Култура
Поповиќ: 63. Охридско лето во знакот на голема посетеност, задоволни уметници и многубројни пофалби
Со традиционалната португалска фадо-музика и прекрасниот вокал Жуана Амендоира вечерва на сцената „Долни Сарај“ од 21 часот ќе биде одбележан 63-тиот роденден на фестивалот Охридско лето. Португалската уметница Жуана Амендоира ќе настапи во придружба на Педро Амендоира на португалска гитара и Жуао Фелипе на фадо-гитара.
На денешната прес-конференција по повод роденденот на фестивалот, директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ, потсети дека богатата историја на Охридско лето е доказ за влогот на многу генерации и нивните напори да се исткае успешната приказна на врвната културна сцена.
„Со огромна почит вечно ќе ѝ благодариме на Ана Липша-Тофовиќ, која во далечната 1961 година под сводовите на прекрасната ‘Света Софија’ го означи раѓањето на најголемата културна манифестација во земјата и ни овозможи да ја славиме врвната уметност, да ѝ се радуваме на убавината и да создаваме трајни вредности. Нејзиното име ќе го слават и многубројни генерации по нас“, рече Поповиќ.
Осврнувајќи се на годинешното фестивалско издание, таа истакна дека уметноста што се создава на Охридско лето има универзален јазик и се пренесува со бескрајна моќ и влијание.
„Годинешното издание изминува во знакот на истакнати домашни и светски уметници, исполнети гледалишта, задоволна публика и многубројни пофалби како од стручната јавност така и од уметниците, кои се дел од програмата. Особено се гордеам на поддршката што ја добиваме од амбасадите во Република Северна Македонија. Првпат фестивалската програма има поддршка од дури единаесет амбасади, Романија, САД, ЕУ, Србија, Грција, Полска, Шпанија, Словенија, Италија, Франција и Украина“, додаде директорката Поповиќ.
Селекторката на музичката програма на фестивалот Охридско лето, Бисера Чадловска, рече дека 63-тото фестивалско издание е едно од најуспешните со квалитетните настапи на светски познатите музички уметници, како и со младите уметници, кои се на прагот од создавање успешна кариера.
„Особено се гордееме што оваа година успеавме во Охрид да пречекаме големи имиња од светот на класичната музика, почнувајќи од свеченото отворање, каде што имавме можност да ја слушнеме големата оперска дива Анџела Георгиу. По отворањето, на сцените на кои се одржува фестивалот секојдневно сме сведоци на концерти преполни со публика, чиј одѕив и реакции нè прават како организатори презадоволни од работата што сме ја сработиле. Да се потсетиме на неколку од нив, виолинистот Немања Радуловиќ со оркестарот Double Sense, џез-триото на Френк Дупре, Нишкиот симфониски оркестар, оркестарот ‘Кончертанте’, камерниот ансамбл La Spagna, пијанистот Дино Имери, кларинетистот Пабло Бараган и пијанистката Елоис Бела Кон, виолинистот Роман Симовиќ, квартетот ‘Шуман’, виолинистката Ирина Мурешану и оркестарот на институтот Fames, пијано трио со концерт посветен на флејтистот Илија Зимбо, камерниот ансамбл ‘Камерата академика’, тенорот Џани Лечезе и пијанистот Екланд Хаса, пијано дуото Дезомбре – Леклер, сите овие се дел од годинешното издание на Охридско лето. Особено сум среќна што од стручната музичка јавност во Македонија секојдневно добивам многу позитивни критики за годинешната програма“, рече Чадловска.
Според драмската селекторка на фестивалот, Сања Арсовска, изминатите денови беа запечатени со исклучителна театарска возбуда и силни впечатоци.
