Култура
Познатиот пијанист Дејан Илијиќ настапува вечерва на „Крај Вардарот џез“
Вечерва, со почеток, во 20 часот, во камерната сала на Македонската филхармонија почнува фестивалот „Крај Вардарот џез“. Фестивалот е во организација на дискографската куќа „ПМГ џез“.
На првата интернационална фестивалска вечер настапуваат извонредни музичари од регионот, „Спејс трио“ (Space Trio) од Бугарија и најреномираниот српски џез-состав, „Ејот“ (Eyot), нагласува организаторот.
Дејан Илијиќ е светски познат пијанист и фронтмен на водечкиот српски џез состав „Ејот“, кој романтично и еклектично комбинира џез со локални и светски етномотиви. „Ејот“ е најзафатениот српски џез-ансамбл според бројот и фреквентноста на настапите во светските џез-арени.
По повод нивниот настап вечерва, Дејан Илијиќ вели:
„За Скопје нè врзуваат многу нешта, а првенствено фактот дека нашиот прв албум Horizon го снимивме во вашиот град, во студиото F.A.M.E.S во 2009 година. Конечно, ќе имаме извонредна можност да го претставиме нашиот материјал пред скопската публика. Покрај музичките настапи со ‘Ејот’, имам и динамична концертна соло кариера. Досега имам издадено 6 албуми, најмногу за соло клавир, а пишувам музика и за филм и театар. Минатата година запишав специјализација на ‘Беркли’, отсек филмска музика и оркестрации за филм и ТВ. Само пред еден месец од ‘Беркли’ добив Berklee Celebrity Scholarship врз база на мојата досегашна работа. Се доделуваат вкупно 16 стипендии, а за мојот отсек 2. Ова е огромен поттик и потврда дека сум на добар пат. Моментно работам на музиката на ‘Ејот’, аранжирана за симфониски оркестар и се надевам дека публиката ќе има можност да ја слушне во блиска иднина“, вели Илијиќ.
Помеѓу многуте изведби, „Ејот“ има настапувано на Џез-фестивалот во Дубаи 2010, победата на МИДЕМ-натпреварот во Кан 2011, турнејата низ Азија во 2012, настапот на Белградскиот џез-фестивал во 2013, концерти во култните џез-клубови во Лондон (Jazz Café), Париз (Sunset Sunside), Цирих (Moods), Јокохама, како и огромната руска турнеја во 2018 година. Својот четврти албум го снимија заедно со фамозниот продуцент Стив Албини во Чикаго.
Вечерва, покрај „Ејот“, во рамките на фестивалот настапуваат и „Спејс трио“, формација од добро познати музичари од бугарската вибрантна фри-импро сцена. Групата работи по принципот на инстант-композиција, а ја води спонтаноста во изразот. „Спејс трио“ е современ, слободен импровизатор и креатор на звук. Музичари, кои обрнуваат внимание на вибрациите, не како реакција на фиксирана идеална изведба, туку како авантура и се чини секогаш звучат поинаку. Членови на оваа формација се: Живко Братанов – пијано, Георги Ангелов – перкусии и Васил Хаџигрудев – контрабас. Специјално за настапот во Скопје ќе им се придружи истакнатиот џез-музичар од помладата генерација од Скопје, Дени Омерагиќ („Светлост“, „Одрон ритуал оркестар“).
Втората фестивалска вечер ќе се одржи утревечер на 24 септември во Македонската филхармонија со концертен настап на сега веќе култниот состав „Сетстат“, кој одбележува 30 години јубилеј од своето постоење како џез-формација. Публиката ќе има уникатна можност да ги слушне во досега невидено издание, во проширен состав – оркестар. Во оваа специјална вечер, пред „Сетстат оркестарот“ ќе настапи Toka Shitet (ака Идриз Амети), фронтмен на групата Blla Blla Blla, со соло изведба на авторска музика на шаркија.
Фестивалот се организира во соработка со Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје и се реализира со поддршка на Министерството за култура на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.
Култура
Софија Стојанова – автор на најдобрата беседа на конкурсот во чест на Прличев
Годинашен добитник на наградата за најдобра беседа за 2026 од конкурсот што го распиша НУ Библиотека „Григор Прличев“ на тема: „По песната птиците се разликуваат“е Софија Стојанова. Таа е ученичка во втора година во гимназијата „Јане Сандански“во Струмица.
