Култура
Петтото издание на „Златна рамка“ збогатено со социјалната програма „Фокус“
Оваа година проекции ќе има за студентите во Студентскиот дом „Гоце Делчев“ на 20 април, за затворениците во Казнено-поправниот дом во Шуто Оризари на 21 април и за штитениците во Домот за стари лица „Мајка Тереза“ – Скопје на 22 април.
Петтото издание на „Златна рамка“, ревија на македонски филмови во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), ќе се одржи од 20 до 22 април во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар и Кинотеката на Македонија. Оваа година ќе бидат прикажани вкупно 13 филма од минатогодишната продукција, од кои три долгометражни филма, три документарни и седум краткометражни филма.
Исто како и минатата година, „Златна рамка 2023“ ќе продолжи со спроведување на социјалната програма „Фокус“, која е наменета за публиката која од разни социјални ограничувања не може да ги посети киното „Фросина“ и Кинотеката. Водејќи се од ова сознание, ДФРМ одлучи филмот да го донесе пред оние граѓани во институциите каде што се затекнати поради разни околности (пензионерски домови, затвори, болници, домови за деца, казнено-поправни домови итн.).
Филмската уметност им припаѓа на сите, без исклучок. Филмот, од самата негова појава пред речиси 130 години, сè до денес е постојан придружник на современиот човек, без разлика на неговиот материјален, образовен и социјален статус. Но, за жал, а особено на овие наши простори, постојат извесни групи граѓани кои од разни причини се социјално маргинализирани, изолирани и спречени да восприемаат филмска уметност, што во современиот свет претставува елементарно човеково право, без разлика на статусот на секој еден од нас.
Водени од мотото „Ако вие сте спречени да дојдете на филм, ние филмот ќе го донесеме кај вас“, годинашната „Златна рамка“ ќе биде одбележана со организација на проекции во рамките на установи и институции каде што живеат или престојуваат лица што не може да одат во кино, ниту да посетат филмски фестивал или друг вид настан. Овие дисперзирани проекции како дел од „Златна рамка 2023“, а поместени во рамките на социјалната програма, во иднина ќе бидат надградени со инвентивни работилници и проекции чија крајната цел е инклузивноста на маргинализираните групи на граѓани во тековите на културниот живот.
Оваа година проекции ќе има за студентите во Студентскиот дом „Гоце Делчев“ – на 20 април, за затворениците во Казнено-поправниот дом во Шуто Оризари на 21 април и за штитениците во Домот за стари лица „Мајка Тереза“ – Скопје на 22 април. В четврток (20 април), со почеток во 18 часот, во Студентскиот дом „Гоце Делчев“ ќе бидат прикажани краткометражниот филм „Бесцента“, во режија на Дејан Јованов, и долгометражниот „Мими“, режиран од Даријан Пејовски. В петок (21 април) во КПД во Шуто Оризари (почеток 18 часот) на програмата ќе бидат краткометражниот „Синиот час“ на Ана Јакимска и долгометражниот Најсреќниот човек на светот“, во режија на Теона Стругар-Митевска, а в сабота (22 април) во Домот за стари лица „Мајка Тереза“, исто така со почеток во 18 часот, ќе бидат прикажани краткометражните филмови „Си беше еднаш еден звук“, во режија на Огнен Шапковски и „Фениксот од Кавадарци – Васил Хаџиманов“, режиран од Мишо Нетков.
Друштвото на филмските работници на Македонија верува дека филмската уметност и нејзината повеќекратна семантичка димензија е благороден начин на комуникација и можност за подобрување на животот и на оние луѓе што судбината од разни причини ги ограничила во нивното движење, дејствување и желба за социјална интеграција. Оваа социјално одговорна програма е иницијатива на „Златна рамка“ и ќе се практикува и во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Симфонија на трајни вредности: концерт на Мизар и Хармосини во Македонска филхармонија
Концертот на култниот „Мизар“ и хорот „Хармосини“ ќе се одржи на 12 мај во Македонската Филхармонија, со почеток во 20:00 часот.
Концертот на „Мизар“ е сѐ само не обичен музички настан, тоа е оживување на емоција чија музика и порака те будат како стрелба од длабок сон кој одекнува како глас меѓу најпрефинетите познавачи на музика во поширокиот регион, велат организаторите на концертот.
„Мизар не е само музика. Мизар е повеќе од еден обичен рок-бенд. Мизар е борба, пркос. Мизар е еден од бедемите на македонската музика, култура и национален идентитет”, порача Зоран Митровиќ од „Чув-Де-Чув“ – организатор на настанот.
