Култура
Повик за 24-часовен светски маратон за снимање едноминутни филмови
Меѓународниот фестивал за филмови снимени со мобилен телефон „Мобил фестивал” ги повикува сите заинтересирани студенти на филмските универзитети во земјава, основци и средношколци, филмски аматери и ентузијасти да се пријават за учество на најголемиот светски натпревар за правење кратки филмови во живо. Станува збор за натпревар кој потекнува од Унгарија, каде ќе се случува отворањето, објавувањето на резултатите и другите програми на Универзитет во Печ, Сексзард. Учесниците на натпреварот имаат само еден ден, 24 часа, да го снимат својот филм од 60 секунди на тема „Еколошко размислување “. Целта е да се подигне свеста за промените што сите треба да ги правиме на дневна основа во нашите навики за консумирање. Пријавувањето може да се направи до почетокот на натпреварот на официјалната страна на програмата www.shoot4earth.org.
Натпреварот требаше да се случи во март 2022, но се одложи за 14-15 мај, 2022, информираат организаторите.
Појаснуваат дека почетокот на натпреварот за снимање филмови е сабота, 14 мај 2022 година. Организаторите ќе соопштат уште неколку детали во моментот на почетокот во сите различни временски зони. Од овие задолжителни елементи еден мора да биде вграден во филмот. Забрането е претходно снимање на филмот. Во случај да има дијалог во филмот, тој мора да биде титлуван на англиски јазик. Филмовите треба да се прикачат на „Јутјуб“. Сите информации дадени во моментот на регистрација, плус линкот на Youtube ќе треба да се испратат по е-пошта на официјалната адреса [email protected]. Најдобрите ќе добијат парична награда во износ од 5000 американски долари, како и дополнителни непарични награди.
Екипата, како што стои во информацијата, може да има само еден или повеќе членови. Учесниците треба да создадат краток филм со времетраење од максимум една минута за да ја подигнат свеста за тоа што можеме да направиме за да ја спасиме нашата животна средина. Нема претпочитан жанр, па учесниците може да снимат краток филм во живо, видео клип или анимација за време на 24-часовниот маратон.
Конкурсот на интернет е отворен за сите заинтересирани, без партиципација, без старосни и технички ограничувања. Филмовите може да се направат со дигитална камера, мобилен телефон или која било направа за снимање. За време на постпродукцијата може да се користат сите соодветни програми.
Краен рок за прикачување на филмовите е недела, 15 мај 2022 година и филмовите ќе ги оценува професионално жири. Весна Ристовска од „Мобил фестивал“ од Македонија ќе биде дел од меѓународното жири.
Организатори на овој натпревар се Универзитет во Печ, Факултет за културни науки, образование и регионален развој (Сексзард, Унгарија), HATV (САД, Њујорк) и Pixeltv.hu (Унгарија).
„Организирањето на Shoot4Earth, еден од најтешките филмски натпревари, беше лично потпомогнато од Јиржи Менцел, чешки режисер добитник на Оскар, и многу познати унгарски филмаџии, вклучувајќи го и Кристоф Деак, режисерот на филмот Sing, добитник на Оскар. Нашата иницијатива беше пофалена и од Стивен Спилберг, режисер добитник на Оскар“, посочуваат упатените.
Организаторите на натпреварот, како што велат, би сакале да придонесат за примарниот интерес на човештвото: да се задржи Сината Планета како заедничко живеалиште на човештвото, долго време во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.

