Култура
Повикот за музичката манифестација ‘Нешто што ќе остане” трае до утре
Градоначалникот Горан Герасимовски ги повикува сите регистрирани здруженија, организации и правни субјекти што работат во полето на културата и кои имаат седиште во Општина Центар, да се пријават на јавниот повик за финансиска поддршка за реализација на музичкиот хепенинг „Нешто што ќе остане“. ж
Тој потенцира дека оваа музичка манифестација и годинава повторно ќе го размрда Паркот на франкофонијата со звуците на македонските изведувачи.
„Лани, ‘Нешто што ќе остане’ беше нашиот настан на годината. Заедно со скопјани уживавме во добра квалитетна музика, ги пеевме најпознатите македонски хитови. Културата е таа којашто не спојува, културата е душата на Центар, на Скопје. Затоа, ги повикувам сите заинтересирани да се пријават на настанот и повторно да создадеме нешто што ќе остане, што ќе го паметиме и ќе бидеме горди“, вели Герасимовски.
Општина Центар бележи континуирано зголемување на буџетот за култура, кој од 4 милиони денари на почетокот на мандатот на градоначалникот Герасимовски, денес изнесува 13 милиони денари, што претставува трикратно зголемување.
Овој повик нуди можност за финансиска поддршка до 1.840.000 денари за организација на културниот настан, со цел поддршка на македонската музика, уметници и продукција. Пријавените треба да предложат целосна четиричасовна програма со реномирани македонски изведувачи и водител, како и целокупна логистика за реализација на настанот.
Рокот за пријавување трае до утре (четврток), односно 7 дена од денот на објавувањето на повикот на веб-страницата на Општина Центар: www.centar.gov.mk
Пријавите се доставуваат во архива (барака 6) или по пошта на адреса: Општина Центар – Скопје
Сектор за јавни дејности / Одделение за култура
ул. „Михаил Цоков“ бр. 1, 1000 Скопје
со назнака: „Јавен повик за финансиска поддршка за реализација на проектот ‘Нешто што ќе остане’“
Формуларот за пријава е достапен на веб-страницата на Општината: https://www.centar.gov.mk/?p=25930, пријави се!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

