Култура
Поранешниот советник на Путин, Витали Мански, претседател на жирито на „Киненова“
Витали Мански, режисерот што се спротивстави на најмоќните светски лидери оваа година, е претседател на жирито на „Киненова“. Кога станува збор за современата документаристика, во свет во кој социјалните мрежи одиграа главна улога во револуционерната арапска пролет, многу е тешко за еден филмаџија да најде автентична приказна која веќе медиумски не е преџвакана. Ова особено се однесува за јавните личности, вклучувајќи ги и светските лидери, за чија медиумски коректна слика се грижат куп луѓе во заднина. Тогаш како да се навлезе подлабоко во една приказна и да се претстави пред публиката откривајќи нешто што досега таа не го видела?
Витали Мански, едноставно, ѕирна во својата домашна архива и на светот му подари неверојатно документаристичко дело во кое ја следиме вистинската историска приказна за подемот на Владимир Путин, кој од нигде никаде одеднаш ја презема големата Русија под свое. Личниот соработник на поранешниот агент на КГБ одблизу имал можност да биде сведок на сите случувања во врска со новиот месија, честопати документирајќи ги и домашните случувања на кои присуствувале најблиските луѓе на новиот претседател. Но, по одредено време, кога од доволна дистанца Мански го гледал целиот тој материјал, со поинаков пристап и побистар поглед, спакуван во документарен филм, тој праќал сосема нова слика за семоќниот лидер.
Како увертира пред ова генијално доку-сведоштво, авторот пред три години го реализира исто така контроверзниот и освестувачки документарен филм за Северна Кореја со наслов „Под сонцето“ (Under the sun). Мански по покана на Кин Јонг-ил одреден период престојувал во таа држава за да сними филм според строго контролирано сценарио за едно семејство во исчекување на роденденот на лидерот, но рускиот автор не секогаш ја гасел камерата кога ќе се викнело „стоп!“ Поради сето ова, Мански со сопругата токму од 2015 година живее во самоегзил во Латвија, честопати во интерјуата истакнувајќи дека по вакви слободоумни остварувања, тие се плашат за сигурноста во својот понатамошен живот.
„Путиновите сведоци“, остварувањето што минатата година беше прогласено за најдобар документарен филм на престижниот фестивал во Карлови Вари, домашната публика ексклузивно ќе може да го види во рамките на „Киненова“ во присуство на авторот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.