Култура
Почина актерката Мушереф Прекиќ Лозана – Мишка
Синоќа на на 85 години почина актерката Мушереф Прекиќ Лозана – Мишка (18.08.1933-29.03.2019), доајенката на македонскиот театар. Таа во театарот на народностите во Скопје работеше во текот на целиот свој професионален живот, од 1955 до 1991 година, кога замина во пензија.
Улогите (над 100 различни улоги) во 40 годишниот работен стаж ги толкувала на сите јазици што се зборувале во државата (македонски, турски, албански, босански, српски и ромски јазик).
Во матичната куќа ги играла следните позначајни улоги: Стана, ќерката на Хаџи Тома („Коштана”, 1957); Дока („Зона Замфирова“, 1958); Назли, дадилката на Зејнеп (Алиш, 1958); Ката, жената на Хаџи Тома („Коштана“, 1965); Олси, мајката на Лу Ху („Изгубената принцеза“, 1966); Анѓа, жена му („Сомнително лице“, 1967); Каракуш („Налани“, 1967); Госпоѓа Ротермаер („Хај ди“, 1968); Мајката („Крвави свадби“, 1969); Ајше, вдовица („Цвеќарот Али“, 1970); Фатма, жената на Касим („Али баба и
четириесет разбојници“, 1970); Исмет („Омер и Мерима“, 1971); Мајка Храброст („Мајка Храброст“, 1971); Пембе Ханума („Изгасната свеќа“, 1971); Мајката на Пинторовиќ („Хасанагиница“, 1979); Симка, жената на Агатон („Ужалена фамилија“, 1979); Г-ѓа Расколников („Злосторство и казна“, 1980); Зехра, мајката на Асие („Како да се спаси Асие“, 1996); Дока („Зона Замфирова, 1979); Емина („Лудата Емина“, 1984); Долорес
(„Јерма“, 1986); Леди Магбет („Магбет“, 1988) Капларот („Кавкаски круг со креда“, 1989); Мајка („Јунус Емре“, 1991); Елиф („Мајка Елиф“, 1992); Алтана („Тетовирани души”, 1994); Мајката на Мехмет („Ќелавиот Мехмет“, 1994); Енона (Федра, 1997); Арна, мајка на Максим („Р.Р.Р.“, 1999) и многу други.
Добитничка е на многубројни награди и признанија меѓу кои: награда за најдобро актерско остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“ за улогата на Капларот во претставата „Кавкаски круг со креда“ (Прилеп, 1988), награда „Актер на годината“ на ревијата „Екран“ (Скопје, 1989), награда за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“ (Прилеп, 1998), награда за животно дело “Златен дедал” – Европска филмска академија ЕСРА (Скопје, 2012) и награда “13 Ноември” на Град Скопје од областа уметноста – за
посебен придонес во популаризацијата на театарската уметност во град Скопје (Скопје, 2016).
Погребот ќе се одржи денеска во 15:30 часот на градските гробишта Бутел во Скопје, додека комеморацијата во организација на Албанскиот театар и Турскиот театар ќе се одржи на 02.04.2019 (вторник) во 12:00 часот во Театар Комедија во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на книгата „Милчо за Манчевски“ и проекција на „Прашина“ во Кинотека
Во среда на 22 јануари во 19 часот во Кинотеката на Македонија ќе се одржи промоција на книгата „Милчо за Манчевски“, чиј приредувач е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски.
„Книгата претставува обид да се опфатат многубројните аспекти од животот и работата на Милчо Манчевски, еден од нашите најнаградувани и во светски рамки најреномирани македонски филмски автори – почнувајќи од деновите на неговата младост поминати во родното Скопје па до денес – раниот интерес за театарот и филмот, студиите на филмска академија во САД, почетоците на филмската кариера, педагошката дејност во Њујорк, односот кон политиката и политичарите итн. – и сето тоа надополнето со исцрпна анализа на начинот на продукција, условите за работа, реализацијата, соработниците, режисерската експликација и филмолошката анализа, дистрибуцијата, фестивалите, успехот или неуспехот на седумте негови долгометражни играни филмови и сите останати кусометражни филмови, како и други пројави на неговата творечка личност“, пишува во предговорот Чупоски.
Промотори на изданието се проф. д-р Славица Србиновска, м-р Татјана Ќурчинска-Пепељугоска и филмскиот критичар Златко Ѓелески.
По промоцијата, во 20 часот ќе се одржи проекција на филмот „Прашина“, кој во 2001 година имаше чест да го отвори фестивалот во Венеција.
Култура
Премиера на претставата „Народен пратеник“ во рамките на јубилејот 80 години МНТ
Во рамките на одбележувањето на 80-годишнината на Македонскиот народен театар, на 25 јануари со почеток во 20:00 часот ќе се одигра премиерната изведба на претставата „Народен пратеник“ од авторот Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин. Култното режисерско име Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период. Ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996).
Во претставата игра внимателно одбрана и веќе докажана актерска екипа: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ, а овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби. Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ.
Сценограф на претставата е Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, преводот на текстот го направи Загорка Поп-Антоска Андовска, а дијалектната адаптација на текстот е на Томислав Османли. Асистент на режисерот е Шенај Мандак, а изборот на музиката е на режисерот.
Првата реприза е закажана за 30 јануари, а билетите за истата се веќе распродадени.
Култура
Цуцковски: Заедно со новите селектори ќе создадеме врвна уметничката програма на Охридско лето
Симона Ѓорчева, музички менаџер и режисерот Ненад Витанов се новите селектори на музичкиот и драмскиот дел од програмата на НУ „Охридско лето“.
Директорот Ѓорѓи Цуцковски најави дека заедно со селекторите ќе создадат свежа, интересна и квалитетна програма. Вели дека ќе се залага да се искористи високиот уметнички кадар од Европа а ангажманот на Симона Ѓорчева во Македонија е прв пример за тоа. Според него нејзиниот придонес ќе биде од огромно значење во создавањето на една нова, модерна и креативна културна вредност како дел од вековна традиција на Фестивалот.
„Со професионалноста и умешноста на новите селектори ќе внесиме свежина во програмата и убеден сум дека тоа ќе го препознае стручната критика и нашата верна публика“, вели Цуцковски.
Ѓорчева и Витанов се истакнати уметници и културни работници, добро познати на домашната и меѓународната музичка и театарска јавност, со богата меѓународна професионална кариера.
Годинава од 12 јули до 20 август ќе се одржи 65 фестивалско издание на „Охридско лето“.