Култура
Почна Фестивалот на нов британски филм Play UK
Фестивалот на нов британски филм „PlayUK“ се отвори во четвртокво кино Милениум со премиерното прикажување на долгоочекуваното продолжение „Т2 Треинспотинг“.
Фестивалот беше официјално отворен од страна на британскиот амбасадор, Н.Е. Чарлс Гaрет.
Фестивалот на нов британски филм „PlayUK“, во организација на Британскиот совет од 16 до 19 февруари ќе ја собере филмската публика во Скопје, Белград, Подгорица, Призрен, Сараево и Тирана, премиерно прикажувајќи десет играни и документарни филмови од современата британска продукција. Документарецот за британското музичко влијание „Човекот од Mo’Wax“, комедија за станувањето возрасен, „Вештините во животот на возрасните“, моќна драма, „Уна“, документарец за ширењето на џихадот во современиот свет, „Признание“, се само некои од интригантните наслови кои ќе и ги претстават новите сили на британскиот филм на публиката ширум регионот.
Режисерот Дерик Борте во филмот „Градот Лондон“ (London Town) го прикажува животот на работната класа во предградијата на Лондон во 1979. Семејствата едвај врзуваат крај со крај, а невработеноста секојдневно расте. 14-годишниот Шеј Бејкер расте брзо, додека целото семејство се бори да не потоне и да се одржи на површината. Откако добива касета со најновата музика од Лондон, звукот на групата „Клеш“ го плени со својата сирова енергија и го влече кон новиот свет.
Моќната драма „Уна“ (Una) е дебитантски филм на режисерот Бенедикт Ендрјус. Сниман според претставата „Кос“, на Дејвид Херовер, „Уна“ носи емотивна приказна за млада жена која тргнува на романтично патување во потрага по нејзиното минато. Со очајна желба да дознае дали се уште му значи нешто на Реј, Уна ќе се појави кај него на работа и го соочува со болното минато кое прогонува. Нивната средба по 15 години ќе отвори безбројни рани и нерешени дилеми, и ќе се појават потиснатите страст и копнеж. Слоевите лаги, забранетата љубов и неочекуваната средба се закануваат да ја сменат насоката на нивните животи. Настапуваат Руни Мара, Бен Менделсон и Риз Ахмед.
„Признание“ (The Confession) е првиот игран документарец на Ашишија Гадиалија. Филмот ја следи приказната на Мозам Бег, муслиман од Англија кој минал низ безбројни конфликти. Од обезбедување на поддршка на муџахедините, преку притворање во затворот Баграм во Авганистан и во Гвантанамо, бунтовничка обука во кампови во Сирија, до ќелиите на затворот Белмарш во Британија, Мозам Бег ни овозможува приказна од прва рака за ширењето на џихадот во денешниот свет и реакцијата на Западот.
Џастин (Бри Ларсон) организира состанок меѓу двајца Ирци (Силијан Марфи, Мајкл Смајли) и банда на чело со Вернон (Шарлто Копли) и Орд (Арми Хамер) во еден напуштен магацин во Бостон во ’70-те. На состанокот расте притисокот затоа што продаденото оружје е дефектно и неочекувано е испукан куршум…Тука следи борбата за опстанок во следниот час и половина на филмот „Слободна стрелба“ (Free Fire). Мартин Скорсезе и Ема Тилингер Коскоф се извршните продуценти на филмот, додека режисер е Бен Витли.
Во „Боби Сендс: 66 дена” (Bobby Sands: 66 Days) е документиран обичниот живот во центарот на турбулентниот и трагичен конфликт, кој се претвора во необичен кога младиот идеалист гладува до смрт за да го зачува интегритетот на републиканското движење на кое верно му служел. Филмот покажува како Сендс ја зема судбина во свои раце и се издигнува до статус на меѓународен херој.

Во летото 1983-та, неколку дена пред да се роди нивниот прв син, писателот и теолог Џон Хал ослепел. За одново да ја најде смислата на животот, тој започнал да води дневник на аудио касети. Ремек делото „Белешки за слепилото“ (Notes on Blindness) го истражува внатрешниот свет на слепилото, врз основа на оригиналните снимки на Џон Хал и прикажува „свет над видот“ вклучувајќи ги и соништата, сеќавањето и имагинарниот живот.
Во комедијата „Вештините во животот на возрасните“ (Adult Life Skills) станува збор за Ана, која се ближи кон 30-те и живее како испосник во градината на мајка ѝ снимајќи видеа во кои нејзините палците се актери. Универзалната приказна за самодовербата и гордоста ќе ги натера на смеа и најладнокрвните, но исто така ќе го постави и прашањето „Како некој да си го најде мирот во себе?“.
На списокот на „PlayUK“ ќе биде документарниот филм „Човекот од Mo’Wax“ (The Man from Mo’Wax), кој го прикажува впечатливиот живот и кариера на диџеј иконата, музичкиот продуцент Џејмс Лавел. На филмот се појавуваат диџеј Шедоу, 3Д од Масив Атак, Футура, Иан Браун, Гранмастер Флеш и Џош Хоми.
Четиридневниот фестивал за новиот британски филм „PlayUK“ исто така го носи и филмот „Најдоброто од нив“ (Their Finest), кој е хумористичен и романтичен поглед на една млада жена која го наоѓа нејзиниот пат во хаосот на војната, но исто така ги открива и филмовите. Хероината Кетрин (Гема Артертон) во Лондон во 1940, работи како сценарист и се обидува да ги организира актерите и филмската екипа за да снимаат филм кој треба да го крене духот на нацијата, но истовремено и да ја инспирира Америка да влезе во војната.
Филмовите кои ќе се прикажат за време на четирите дена во шест градови од регионот во рамките на фестивалот „PlayUK“ ја слават човековата издржливост и способноста за изнаоѓање вистински одговори и решенија во тешки времиња./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

