Култура
Покренат Меѓународен проект за литература за деца и млади
Во рамките на Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност “ИНАКУ”– Скопје покренат е Меѓународен проект за литература за деца и млади во кој ќе бидат вклучени голем број истакнати универзитетски професори и писатели од земјава и странство.
Меѓу имињата кои ќе бидат дел од проектот се: проф.д-р Стана Смиљковиќ, проф.д-р Милутин Ѓуричковиќ, Љубивоје Ршумовиќ, проф.д-р Тихомир Петровиќ, проф.д-р Миомир Милинковиќ, проф.д-р Сунчица Дениќ, проф.д-р Мирјана Стакиќ, Зоран Пеневски, проф.д-р Виктор Радун, Снежана Алексиќ Станојловиќ од Србија, проф.д-р Вања Ангелова и Латинка Златна од Бугарија, проф.д-р Бајрузин Хајро Плањац, проф.д-р Саша Делиќ, Ранко Павловиќ, Јелена Глишиќ, Сабина Дајановиќ Салетовиќ и Тања Томиќ од Босна и Херцеговина, Фрањо Франчич, Петра Бауман и Соња Цекова Стојаноска од Словенија, Милица Бакрач, Лабуд Н. Лончар и Александра Вујисиќ од Црна Гора, м-р Татјана Милановиќ и Саво Костадиновски од Германија, Олга Лалиќ – Кровицка од Полска, м-р Жарко Милениќ од Русија, м-р Жаклина Михајлова од Австралија, Ана Багрјана од Украина, Мирослав Демак од Словачка,
Од земјава во проектот се вклучуваат голем број автори како: проф.д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Мито Спасевски, проф.д-р Весна Мојсова Чепишевска, проф.д-р Александар Прокопиев, проф.д-р Благица Петковска, Александар Поповски, Горјан Петревски, проф.д-р Христо Петрески, доц.м-р Трајче Кацаров, проф.д-р Елизабета Бандиловска, проф.д-р Виолета Мартиновска, Виолета Танчева Златева, д-р Даниела Андоновска Трајковска, д-р Ана Петреска, д-р Милена Ристова Михајловска, д-р Лили Бошевска, проф.д-р Виолета Николовска, Билјана Станковска, м-р Огнен Неделковски, м-р Весна Бошковска, Весна Мундишевска – Велјановска, Славица Дабевска – Ќировска, м-р Ели Маказлиева, м-р Славица Урумова Марковска, Јадранка Клисарова, Лили Арсова, Филип Димкоски и други.
Веќе е распишан Конкурсот за Меѓународниот фестивал за творештво за деца и млади, кој ќе се одржи на 21 март оваа година во Скопје, а во истиот термин ќе се одржи и интернационалната онлајн трибина на тема “Литературата за деца и млади денес – тенденции, специфики и перспективи”.
Исто така, во подготовка е новиот број на меѓународното списание за книжевноста за деца Нов круг.
Наскоро ќе биде распишан и Конкурсот за наградата „Силјан Штркот” за најдобра критика и есеј за книга за деца.
Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност – Скопје, постои веќе неколку години и веќе има успешно реализирано повеќе проекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

