Култура
Повик за сите професионалци од креативниот сектор: Работни групи со предавачи од Британија на „Форум Скопје – Секторски консултации“
Во понеделник, на 25. ноември, во 13 часот во Јавна соба (Public Room), ќе се одржи „Форум Скопје – Секторски консултации“ – во организација на Министерството за култура и туризам, Британскиот Совет и Унијата на македонските професионални асоцијации во креативни индустрии – УМПАКИ.
За време на Форумот ќе бидат споделени увиди од експерти од Велика Британија, трендови и добри практики во однос на нивната креативна
економија, на што ќе следи фокусирана дискусија за издвојување на 10 приоритети за овој сектор во Македонија. Креативните професионалци ќе
дискутираат со своите колеги на следниве теми:
• Градење нов идентитет преку големи културни настани;
• Зајакнување на комуникацијата во секторот (градење мрежа);
• Образование за креативни кариери;
• Подобрување на условите за креативна продукција;
Се канат сите професионалци од Македонија да се приклучат и да дадат придонес во работните групи во рамки на Форумот. Сите заинтересирани да се регистрираат на овој линк: https://bit.ly/skopje-forum-apply-now
На „Форум Скопје – Секторски консултации“, учество ќе земат еминентни дејци од оваа област во Британија, кои беа селектирани од страна на the Beyond Conference, – водечка платформа за креативни индустрии.
Енди Брајдон e основач на меѓународната уметничка организација Curated Place. Тој е обучен антрополог чија специјалност е културно позиционирање на ниво на град, на регион и на хипер-локално ниво. Тој е признат и искусен културен стратег, директор на фестивали и големи настани, едукатор како и уметнички продуцент. Има освоено престижни национални награди во Англија иШкотска. Неговото огромно искуство придонело да ги трансформира местата преку културни настани и перформанси во соработка со тимови за развој на град, визуелни и дигитални уметници, композитори, перформери и музичари. Покрај него во Скопје доаѓа и Сузан Финеган, комерцијален директор на секторот култура во Ливерпул, која има над 20 годишно искуство во менаџмент на настани, стратегија на дестинација, и бренд активација. Таа е дел од тимот кој стои зад успехот на Ливерпул – град на културата во 2008 година и Ливерпул – домаќин на Евровизија во 2023. Нејзината работа е признаена и преку низа национални награди и признанија.
Северна Македонија
Покрај овие искусни професионалци во рамки на „Форумoт за креативни индустрии“, доаѓаат и: Хејли Пеплер, Раководител на Култура, Креативни
индустрии и дигитална патоказна стратегија – West Midlands Combined Authority, како и Лејла Конвеј, Раководител на образование, кариера и
вклучување на младите – London Legacy Development Corporation.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

