Култура
Почна да се снима „Кајмак“ на Манчевски
Во хотел „Лимак“ во Скопје, денеска почна да се снима „Кајмак“, седмиот филм на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски.
Филмот ќе се снима пет недели на локации во Скопје, во населбите Козле, Автокоманда, Центар, Лисиче…
„Кајмак“ е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот, безмилосна критика на лицемерството и малограѓанштината.
„Кајмак“ е европска копродукција, во која поголем дел од финансиите доаѓа од странство – 52 процента од средствата доаѓаат од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и од Бугарија, а 48 проценти од Македонија (од Агенцијата за филм на Северна Македонија). Македонската радио-телевизија е копродуцент. „Кајмак“ доби поддршка и од европскиот фонд „Еуримаж“, што е огромна потврда за вредноста на проектот. Во екипата се вклучени и филмски работници од Англија, Италија и од Србија.
Во текот на снимањето се очекува во Скопје да пристигнат и копродуцентите на филмот од Данска, Холандија, Хрватска и од Бугарија.
Режисерот Милчо Манчевски изјави: „Лето е преубава работа. Жешко лето е уште поубава. Жешко лето кога се снима најубава. Со ваков супериорен актерски тим и топ-екипа му нема крај на меракот“.
По сценарио и режија на Милчо Манчевски, во филмот играат: Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска, Петар Мирчевски, Филип Трајковиќ, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.
Дански копродуцент на „Кајмак“ е Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентка на филмовите „Антихрист“ и „Меланхолија“ на Ларс фон Трир, како и на данскиот кандидат за „Оскар“ – „Кралската афера“ и на „Сопругата“ со Глен Клоуз. Холандски копродуценти се Изабела Депевег и Елс Вандерворст, која важи за една од најискусните холандски продуценти, со култни филмови како „Мандерлеј“, „Догвил“ и „Танчар во мракот“ на Ларс фон Трир и „Сè е тоа за љубов “ на Томас Винтерберг. Хрватски копродуцент е Синиша Јуричиќ, а бугарски Иван Дојков. Извршен продуцент е Јан Прајор од британската „Скала продакшнс“.
Македонски продуцент на филмот е „Банана филм“. Продуцира Јане Ќортошев.
Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија Данецот Улрик Боел Бенцен, кастинг-директор Милка Анчевска, костимограф Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка Марио Микисанти.
Главни партнери на филмот се „Алкалоид“ и НЛБ банка и „Виза“, а партнери на филмот се „Окта“, „Тиквеш“, „Витаминка“ и „Лимак“. Филмот е помогнат од многубројни домашни и странски поединци и компании.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

