Култура
Почина најпреведуваниот словачки писател Павел Виликовски

Словачкиот писател Павел Виликовски, еден од најистакнатите и најпреведувани словачки писатели, почина на 78-годишна возраст.
„Издавачката куќа ‘Пебус’ ве известува со тага дека словачкиот писател Павел Виликовски почина на 10 февруари 2020 година“, се вели во соопштението.
Павел Виликовски, роден во јуни 1941 година, важи за еден од најголемите современи писатели во Словачка и за мајстор на иронијата.
Писателот, голем обожавател на Томас Бернхард, беше дел од интелектуалната генерација која излезе на книжевната сцена во 1960-тите години со радикално влијание врз словачката проза и поезија. Тој беше единствениот автор што двапати ја освои престижната словачка литературна награда „Анасофт литеру“.
Кај нас е преведен неговиот роман „Последниот коњ на Помпеја“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Везилка“ – самостојна изложба на Јана Јакимовска во КИЦ – Скопје

На 24 септември во 20 часот во Културно-информативниот центар – Скопје ќе се отвори самостојната изложба на цртежи и слики на академската сликарка Јана Јакимовска со наслов Везилка.
За изложбата, кураторката д-р Ана Франговска ќе напише:
Проектот Везилка на Јана Јакимовска е замислен како визуелен и теоретски премостувач меѓу традицијата и современоста, меѓу културната меморија и дигиталниот сегашен момент, меѓу „женската рака“ и „машката историја“. Со него, Јакимовска се надоврзува врз силната метафора од истоимената песна на Блаже Конески (1955), која годинава одбележува 70 години од нејзиното создавање. Кај Конески, везилката е жената која во мрежата од конец и игла внесува историја, идентитет и културна меморија. Кај Јакимовска, таа улога се радикализира: везот станува критичка стратегија, алатка за преиспитување на општествените улоги на жената, за проблематизирање на нејзината видливост, рамноправност и општествена моќ.
Јана Јакимовска е родена во 1981 година во Скопје. Дипломира (2005) и магистрира (2009) на сликарскиот оддел на Факултетот за ликовни уметности на УКИМ во Скопје. Се занимава со сликарство, фотографија, интервенции во јавен простор, инсталации, перформанси, илустрација и графички дизајн. Во фокусот на нејзиното неодамнешно творештво преовладува телото, себството, сексуалноста, општествената позиција на жената. Имала 23 самостојни претставувања во Берлин, Њујорк, Белград, Приштина, Скопје, Гевгелија, Куманово, Кичево и Штип. Има учествувано на повеќе од 100 групни изложби во САД, Германија, Италија, Литванија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Република Северна Македонија. Учествувала на повеќе симпозиуми и ликовни колонии во земјава и во странство. За своето творештво има добиено неколку награди, од кои последната е наградата од КИЦ „Константин Мазев – Коце“ за мал формат во 2024 година. Работи како редовен професор од областа сликање и сликарски техники на Ликовната академија на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.
Култура
Оскаровци, врвни автори, македонски филмови: „Браќа Манаки“ и Битола една недела ќе бидат центарот на филмски случувања

По 46- ти пат „Браќа Манаки“ ќе ја отвори својата врата за светлината на камерата. Овој фестивал е повеќе од традиција, тој е жив организам, пулс на едно општество што сака да биде витално, храбро и отворено за промена, вели организаторот.
-Целосно подготвени и возбудени го започнуваме 46. издание на првиот и најстар фестивал на филмска камера во светот, во полн сјај. „Браќа Манаки“ и Битола, една недела ќе бидат центарот на филмски случувања во светот. Ќе пречекаме великани, оскаровци, врвни автори како Дариус Конџи, Воли Фистер, Семи Капланоглу, нашите лауреати. Тие ќе одржат мастеркласови, ќе престојуваат во Битола и ќе се дружат со нас за време на фестивалот, рече денеска на прес конференцијата во Битола, директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски.
Во главната програма не очекуваат филмови што доаѓаат од храмовите на светскиот филм Кан, Венеција, Берлин- и кои носат со себе свежина во визуелниот јазик, естетска извонредност и авторска совест што зборува за времето во кое живееме.
-Оваа година имаме огромна бројка на акредитирани гости кои ќе присуствуваат во Битола за време на целиот фестивал. Исклучителен избор на филмови од официјалните програми. Имаме филмски ремек- дела кои се дел од специјалните проекции. Исклучителни гости кои ќе бидат дел од работилниците,, предавањата и панелите на кои ќе говорат докажани и еминентни автори, рече Доксевски.
Фестивалот ја враќа и програмата Макпоинт, зошто македонската продукција заслужува да биде гледана и препознаена.
-Макпоинт програмата има одлични македонски филмови кои публиката ќе може да ги гледа под отворено небо на платото пред Офицерскиот дом во Битола. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на целата логистика и помош од Битола. На директорите на Центарот за култура-Битола, Кино Манаки, Офицерскиот дом и сите вработени. Со овие институции договоривме за време на фестивалот за сите проекции на филмовте студентите да имаат 50 % попуст, со цел младите да можат да проследат што повеќе филмови за време на фестивалот. Да сонуваме филмски наредниве седум дена и да уживаме во еден од најубавите фестивали, нашиот „Браќа Манаки“, рече Доксевски.
Култура
Ретроспективна изложба на слики „55 години ликовно творештво” на Боро Арсовски-Бабата

