Култура
Почнува КРИК – Фестивал за критичка култура
Почнува четвртото издание на КРИК – Фестивал за критичка култура, кој го организира „Контрапункт“, асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики (http://www.kontrapunkt-mk.org/).
Од 18 до 22 јуни ќе се одржи првиот дел од четвртото издание на Фестивалот, годинава со тема „Човек без својства – политики на маргините“, кое ќе ги спои разните дискурзивни, уметнички, општествени, активистички и политички практики низ кои ќе се обиде критички да ги истражи и презентира алатките, размислите и дејствувањата преку кои ќе може да се создадат новите текстови на културата и уметноста.
„Оваа година КРИК – Фестивал за критичка култура ќе се одвива како процес низ неколку етапи во годината. Особено ни е важно прераснувањето во платформа и форум за критичка култура, низ која ќе бидат во постојан разговор и конфронтација сите можни алтернативи на промислување на општеството, политичкото, културата, низ агонот со нормираното, зададеното и воспоставеното. Токму затоа ве повикуваме низ овој прв дел на КРИК да бидеме заедно и отворено да разговараме за сите можни патеки низ кои би сакале да го движиме нашето тело како стратегија на отпор“, велат програмските уредници и организатори, Искра Гешоска и Артан Садику.
Фестивалот свечено ќе биде отворен в среда (19 јуни) со почеток во 19.30 часот во Националната галерија Чифте амам со предавањето на Нејтан Браун, професор по англиски јазик и управител на Центарот за проширена поетика на Универзитетот „Конкордија“ во Монтреал, Канада, кој ќе одржи и семинар на тема „Естетичкото образование наназад: Ќор-сокаци на сегашноста“.
Претходно, како бонус содржина, утре (вторник, 18 јуни), во кафе-киното „Котур“, во рамките на програмата „Критичко читање низ филмови“, чиј селектор е хрватскиот филозоф и публицист Петар Милат, во 19.30 часот ќе биде прикажан филмот „Јас бев дома, но“ (2019) во режија на Ангела Шанилек.
Меѓу гостите на првиот дел од Фестивалот се и Арон Шустер, американски писател и филозоф, Лина Гонан, филозоф и активистка од Хрватска, Станимир Панајотов, теоретичар од Бугарија и други.
КРИК – Фестивал за критичка култура се реализира во соработка со: Мутлимедијалниот институт (MI2) од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Berliner Gazette од Берлин, платформата „Светот околу нас – критиката во регионот“, организирана од партнерските организации kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија), SCCA – Љубљана (Словенија).
„Контрапункт“ и КРИК – Фестивал за критичка култура, поддржани од: Гете-институтот – Скопје, Министерство за култура на Република Македонија, Фондацијата „Култура нова“ од Хрватска и „Креативна Европа 2014 – 2020“, Град Скопје.
Логистички партнери на фестивалот се: Националната галерија на Македонија (http://nationalgallery.mk/), „Котур“ (https://www.facebook.com/KoturKafeiFilm/) и порталот „Окно.мк“ (https://okno.mk/). Постојани стратешки партнери на „Контрапункт“ и на КРИК се: МаМа (https://www.mi2.hr/en/) од Загреб и kuda.org (https://kuda.org/) од Нови Сад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.

