Култура
По 20 години од првиот филм, најавено четврто продолжение на „Матрикс“
Официјално е најавено четвртото продолжение од култната научнофантастична трилогија „Матрикс“ во кое ќе биде вклучен најголем дел од тимот што работеше и на претходните три филма. Според холивудските медиуми, од продукцијата „Ворнер брос“ веќе потврдиле дека Кијану Ривс и Кери-Ен Мос се подготвени да ги повторат своите улоги како Нео и Тринити, а Лана Вашовски ќе го напише и режира филмот.
„Премногу сме возбудени што повторно ќе влеземе во матриксот со Лана“, изјави претседателот на „Ворнер брос пикчр груп“, Тоби Емерих.
„Лана е вистински визионер – единствен и уникатен креативен режисер – и ние сме воодушевени што таа го пишува, режира и продуцира ова ново поглавје во универзумот ‘Матрикс’“, додал тој во изјавата што ја пренесе IGN.
Трилогијата „Матрикс“ е креирана од Лана и нејзината сестра Лили Вашовски (кои пред промената на полот беа браќата Лери и Енди), а првиот филм беше вистински хит во киносалите пред точно 20 години во 1999 година.
Филмот бргу стана феномен, па во 2003 следуваа и две продолженија, „Матрикс рилоудед“ и „Матрикс револушнс“ (напишани и режирани од дуото Вашовски), како и еден засебен анимиран филм со наслов „Аниматрикс“.
„Многу идеи што Лили и јас ги истражувавме пред 20 години за нашата реалност како човештво сега се уште порелевантни. Многу сум среќена што ги враќам овие ликови во мојот живот и сум благодарна за шансата одново да работам со моите брилијантни пријатели“, нагласува Лана Вашовски во кратката пишана изјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Курт Елинг и Националниот џез-оркестар во МНТ
Светската мега-ѕвезда на вокалната џез музика, двократниот добитник на Греми награда, Курт Елинг, доаѓа во Скопје.
За него „Њујорк Тимес“ ќе напише дека токму тој е „извонредниот машки џез-вокал на нашето време.“
Според „Вашингтон Пост,“ „“Од средината на 1990-тите, ниту еден џез-пејач не бил толку смел, динамичен или интересен како Курт Елинг”, додека ББС Артс оценува дека тој „… ја турка напред уметноста на џез пеењето, повеќе од било кој друг машки изведувач од неговата генерација“.
Елинг има вкупно десет номинации за Греми награди, од кои има освоено две награди за најдобар вокален џез албум за изданијата Dedicated to you (2009) и Secrets are the best story (2021).
Во 2012 година е прогласен за прв почесен џез амбасадор на Шлезискиот џез фестивал во Полска, а добитник е и на германската награда Ехо џез и Шкотската награда за џез – меѓународна категорија. Во 2013 година е прогласен за Меѓународен џез -изведувач на годината на доделувањето на наградите Jazz FM Awards.
Во текот на својата кариера соработува и снима со Вејн Шортер, Данило Перез, Дејвид Амрам, Ренди Бахман, Боб Белден, Џоан Бракин, Оскар Браун Џуниор, Џоди Кристијан, Били Корган, Орберт Дејвис, Џорџ Фримен, Бади Гај, Јон Хендрикс, Чарли Хантер, Боб Минцер, Бред Мелдау, Ли Ритенур, Џон Пицарели и Боб Шепард. Покрај неговиот бенд со кој најчесто настапува, Курт Елинг бил и член на Квартетот на Бранфорд Марсалис.
Доколку на првите албуми композициите повеќе наликуваат на класичните џез стандарди, звукот на Елинг во последните години добива димензија плус, внесувајќи екстраваганција во музичкиот израз и експериментирајќи со класичните џез музички форми.
Концертот на Курт Елинг со Националниот џез оркестар ќе се одржи на 15 мај, 2024 година во Македонскиот народен театар, со почеток од 20 часот. Диригент на концертот ќе биде Џијан Емин.
