Култура
Поетска вечер со Влада Урошевиќ
Годинешниот добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, Влада Урошевиќ, ќе ја чита својата поезија в среда во аулата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во 18 часот.
За време на настанот, предвидено е студенти од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ да презентираат препеви на неколку странски јазици.
Влада Урошевиќ е роден во Скопје, 17 октомври 1934. Тој е македонски поет, раскажувач, романописец, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач. Редовен член на МАНУ од 1997 година. Добитник е на голем број награди и признанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Создадовме цврст темел за Комисијата за управување со Охридскиот Регион успешно да продолжи со работа
Министерката за култура и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска, обраќајќи се на конститутивниот состанок на новата Комисија за управување со светското природно и културно наследство во Охридски Регион, им го честиташе мандатот на новите членови на Комисијата, изразувајќи уверување дека тие ќе обезбедат континуитет во работата на Комисијата и ќе дадат нов придонес во подигнувањето на стручните стандарди во заштитата на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и на неговата исклучителна универзална вредност.
Изразувајќи задоволство од работата на членовите на Комисијата во двата претходни состави, Костадиновска-Стојчевска ги потсети присутните на заштитните активности што стручниот тим од Министерството за култура над шест години ги вршеше за потребите на Комисијата.
„Во овој период се донесени и Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020) и Стратегискиот план за рехабилитација на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2023 – 2030), документи што ги содржат дозволените и рестриктивните активности за Охридскиот Регион“, рече министерката за култура.
Таа додаде дека Министерството за култура, во соработка со Управата за заштита на културното наследство и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, изработи и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, чиј текст е во собраниска процедура и во кој се предвидува дека до донесувањето на новите детални урбанистички планови усогласени со режимот на заштита утврден во Законот, во Старото градско јадро на Охрид не може да се градат нови објекти, доградби и надградби.
Во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за животна средина и Управата за заштита на културното наследство, изработена е и нацрт-верзија на Закон за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион.
„Министерството за животна средина и просторно планирање, од почетокот на своето постоење, има важна улога на заштитник на исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион и зачувување на интегритетот на најстарото и најбогато езеро со биолошка разновидност во Европа. Министерството во континуитет имплементира конкретни активности во делот на заштитата на природата што е исто така важно како и заштитата на културното наследство“, изјави министерката Шукова, упатувајќи им честитки за именувањето на членовите на новоформираната Комисијата со желби за успех во претстојната работа.
Со Одлука на Владата, претседавач на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион од 1 април годинава е Министерството за животна средина и просторно планирање.
Култура
На сцената на Националната опера и Балет ќе гостува Словенечкиот камерен музички театар од Љубљана
Во рамките на престижниот фестивал, 52. Мајски оперски вечери, на 28 мај, со почеток во 20 часот, на сцената на Националната опера и Балет ќе гостува Словенечкиот камерен музички театар од Љубљана со камерната опера „Свадба“ од Ана Соколовиќ.
„Свадба“ е камерна опера на српски јазик за шест женски гласа, а капела и повремена придружба на ударни инструменти во изведба на самите пејачи. Музиката и либретото се напишани од Ана Соколовиќ, српска композиторка, која живее во Канада. Дејството на операта се случува вечерта пред свадбата на Милица, млада девојка, која со другарките го слави заминувањето во брачниот дом. Делото премиерно беше прикажано во 2011 година во Торонто, а оттогаш редовно се изведува на многу сцени во светот.
Диригент е Јелена Шасник, режијата е на Андреј Јус, сценографијата на Јаро Јеше, а костимографијата на Маја Сотошек.
Настапуваат: Штефица Грасели – сопран, Тереза Плут – сопран, Катја Конвалинка – сопран, Ирена Јебуах Тиран – мецосопран, Барбара Јернејчиќ – мецосопран и Ања Земљариќ – мецосопран.
Култура
„Мајска сесија – Дојди да се преслушаме“: на УКИМ голем концерт по повод Денот на Европа
Скопје утре ќе биде домаќин на уникатен музички спектакл. Со почеток во 20 часот платото пред УКИМ ќе се трансформира во музичка сцена по повод настаните за Денот на Европа, поточно концертот организиран од „Јуроп хаус“ со наслов „Мајска сесија – Дојди да се преслушаме“.
Оваа музичка вечер ќе понуди незаборавно патување низ времето, каде што старите македонски хитови ќе добијат ново и модерно руво и тоа преку изведбите на актуелните млади бендови, како „Фанк шуи“, „Пијан славеј“, Дина Јашари, „Сетстат“ и Марија Каева и „Ретро кабаре“. За дополнителна забава ќе се погрижат и диџеј Гоце и ЛД Пистолеро.
Концертот ќе биде воден од легендарниот радиоводител Драган Б. Костиќ, кој за време на концертот, во свој уникатен стил, ќе ги најавува новите аранжмани на старите хитови од познатите „Бастион“, „Леб и сол“, Маја Оџаклиевска, „Балкан експрес“, Драган Каранфиловски-Бојс, Ерзана, Нина Спирова и многу други, а публиката ќе има можност да ужива во едно несекојдневно мултимедијално искуство.
Почнувајќи од 18 часот, посетителите ќе имаат можност да ги посетат и книжевниот саем, винил поп-ап продавниците и гастрономскиот дел, кои ќе бидат дел од настанот и ќе служат како вовед и загревање за главниот настан што ќе почне во 20 часот.
Организаторите ветуваат вечер исполнета со култура и забава: „Целта на овој настан е да се вратиме низ времето и да се потсетиме на убавите мелодии од минатото преку преработки во разни стилови“, изјавуваат од „Јуроп хаус“. „Ова е можност што не се пропушта. Доаѓајте утре на платото на УКИМ да уживаме заедно во музиката и спојот на старото со новото. Ве очекуваме!“, додаваат организаторите.
Едно е сигурно. Утре, во срцето на Скопје ве очекува вечер полна со музика, култура и забава, затоа не пропуштајте да бидете дел од овој уникатен настан и да уживате во комбинацијата на традицијата и современоста, се истакнува во информацијата.