Култура
Почина актерката Снежана Стамеска
На 79 годишна возраст денеска почина актерката Снежана Стамеска, соопштија од Драмскиот театар Скопје.
Стамеска беше првенка на Драмски театар Скопје и една од ведетите на македонското глумиште. Дипломирала на Театарската академија во Белград во 1970 година и од нејзиното вработување во 1971 до пензионирањето во 2010, Стамеска беше член на ансамблот на Драмски театар Скопје. Низ исклучително плодната актерска кариера одиграла преку седумдесет улоги во матичниот театар и на сцените на неколку други македонски театарски куќи.
Таа реализираше многу значајни телевизиски и филмски улоги. Исклучителната популарност Снежана Стамеска ја стекна во одумдесетите и деведесетите години кога публиката ја засака во улогите на Пандора во Солунски патрдии (1979), Вера во Диво месо (1979), Сина во телевизиската серија Трст виа Скопје (1987), Вера во Среќна Нова ’49 (1985), и Паца во „Викенд на мртовци“ (1985).
Посмртните останки на актерката Снежана Стамеска ќе бидат изложени утре на 9 септември од 10 часот во капелата на гробиштата Бутел, по што ќе се изврши погребот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Овации за маестра Дијана Имери Илкоска во Софија
По неодамнешниот успех во Грузија, нашата реномирана диригентка, маестра Дијана Имери Илкоска, продолжува со нови меѓународни претставувања. Неодамна настапи со Софиската филхармонија како гостин-диригент на концертот насловен „Виолините на Бах“, на кој како солистки се претставија реномираните виолинистки Зорница Иларионова и Божидара Кузманова.
Илкоска одново ја покажа својата „енергична, храбра, страствена и уникатна музичка експресија“ во својата работа со овој престижен оркестар, во чија актуелна сезона настапуваат светски реномирани ѕвезди од класичната музичка сцена.
Стручната критика, нејзиниот настап го нарече „величествен“, а дополнителна потврда за тоа беа стоечките овации од многубројната публика присутна во сала „Бугарија“.
Во оваа музичка вечер прозвучеа три капитални дела од творештвото на Јохан Себастијан Бах – Концертите за виолина и оркестар бр.1 во a-moll и бр.2 во E-dur, како и Двојниот концерт во d-moll. Во оживувањето на овие партитури, маестра Илкоска покажа почитување кон карактеристичниот барокен стил на изразување, особено на Баховиот композиторски печат кој останува автентичен и препознатлив по скоро три века. Истовремено, таа успеа да внесе сопствена интерпретација на овие дела со карактеристичен звук на оркестарот кој станува нејзин препознатлив потпис.
Инаку, маестра Илкоска е основач и главен диригент на Камерниот оркестар „ИД“, а во досегашната кариера соработувала со реномирани оркестри меѓу кои и со: Tbilisi Youth Orchestra, Дубровачкиот Симфониски оркестар, Оркестарот и Хорот на БНР, Македонската опера и балет, Симфонискиот и камерен оркестар на ФМУ, Македонската филхармонија…
Култура
Самостојна изложба на фотографии „Постоиш ли Алиса?“ во Музејот на Македонија од 23 ноември
Оваа сабота (23.11.2024) попладне со почеток во 13:30 часот во Музејот на Македонија ќе биде отворена самостојната изложба на фотографии “Постоиш ли Алиса?“ на авторката Јелена Белиќ. Изложбата ќе биде отворена до 5-ти декември и во себе вклучува портретни фотографии во простор на членовите на инклузивниот ансамбл на Колектив Ветерница и Трисомија 21. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам, Музејот на Македонија, Колектив Ветерница и Партизанска штампа.