Култура
Настап на Националниот џез-оркестар на The Balkan Jazz Showcase 2024 во Тирана
Во организација на Албанското џез здружение (Albanian jazz society) оваа година по четврти пат ќе се одржи фестивалот Balkan Jazz Showcase-2024. На настанот ќе настапат оркестарот NisVille од Србија, Сара Јововиќ трио од Црна Гора, Sethstat Quintet од Македонија, Gypseons Trio од Грција, Leo Richartz Trio од Германија, Alba Dajlani & AJS Quartet од Албанија и Националниот џез оркестар од Македонија. Покрај учесниците од Германија, овој настан ќе ги собере едни од најталентираните џез музичари од Балканот и претставува можност за културна размена и промоција на богатството на џез музиката во овој регион.
На фестивалот Balkan Jazz Showcase-2024 ќе се соберат и директори на фестивали од различни земји, а специјални гости се водечките луѓе од џез асоцијацијата на Кина. Оваа соработка обезбедува не само културна размена, туку и потенцијални проекти во рамките на програмите на Креативна Европа и Западен Балкан, како и промоција на балканската џез сцена на фестивали во кинеските градови како Пекинг, Шангај, Гуангжу и Ченгду.
Покрај музичките изведби, настанот ја вклучува и изложбата „Drumsville – Evolution of the New Orleans Beat“, како подарок од џез-музејот на Њу Орлеанс.
Се очекува оваа манифестација, која ќе се одржи во салата Black Box во Универзитетот за уметности во Тирана од 10-12 мај да ги зајакне врските меѓу уметниците и фестивалите ширум Балканот, отворајќи нови хоризонти за идни соработки и размена на идеи.
Настапот на Националниот џез оркестар е закажан за втората фестивалска вечер, на 11 мај. Настапот на Balkan Jazz Showcase-2024 во Тирана е прв од неколкуте настапи надвор од нашата земја кои ќе следат во наредниот период, преку кои оркестарот ќе се претстави пред публиката во неколку Балкански земји, за што деталите ќе бидат објавени наскоро.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Мајските оперски вечери се дел од културната мисија која прави чуда
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето на 52. Мајските оперски вечери, рече дека сè додека ги слушаме фанфарите со „Триумфалниот марш“ на Верди како го означуваат почетокот на нашата меѓународно признаена манифестација не треба да стравуваме.
Таа додаде дека фестивалскиот оган ќе гори сè додека постои нашата љубов кон Нејзиното Височество – Операта.
„Мајските оперски вечери се повеќе од празник, тие се круна на децениските напори на генерации македонски уметници да создадат и да остават гласовна трага за долги времиња“, рече министерката за култура насочувајќи го вниманието и кон изложбата посветена на макеоднската примадона Милка Ефтимова.
„Тоа се тие генерации врвни уметници на кои им ја должиме сета наша почит зашто од нив научивме дека културата е мисија која прави чуда. Со задача да го промени и да го спаси светот“, рече министерката за култура на отворањето на Мајските оперски вечери.
По церемонијата на палење на фестивалскиот оган од страна на оперската певица Славица Галиќ-Петровска, следеше премиерата на „Трубадур“ од Верди, во режија на Иван Поповски, светски познатиот македонски режисер, кој има голем број оперски поставки во Русија, а кој за прв пат режира опера во сопствената држава.
Диригент беше Енрико Довико од Италија, сценограф Миодраг Табачки од Србија, костимите се на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во операта „Трубадур“ настапуваат Зоран Сотиров, Марјан Јованоски, Сандра Митровска, Сања Анастасиа (Србија), Владимир Саздовски, Дејан Стоев, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Јане Дунимаглоски, како и Хорот и Оркестарот на НОБ. Репризата е на 11 мај, со диригентот Иван Еминовиќ и солисти од Канада и Чиле.
На Мајските оперски вечери ќе се изведат и балетот „Заспаната убавица“ на Чајковски (15 мај) со диригентот Најер Нагуи од Египет и солисти од Бугарија и операта „Валкира“ на Вагнер (18 мај), со која ќе гостува Софиската опера и балет.
Ќе биде изведена операта „Тоска“ (23 мај) со Весна Ѓиновска-Илкова во насловната улога, а ќе има изведба и на камерната опера „Свадба“, со која на 28 мај ќе гостува Словенечкиот камерен музички театар од Љубљана.
Традиционално, Мајските оперски вечери ќе завршат на 31 мај со Вердиевата „Аида“.