Култура
Почина актерот Митко Апостоловски

Македонскиот актер Митко Апостоловски почина на 67-годишна возраст.
„Денеска нѐ напушти доајенот на македонското глумиште, долгогодишниот член на НТБ, актерот со единствен стас и глас – Митко С. Апостоловски. Неговата исклучителна харизма со која пленеше од сцената уште долго ќе ја паметиме“, објави Народниот театар во Битола.
Апостоловски дипломирал на отсекот за драмски глумци на Вишата музичка школа во Скопје, потоа една година работел во Народниот театар во Битола и 15 години во Народниот театар во Куманово, а од 1995 пак во битолскиот театар.
Меѓу многуте улоги во театар, ТВ и на филм се и во филмовите „Големата вода“, „Трето полувреме“, „Година на мајмунот“ „Јас сум од Титов Велес“, „До балчак“ и други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
МНТ со претставата „Марта Верина“ на фестивалот „Отело“: „Настапот е голема чест, но и одговорност“

Со претставата „Марта Верина“, во режија на Нина Николиќ и според текст на Драгана Лукан, Македонскиот народен театар ќе се натпреварува за награда на Меѓународниот театарски фестивал „Отело“, кој ќе се одржи во Гостивар од 22 до 27 септември.
„Марта Верина“ ќе биде изведена на 25 септември во 20 часот на големата сцена во Центарот за култура во Гостивар. Влезот за претставата е бесплатен.
На фестивалот ќе се натпреваруваат шест претстави во категориите: најдобра претстава, најдобра актерка и најдобар актер. За наградите ќе одлучува тричлено стручно жири.
„Меѓународниот театарски фестивал ‘Отело’ во Гостивар, чија приказна почнува пред речиси една деценија, претставува крик за театар, култура и уметност на локалната заедница. Реализиран преку ентузијазмот на членовите на Здружението за култура и уметност ‘Отело’, фестивалот во изминативе години успеа да се позиционира како релевантен во регионот и во Македонија. Ако се земе предвид дека на отворањето на првото фестивалско издание половина од заинтересираните гледачи останале пред театарот бидејќи гледалиштето на гостиварскиот дом веќе било преполно, можеме да бидеме сигурни дека учеството на ‘Отело’ претставува чест, но и голема одговорност. Играњето онаму каде што театарот е реткост е неверојатна привилегија за мене како режисерка зашто токму таму гледаме колку е значајна нашата работа и колку театарот може да менува перцепции, ставови, па дури и животи во одредени ситуации“, истакнува Николиќ.
За драмскиот текст на Драгана Лукан, режисерката вели дека има силна драмска структура и дека обработува длабоко интимни теми, кои говорат за скриените трауми, стравови и копнежи на современиот човек. Истовремено, нагласува дека делото отвора важни прашања во врска со слободата и правата на жените за кои сите ние денес сме должни гласно да зборуваме.
„Марта Верина“ е приказна за жена што поради своите „погрешни“ избори не му припаѓа на општеството и мора да живее со товарот на „грешката“ што ја направила. Напишана низ клучалка, со реплики украдени од реалноста, таа го прикажува животот зад затворените врати, на моменти со непријатна интимност, со која гледачот се соочува од позиција на воајер. Ликовите во неа сите ги познаваме – ги среќаваме секој ден, ги сакаме или ги мразиме. Тие не се црно-бели, ги имаат сите тонови на спектарот и истовремено се ужасно во право и ужасно грешат.
Во претставата играат: Дарја Ризова, Григор Јовановски, Благој Веселинов, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Амернис Нокшиќи, Софиа Насевска-Трифуновска и Саша Ханџиќ. Сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографка е Ивана Каранфиловска-Угуровска, музиката ја потпишуваат Оливер Митковски и Андреја Салпе, а дизајнот на постерот е на Сара Митова.
Претставата е копродукција меѓу Македонскиот народен театар и „Перипетија продукција“.
Култура
Почина филмската икона Клаудија Кардинале

Легендарната италијанска актерка Клаудија Кардинале почина во вторникот на 87-годишна возраст во Немур, во близина на Париз, во присуство на своите деца, соопшти нејзиниот агент за АФП.
Родена во Тунис 1938 година во семејство со сицилијанско потекло, Кардинале првично сонуваше да стане учителка. Сепак, по победата на избор за убавина, го привлече вниманието на продуцентите и тргна по патот на филмот.
Во текот на својата кариера сними повеќе од 170 филма и соработуваше со најголемите имиња на европската кинематографија – Лукино Висконти, Федерико Фелини, Марчело Мастројани, Ален Делон, Омар Шариф, па дури и со холивудски легенди како Берт Ланкастер и Хенри Фонда.
Иако нејзиниот приватен живот беше обележан со тешки моменти – младешка траума кога како тинејџерка беше жртва на силување и остана бремена, тајно мајчинство што со години го криеше од јавноста и комплицираниот брак со продуцентот Франко Кристалди – Кардинале успеа да ги зачува својата внатрешна сила и независноста. Наместо да биде дефинирана од трагедиите, таа избра да го гради својот пат преку уметноста, притоа обезбедувајќи иднина за својот син Патрик и отворајќи простор за жената уметница да биде и слободна и гласна. Токму тоа што ја претвори личната болка во мотивација ја направи инспирација за многу жени од светот.
Кардинале беше добитничка на награди за животно дело од Венецискиот и од Берлинскиот фестивал, а во 2017 година беше и заштитно лице на Канскиот фестивал. Последниот филм го сними во 2010 година.
„Остави зад себе слободна и инспирирана жена – и како личност и како уметница“, изјави нејзиниот агент.
Култура
Концерт на јапонската Heavenphetamine во Скопје

Во сабота во „Ла кања“ ќе се одржи концерт на Heavenphetamine. Ќе нстапат Hiroki Oda (синтисајзер/вокали) и Sara Oda (тапани/вокали). Свират музика која е истовремено прецизна и непредвидлива.
Ги синхронизираат тапаните со електронски синт секвенци и луп педали, создавајќи хаос од дисциплина и слобода во кој се раѓаат композиции што пулсираат како техно, но задржуваат панк енергија и органски звук. Мелодичните вокали на јапонски внесуваат дополнителна интимност во нивниот музички универзум (краут, психоделија, пост-панк, есид хаус) во кој жанрот е само хемиска состојка за дожувување и препуштање.
https://heavenphetamine.bandcamp.com/
https://youtu.be/gd4e-0t8GDs?si=pUze2MK82hkjinrd
Двојката го напушти родното Токио во 2021 година и оттогаш практично живее на турнеја. Досега имаат свирено на повеќе од 150 концерти во 37 земји, носејќи ја својата музика насекаде, од сквотови до големи фестивали како Tallinn Music Week Trans Musical Festival. Редовно настапуваат во градовите на Украина погодени од војната и снимаат со локални музичари. Нивниот прв долгосвиречки албум „The Sun on a Winter Day“, снимен во Киев среде воздушни напади и прекини на струја, беше објавен во август 2024 година од украинската издавачка куќа Kontrabass.
Во текот на вечерта, на импозантниот ѕид на Чифте Амам, ќе бидат проектирани експериментални филмови на јапонскиот режисер Toshio Matsumoto.
Со ова започнува концертниот серијал на современа и експериментална музика, насловен: ПРЕΔИЗВУК: од хаос до хармонија
Куратор и продуцент: Ѓорѓи Јаневски
Дизајн на постер: Тања Вукобрат