Нејзината беседа беше под шифра „Тивериопол“, таа го докажа авторството, а Библиотеката доби потврда и од нејзината професорка по македонски јазик и литература Боркица Филева.
„Добивањето на наградата на конкурсот распишан од Библиотеката во Охрид за мене претставува исклучително значајно признание и длабока лична радост. Овој успех не го доживувам само како потврда за мојот труд, туку и како охрабрување да продолжам уште посветено да се надградувам и да го следам патот на знаењето. Ова признание претставува поттик да бидам уште поодговорна кон сопствените цели и уште похрабра во остварувањето на своите соништа“, изјави Стојанова за веб страницата на Библиотеката.
Дека Софија е млад веќе изграден автор сведочат и наградите кои само во изминатите две години ги освоила на полето на литературата:
2025 – Диплома за прво место на литературниот конкурс ,,Со својот живот Ацо Шопов опеал дело, а во своите дела, го опеал животот”- Оштина Штип
2025 -Прва награда на литературниот конкурс ,,Топли гнезда”- Општина Струмица
2025 – Диплома за прво место на конкурсот ,,Дигитални човекови права и приватност во ерата на технологијата”- Општина Струмица
2025 – Прва награда на литературниот конкурс ,,Моето посебно другарче”- Општина Струмица
2024- Диплома за прво место на конкурсот ,,Тишината понекогаш зборува најгласно и најдобро за делата и поетот Ацо Шопов”- Општина Штип
На младата Софија Стојанова автор на најдобрата беседа на шести февруари во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“ во Охрид ќе и биде доделена парична награда од 9.000 денари и признание со ликот на Прличев.
Култура
Кинотеката ја објави програмата за февруари: тивки гласови, силни приказни и филмот како чин на сеќавање
Програмата на Кинотека на Македонија за февруари 2026 година претставува внимателно изграден мозаик од современи авторски визии и значајни европски остварувања, кој уште еднаш ја потврдува Кинотеката како простор на мисла, чувствителност и отпор кон заборавот. Ова не е програма што нуди лесна забава, туку покана за длабинско гледање и активно учество во филмот како уметнички и етички чин, велат од Кинотеката.
Во центарот на вниманието е актуелниот филм на Тамара Котевска, авторка чиј сензибилитет се движи меѓу документарното и поетското, помеѓу човекот и пејзажот, помеѓу исчезнувањето и траењето. Нејзиното дело продолжува да ја истражува кревката рамнотежа помеѓу личното сведоштво и универзалната грижа за светот што го населуваме. Во истата линија на тивка, но моќна авторска исповед се вклучува и документарецот „Приказната за Сиљан“, филм што преку интимна нарација отвора пошироки прашања за идентитетот, наследството и човечката потреба да се раскаже сопствената приказна.
Февруарската програма го вклучува и новиот филм на култниот независен автор Џим Џармуш. Неговата минималистичка естетика, тивки паузи и егзистенцијален хумор повторно нè потсетуваат дека филмот може да биде простор на созерцание, а не само на наративна ефикасност. Џармуш останува еден од ретките автори што доследно ја брани слободата на независниот филм.
Европската селекција ја проширува програмата со филмовите „Љубовта што останува“, „Луда љубов“, „Двајца обвинители“, „Приватен живот“ и „Ромериа“ — остварувања што низ различни поетики и жанровски регистри се занимаваат со интимноста, вината, правдата и кревките човечки односи во современиот свет. Овие филмови не нудат конечни одговори, туку отвораат простор за сомнеж, емпатија и морална дилема, токму онаму каде европскиот авторски филм е најсилен.
Посебно значајна е и програмата за најмладата публика, со избор на квалитетни анимирани филмови за деца, кои не ја потценуваат својата публика. Преку јасна визуелна имагинација и внимателно обликувани приказни, тие носат сериозни пораки за емпатијата, различностите, пријателството и одговорноста — градејќи темели за идни гледачи што ќе умеат да гледаат, а не само да консумираат.
„Февруари 2026 во Кинотеката на Македонија не е само месечна програма, туку јасна изјава за филмот како уметност што мисли, чувствува и памети. Простор каде тишината зборува, а сликите остануваат долго по завршувањето на проекцијата“, велат од таму.

