Култура
Патувачкото кино во Кочани и Оризари, следува 12. фестивал „Македокс“ во Скопје, од19 до 26 август
Патувачкото кино на „Македокс“ минатиот викенд (9 и 10 јули) беше во Кочани и Оризари. Со тоа се изодени три-четвртини од годинашното патешествие. Следниот киновикенд на Патувачкото кино ќе се одржи на 3 и 4 септември во Виница и с. Пекљани, а во меѓувреме, од 19 до 26 август, ќе се одржи 12. издание на фестивалот „Македокс“ во Скопје.
Проекцијата на Патувачкото кино во Кочани се одржа во паркот пред Домот на културата „Бели мугри“, непосредно до течението на Кочанска Река. Паркот е вечерно шеталиште на жителите на градот и тие сосема спонтано ја пронајдоа локацијата на која беше поставено филмското платно. Кочани има убава традиција на урбана култура. Меѓу најпознатите културни настани е Драмскиот аматерски театар (ДАФ), што веќе 58 години се организира во Кочани. Патувачкото кино на „Македокс“ практично беше дел од тридневна културна програма во која, покрај проекцијата на документарни филмови, беше отворена ретроспективна изложба на македонски носачи на звук, концерт на групата „Суперхикс“ и летна регионална берза на винили, со што Кочани минатиот викенд беше културен центар на Истокот.
Непосредно до Кочани се наоѓа Оризари. Дури откога пристигна во местото екипата на Патувачкото кино сфати една своја ненамерна грешка најавувајќи ја проекцијата во „село“ Оризари. Имено, оваа населба веќе има добиено градски и урбан лик. Манирите на благородна скромност и пријатна гостољубивост се дел од карактерот на мештаните. Децата од Оризари први го изразија своето искрено љубопитство и го „окупираа“ дворот на детската градинка „Кокичиња“, каде што се одржа проекцијата. За мештаните на Оризари не е новост да бидат присутни на кинопроекција, бидејќи и самите имаат киносала во здружниот дом, но нивното кино не работи веќе со години, а Патувачкото кино на „Македокс“ беше можност барем во една вечер да се потсетат на некои минати времиња. Во реализацијата на проекцијата екипата на „Македокс“ имаше срдечна поддршка и од основното училиште „Крсте П. Мисирков“ во Оризари.
Следниот киновикенд на Патувачкото кино ќе се одржи на 3 и 4 септември во Виница и с. Пекљани, а во меѓувреме, од 19 до 26 август, ќе се одржи 12. издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ во Скопје. На веб-сајтот и на ФБ-профилот на „Македокс“ веќе може да се најдат отворениот повик за волонтери, како и повикот за продуценти/автори на документарен филм за учество на Макекопродокс форумот за 2021 година.
Патувачкото кино на „Македокс 2021“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Општина Кратово, Општина Кочани, Општина Штип, Општина Виница и Центарот за развој на Источен Плански Регион.
Медиумски покровители на Патувачкото кино и фестивалот „Македокс“ се Слободен печат, Нова Македонија, МКД.мк, УМНО, СДК.мк, Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-Магазин, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф радио, Плагиј.ат, Его, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Лице в лице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Романтичниот балет „Жизел“ на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари
Еден од балетските бисери на класичниот репертоар – „Жизел“ од Адолф Адам ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари со почеток во 19.30 часот.
Диригент е Едуард Амбарцумјан (Ерменија), кореографијата е по Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски, во адаптација на Ирена Пасариќ (Хрватска). Костимограф е Александар Ношпал, сценографијата е на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а дизајнот на светло е на Милчо Александров.

Во насловната улога – Жизел настапува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Алберт – Балаж Лочеи, како Мирта настапува Илијана Данилов, а во улогата на Хиларион – Бобан Ковачевски, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Едно од најпознатите дела од класичниот балетски репертоар, „Жизел“ ја раскажува приказната за љубовта, измамата и прошката, која во вториот чин се одвива во светот на вилите. Лиричната музика и препознатливата кореографија го прават балетот постојано присутен на светската и домашната сцена.

Премиерно изведен во Париз во 1841 година, балетот „Жизел“ се смета за врв на романтичниот балет, особено по прочуениот „бел чин“ – еден од најпрепознатливите симболи на класичната балетска естетика.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.

