Култура
Патување низ шпанската кинематографија во Кинотеката: Универзални човечки приказни преку уникатниот визуелен јазик на Саура, Аменабар и Дела Иглесија
Недела на шпански филм (18-23 ноември) во Кинотека на Македонија претставува прекрасно патување низ различни епохи на шпанската кинематографија, претставувајќи класични и современи дела на некои од најпознатите режисери. Оваа филмска недела, посветена на шпанскиот филм, ги обединува богатите теми и стилови од 1950-тите, преку револуционерната енергија на 1970-тите, до современите, постмодернистички визии од 2000-тите години. Посебно внимание ќе биде посветено на делата на легендарните Карлос Саура, Алехандро Аменабар и Алекс де ла Иглесија.
Карлос Саура, еден од најзначајните автори на шпанската кинематографија, ќе биде претставен со некои од своите најпознати дела од 70-тите години. Саура ги користи филмот и танцот како медиуми за да ги изрази политичките и социјалните конфликти на своето време, истражувајќи ги шпанската историја и култура преку извонредни визуелни прикази и драматични елементи. Неговите дела се длабоко вкоренети во шпанската култура, но истовремено универзално разбирливи, бидејќи ги истражуваат вечните теми на слободата, љубовта и страдањето.
Од 2000-тите, ќе бидат прикажани филмовите на Алехандро Аменабар и Алекс де ла Иглесија, едни од најталентираните современи шпански режисери. Филмот „Mar Adentro” кој ќе биде прикажан на големото платно во Кинотека, ќе ја воодушеви публиката со својата длабочина, емоционалност и филозофски прашања. Аменабар мајсторски ги комбинира трилерот и драмата, а истражува теми како смртта, страдањето и човечката психа. Неговата визуелна иновативност и емотивна искреност ги прават овие филмови извонредно впечатливи.
Алекс де ла Иглесија, познат по својот уникатен стил кој ги спојува црниот хумор и надреализмот, ќе биде претставен со својот незаборавен трилер „Ferpect Crime“. Де ла Иглесија ја комбинира сатиричната критика на современото општество со напнати и апсурдни ситуации. Неговите филмови се полни со енергија и визуелни пресврти, предизвикувајќи ја публиката да размислува за границите на моралот, амбицијата и општествените норми.
Неделата на шпански филм 2024 во Кинотека на Македонија е ретка можност да се види разновидноста на шпанската кинематографија, од класични до современи дела. Ова патување низ времето и жанровите ќе им овозможи на гледачите не само да ги запознаат културните и историските контексти на Шпанија, туку и да ги искусат универзалните човечки приказни, обработени преку уникатниот визуелен јазик на големите режисери како Саура, Аменабар и Де ла Иглесија.
Неделата на Шпански филм е во организација на Амбасадата на Кралството Шпанија и Кинотека на Македонија.
Селектор на програмата: Бојан Станишиќ, Уредник на филмската програма при Кинотека.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.

