам
Групата „Парусион“ на 28 јануари, со почеток во 20:15 часот, ќе одржи концерт во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, најавувајќи вечер посветена на авторската музика, современиот фјужн израз и ритамот како главен носител на музичката мисла.
Формиран во 2003 година во Скопје, ансамблот „Парусион“ е предводен од Михаил Парушев – композитор и тапанар чија музичка визија се движи низ различни жанровски слоеви, од акустични и електрични звучни пејзажи, преку полиритмија, до современ фјужн пристап што ги спојува импровизацијата, јасната форма и живата сценска енергија. По повеќе од две децении активна концертна работа, „Парусион“ функционира како отворен колектив во кој секој музичар активно учествува во обликувањето на заедничкиот звук.
Во актуелната концертна постава, покрај Михаил Парушев на тапани, како постојан член од 2003 година се издвојува гитаристот Зоран Костадиновски, чиј израз комбинира ритмичка стабилност и експериментален пристап. Останатите музичари се приклучуваат на „Парусион“ во различни периоди, носејќи свои индивидуални сензибилитети и проширувајќи ја звучната палета на ансамблот преку труба, саксофон, пијано, бас и перкусии.
Звучната слика на ансамблот ја надградува трубата на Трајче Велков, која внесува јасни мелодиски линии и динамична боја, додека саксофонот на Петар Колевски се движи меѓу џез-фрази и слободна импровизација. Гитарскиот слој на Костадиновски се движи меѓу прецизна ритмика и истражувачки пристап, а пијаното на Јован Цветковиќ претставува хармонски и структурен столб на ансамблот. Бас линијата на Иван Бејков ја заокружува целината со длабока и стабилна основа, додека Горан Трајков со тарабука и перкусии дополнително го проширува ритмичкиот спектар, внесувајќи етно и ориентални нијанси во фјужн контекстот.
![]()
Роден во 1976 година во Скопје, во семејство на музичари, Михаил Парушев уште од најрана возраст го гради својот однос со ударните инструменти. Ритамот станува негов прв јазик уште на четиригодишна возраст, а на шест години тапаните веќе се негов примарен израз. Своето формално музичко образование го заокружува со дипломирање на Факултетот за музичка уметност во Скопје, што му овозможува стабилна основа врз која развива слободен, истражувачки и авторски пристап.
Неговиот талент е рано препознаен – во 1992 година е прогласен за најдобар тапанар на Скопскиот рок фестивал, а од 1989 година па сè до денес континуирано настапува на домашната и меѓународната сцена, искуство што директно се влева во звукот и сценската енергија на „Парусион“.
Авторскиот фокус на Парушев е потврден и со солистичкиот албум „Агол“, издаден во 2022 година, кој дополнително го нагласува неговиот интерес за ритамот како самостоен, но и фјужн елемент во поширок музички контекст. Во рамки на концертот во МКЦ, ансамблот ќе изведе авторски композиции што постојано се трансформираат на сцена, оставајќи простор за импровизација, дијалог и жив контакт со публиката.
Паралелно со тековните настапи, „Парусион“ продолжува да работи на нов авторски материјал и современи обработки на традиционални македонски песни, истражувајќи ја тенката линија меѓу музичкото наследство и модерниот фјужн израз.
Концертот во МКЦ е наменет за публиката што бара авторска, современа и жива музика – каде фјужнот не е стилска формула, туку процес во движење, а ритамот колективен јазик што се создава во моментот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