На 23.9.2025 (вторник), со почеток во 20 часот, во Национална устанoва Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, во изложбениот салон ќе биде отворена ретроспективна изложба на слики „55 години ликовно творештво“ на Боро Арсовски-Бабата.
Боро Арсовски-Бабата е роден 1952 година во с. Страцин, Република Македонија. Основно и средно образование завршил во Куманово. Со сликарство се занимава од 1969 година како сликар наивец и воедно изработува скулптури во камен и керамика – теракота. Првпат излага во 1971 година со ДЛУК од кога е и член на друштвото со кое настапува на многубројни годишни изложби ширум Југославија. Член е на УСУ-Галерија “Југославија” Белград. Од 1986 година членува во УСУ “Трета димензија” Белград. Учествувал на преку 30 меѓународни ликовни колонии на наивна уметност во : Риека, Загреб, Петриња, Врбовец, Нови Винодолски – Р. Хрватска, Сански Мост, Лукавац – Р. Босна и Херцеговина, Врање, Светозарево – Р. Србија, Требње – Р. Словенија. Има учествувано на преку 200 групни изложби и 4 самостојни. Неговите дела се лицитирани на неколку аукции во Белград и Скопје, за кои имало најголем интерес, најдолго се лицитирани и најскапо продадени. Неговите слики се наоѓаат во многу Галерии, Музеи и приватни колекции ширум светот. За творештвото на Арсовски се снимени 2 документарни филма. Едниот во продукција на Македонска Радио Телевизија, а вториот филм е снимен за меѓународениот филмски фестивал “Златни сунцокрет” во Р. Србија кој е награден со златна плакета. Боро Арсовски – Бабата живее и работи во Куманово, како самостоен сликар – наивец и сопственик е на уметничка Галерија “Art Gallery Arsovski”.
За творештвото на Арсовски стручната уметничка фела на историчари на уметноста ќе запишат:
“Боро Арсовски слика композиции проткаени со етнографски елементи и Македонски народен фолклор. Сцените ги конципира на специфични односи на хипертрофирање или атрофирање на поедини облици и ликови со снажни симболички значења. Посебност во неговото сликарство го чинат портретите кои во натприродна големина ги вградува во зачудувачки сцени и ситуации”, вака пишува Јурај Балдани од Риека. “Далеку од големите центри на наива, без влијание на веќе афирмирани уметници, сам ги запознава и учи тајните на сликарството. Меѓутоа тоа му помогна да изгради свој сопствен ликовен ракопис, созрее во ликовен творец на оригинални дела препознатливи на пошироката јавност”, пишува Славомир Воиновиќ од Белград. “Сликите на Арсовски претставуваат иновација во наивната уметност, на кои се претставени занимливи варијанти со иреален свет”, ќе запише Мирослава Бошковиќ од Светозарево. Петар Трајковски од Скопје пак ќе запише “Сите се сложуваме дека во сликите на Боро Арсовски – Бабата, сликар наивец се чувствува огномет на бои. Секое делче од сликата е осветлено од чиниш сонце што само над него свети”. “Арсовски секогаш ни ја претставува Македонската земја со сонце печена и со пот залеана. Контрасните бои црвена и сина, како и комплементарните тонови, наговестуваат радост, вжарено небо, блесок на ретка молња”, пишува Милорад Ѓорѓевиќ од Лукавац. “Арсовски слика најразлични ликови, непредвидливи ситуации, неговите бои даваат живост на сликарската фикција. Уметникот во своите слики сака да изненади, да воодушеви, да го збуни гледачот. Волшебноста на преобразбата често пати ја приклонува кон хипертрофирана метаморфоза. При тоа посебно внимание посветува на детали полни со визионерство и драматизам. Во неговите слики легендата и реалното, прикажани се со иста сликарска дикција. Само мајстори како Боро Арсовски можат од привидно неспоивите работи да создадат импресивно единство на сликата. Неговата техника на сликарство ја досегна крајната точка од виртуозноста. Во некои негови слики е доловена апокалиптичноста и луминизмот во колоритот”, ќе запише Божидар Тодороски – Бодле.
Проектот е од националено значење во културата од годишната програма на Национални установи за 2025 година поддржани од Министерство за култура и туризам.