На денешната прес-конференција по повод 63. роденден на Охридско лето директорката на оваа национална установа, Наташа Поповиќ, потсети дека фестивалот од 1994 година е дел од Европската асоцијација на фестивалите, финансиски поддржан од Министерството за култура, а под покровителство на претседателот на државата. Како најголема манифестација е помогната и од Општина Охрид, а огромна заслуга за успесите имаат и верните пријатели на фестивалот, спонзори и помагатели, љубители на уметноста и поддржувачи на културните вредности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Патување низ различни музички светови со осмомартовскиот концерт на „Охридско лето“
По повод 8. Mарт, Денот на жената, во организација на НУ „Охридско лето“ ќе се одржи свечен осмомартовски концерт со настап на гитаристот Дејан Милевски. Концертот, кој ќе се одржи на 7. март во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 20 часот, ќе понуди богата стилска палета, од барокна елеганција, преку романтична лирика, до шпански и латиноамерикански музички колорит, создавајќи свечена атмосфера достојна за одбележување на празникот на жената. Влезот за концертот е слободен.
„Овој концерт претставува музичка честитка за сите жени. Преку убавината на класичната гитара и преку делата кои истовремено носат нежност, страст и сила сакаме да ја пренесеме токму таа симболика. Веруваме дека културата и уметноста се највисоката форма на оддавање почит, а овој концерт е симболичен, но искрен гест на благодарност кон сите жени. „Охридско лето“ останува доследно на својата мисија да создава настани што афирмираат вредности и почит преку врвната уметност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно одбрана музичка програма со делата на Агустин Бариос Мангоре, Франсоа де Визе, Антонио Хименес Мањон, Астор Пјацола, Мигел Љобет, Франц Шуберт, Јохан Каспар Мерц и Хоакин Малатс.
„Програмата нуди патување низ различни музички светови, од префинетата барокна елеганција на Франсоа де Визе, преку романтичната лирика на Шуберт и Мерц, и шармот на шпанската традиција кај Мањон, Љобет и Малатс, до страствените ритми на латиноамериканската гитара со Бариос и Пјацола“, вели Цуцковски.
Дејан Милевски е роден 1996 година во Охрид, Македонија. Своето музичко и гитарско образование го започнува на единаесетгодишна возраст во државното музичко училиште во Охрид во класата на проф. Александар Крстаноски. На четиринаесет години музичкото образование го продолжува во државното средно музичко училиште во Скопје (ДМБУЦ) како музичар изведувач- гитара во класите на проф. Дарко Багески и проф. Борче Наумоски.
За време на своите средношколски денови, Дејан освојува неколку награди на државни и интернационални натпревари по гитара. Истовремено е дел од неколку камерни состави со инструменталисти и соло пејачи, со кои настапува на многу настани во средното музичко училиште, но и надвор од него.
Во 2017 година го положува приемниот испит за додипломските студии на Факултетот за музика и танц во Келн, Германија, а во 2021 дипломира со највисоката оцена. Веднаш по завршниот испит го положува приемниот испит за магистерските студии на истиот факултет во Келн, Германија (“Hochschule für Musik und Tanz-Köln”) во класата на професорот Герхард Рајхенбах, а во 2024 година магистрира со највисокото признание.
Има учествувано на многу познати народони и меѓународни гитарски фестивали и натпревари како Guitar Art Festival Belgrade, Sarajevo Guitar Festival, Peja Guitar Festival- Kosovo, Gorizia Guitar Competition (Италија) и Tirana Guitar Festival, каде има освоено неколку награди.Исто така, учествувал и на многу семинари со реномирани професори и уметници од светската сцена.
Од 2019 до 2021 година предава класична гитара во музичкото училиште во Линторф, Германија, а во 2020 до 2022 година започнува да предава и да го води гитарскиот оркестар и во музичкото школо во Шпрокховел, Германија.
Дејан Милевски има настапувано на многу концерти во Македонија, Австрија, Италија, Германија, САД. Од 2022 година е вработен како професор по гитара во музичкото училиште „Helmut Schmidinger” во Грац, Австрија.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.