„ЕКОТИП, во своето 26-годишно постоење, секогаш ги поддржувал иновациите, одржливиот развој но и вистинските и трајни вредности. Главен мотив за иницирање и поддршка на овој, за многумина долгоочекуван настан, е нашата мисија за негување и промоција на културата како ‘ѕвезда водилка’ и двигател на алтернативните начини на размислување, креативност и севкупното воздигнување”, изјави основачот и сопственик на ЕКОТИП, Илија Андреевски.
На прес-конференцијата одржана во Концепт просторијата на ЕКОТИП, на новинарските прашања одговараа фронтменот на „Мизар“ Горазд Чаповски, како и Илија Стојановски, Дени Омерагиќ и претставникот на хорот „Хармосини“ – професорот Ристо Солунчев.
Горазд Чаповски најави незаборавна вечер исполнета со добра музика, одлична атмосфера и моменти за историја, спектакл со 17 врвни македонски музичари-инструменталисти, составени во концепт кој во Македонија се изведува за прв пат. Членовите на „Мизар“ и хорот „Хармосини“, придружувани од класично-гудачка секција и група на free јazz музичари, со аранжерот и диригент Дени Омерагиќ, во прекрасна симбиоза ќе ги исполнат безвременските: 1762, Амфилохиј, Сина соба, Дождот, Глас, Почесна стрелба, Константинопол, Бело море, Градот е нем, Ходен Же, Златно сонце, Галеб… и ред други песни.
Култура
Обајвен конкурсот за поетската награда „Млада Струга“ за 2024 година
НУМ „Струшки вечери на поезијата“ во соработка со Јуроп Хаус и со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, го распишаа конкурсот за поетската награда „Млада Струга“ 2024 за најдобра необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант.
Конкурсот е објавен денес, на 9 мај, Денот на Европа и ќе трае заклучно со 3 јуни 2024 година, до кога сите пријави и необјавени поетски збирки треба да пристигнат на поштенската адреса на Струшките вечери на поезијата.
Авторот не смее да биде помлад од 18 години, односно постар од 30 години заклучно со денот на крајниот рок на конкурсот и мора да биде државјанин на Република Северна Македонија. На конкурсот пријава може да поднесе исклучиво авторот.
Пријавените необјавени поетски збирки ќе ги разгледува жири-комисија од три члена, којашто најдоцна до 1 јули 2024 година до Управниот одбор на СВП треба да достави единствен предлог за добитник на наградата. Добитникот на наградата ќе биде објавен на 3 јули 2024 година.
Наградата вклучува плакета, паричен износ и објавување на печатена публикација во склоп на изданијата на СВП.
Добитникот на наградата ќе биде поканет да учествува на изданието на „Струшките вечери на поезијата“ во Струга кон крајот на август 2024 година, каде и ќе му биде врачена наградата на манифестацијата „Мостови“.
Поетската награда „Млада Струга“ е возобновена награда која што во минатото се избираше на Конкурс што го распишуваше Книжевната младина на Македонија.
Култура
Шопен под отворено небо со Дино Имери
Во сабота со почеток во 12 часот ќе се одржи музички настан организиран од Амбасадата на Република Полска, по повод Денот на Уставот.
Имено, во Градскиот парк, на „Школка“, македонскиот пијанист Дино Имери ќе одржи рецитал на кој ќе изведе дела од големиот романтичар, полскиот композитор Фредерик Шопен.
„Волшебникот на пијаното“, Дино Имери, ќе ги изведе најпознатите пиеси за пијано од еден од најголемите композитори на сите времиња: Балада бр.1 оп.23, во g-moll, Grand Valse Brillante оп.34 бр.1, во As-dur, Валцер оп.64 бр.2, во cis-moll, Валцер оп.64 бр.1, во Des-dur -„Минутен“, Ноктурно оп.20, во cis-moll, Скерцо бр.2 оп.31, во b-moll, Мазурка оп.17 бр.4, во a-moll и Полонеза оп.53, во As-dur – „Херојска“.
Станува збор за навистина редок настан, затоа што класичната музика не се изведува често на отворено.
Но, идејата е и Скопје да се придружи на традицијата на реализирање на концерти на отворено какви што се случуваат во Полска, близу Варшава, токму кај споменикот на Шопен и неговото родно место, од страна на врвни, светски пијанисти.
Целта е постојано да живее творештвото на овој музички гениј кој светот го направи подобро место за живеење.
Настанот е бесплатен.