Изложбата „Постоиш ли Алиса?” на Јелена Белиќ претставува визуелна наратива на едно исклучително патување на портрети во простор каде фотографиите се движат од лик до лик, формирајќи единствена целина во црно бело. Секоја фотографија суптилно и директно комуницира со гледачот, за на крајот – односно, на почетокот – да открие една заедница која патува на аголот на времето. Портретирањето нè носи до возвишеното – каде протагонистите цврсто стојат наспроти белината како една метафора за минливоста на времето и човековата маленкост пред моќта на природата.
Фотографиите од изложбата се реализирани во рамки на сетот за краткиот црно-бел нем филм на Колектив Ветерница и Трисомија 21 со работен наслов „Чуда во земјата на Алисите“ сниман од 15-ти до 18-ти јануари 2023-тата година во фоајето на Македонската Опера и Балет. Инспирирана од принципот на мултиплицирање на ликот на Алиса, задржувајќи ја сценографијата, костимографијата, шминката и актерите на филмот, авторката застанува надвор од целото сценарио и во соработка со целиот тим наместо документирање позади сцената создава своја приказна спроти камерите, во која прави сублимат помеѓу архитектурата, фотографијата и човекот.
Во изложбата се вклучени портрети на 18те членови на инклузивниот ансамбл на Колектив Ветерница и тоа Маша Блажева, Матеј Петровски, Нана Танеска, Елизабета Петковска, Филип Ангеловски, Ана Јовановска, Ена Ковачевска, Софија Поповска, Марио Мицкоски, Стефан Трпковски, Кристина Петровска, Мартин Манчевски, Маша Блажева, Матеј Петровски, Ена Митревска, Нана Танеска, Оливер Блажевски, Матеј Аларов, Ирина Прокопиева, Коста Аризанов. Костимографијата е на Магдалена Таневски и Ангела Бикова, додека шминката е на Моника Грковска. Филмот е во фаза на постпродукција и наскоро се очекува негова премиера.
Јелена Белиќ работи како архитект, а паралелно се занимава и со фотографија и цртање. Била официјален фотограф на различни културни настани во Скопје каде што и живее. Активен член е на колективот Партизанска Штампа.
„Постоиш ли Алиса?“ е нејзина втора самостојна изложба и ќе биде отворена за посета до 5-ти декември.
Оваа изложба е поддржана од Министерството за култура на РСМ, Музејот на Македонија, Партизанска штампа и Колектив Ветерница.
Култура
Почнаа пробите за детската претстава „Снежана и седумте џуџиња“ во Битолскиот театар
Само неколку денови после одбележувањето на јубилејот, 80 години Битолски театар, оваа институција со полна пареа продолжува со новите проекти.
Покрај секојдневните изведби на претстави од репертоарот на НТБ, како што беше ветено на почетокот на оваа сезона дека главната цел е театарот да биде во функција на сите генерации, за сечиј вкус, односно дека „Театарот е повторно твој“, екипата на Битолскиот театар ја подготвува театарската претстава за деца „Снежана и седумте џуџиња“. Токму на светскиот ден на децата, денот кога е изгласана Конвенцијата за правата на детето, ја започнаа можеби најважната приказна оваа сезона, како што истакнуваат, приказната наменета токму за децата. Истата е во режија на Драгана Милошевска Попова и е во рамките на програмата на претстави за најмладите „Театарот повторно на децата“.
„Црвено јаболко, прекрасна, ведра и насмеана екипа, мотивирана режисерка, спремни да направиме спектакл каков што заслужуваат децата во Битола“, ни изјавија од Битолскиот театар.
Покрај ова завршен е уште еден претходно најавен проект, односно реконструирана и опремена е салата за одмор и читачки проби во НУ Народен Театар Битола, тн. „Белата соба”.
„Работиме на подобрување на условите за работа бидејќи луѓето се најважни. Тука е и трајната постановка на наградите и признанијата на НТБ, дигитализација на репертоарот во партнерство со MINT FinTech Group, целосна дигитализација на архивското и финансиското работење. Не застануваме“, изјавува директорот Васко Мавровски.
Премиерата на детската претстава “Снежана и седумте џуџиња“ ќе биде на 23.декември.