Култура
Празник на музичката уметност со италијанските уметници на Охридско лето
Концерт за паметење што разбуди длабоки емоции, возвишена креативност и перфекција во изразот приредија познатиот италијански виолинист Давиде Алоња и уметниците од Филхармонискиот оркестар на театарот во Болоња настапувајќи на тринаесеттата фестивалска вечер на „Охридско лето“.
Италијанската вечер поддржана од Амбасадата на Италија во земјава беше во знакот на италијанските композитори. Магичната ноќ започна со беспрекорна изведба на дела од Антонио Вивалди, а продолжи со композиции од Оторино Респиги, Џакомо Пучини, Џоакино Росини, Пјетро Маскањи и Антонио Базини кои беа отсвирени со сензибилитет што ги разбранува чувствата кај публиката.

Давиде Алоња е еден од најпосветените музичари на италијанската музика од 20 век, проучувајќи, изведувајќи или снимајќи дела кои ѝ се делумно непознати на музичката јавност. Свири на инструмент изработен од Антонио Страдивари во Кремона во 1690 година, кој му е позајмен од Флоријан Леонхард, како и на виолина изработена од Анселмо Готи во 1930 година.

-Почестени сме што сме тука. Од многу одамна сум слушнал за фестивалот „Охридско лето“ и мислам дека е еден од најважните фестивали во Европа и пошироко. Настапивме со целосно италијанска програма. Секако отсвиривме дела од Вивалди кој е во нашето срце. Ќе кажам некои мали работи за него и неговите дела кои иако се познати, имаат мали непознати факти како тоа дека имало сонет за оваа музика. Музиката била напишана пред 400 години, но има нешто многу футуристичко во него. Публиката ги слуша овие композиции стотици пати ама овојпат ги доживеа од друг аспект. Респиги е најпознатиот композитор на 21-от век и ни е чест што го имавме на репертоарот вечерва, во оваа преубава црква во која кога влеговме останавме вчудоневидени бидејќи имавме чувство како да сме во Ватикан. Акустиката е феноменална, рече харизматичниот виолинист Алоња.

Филхармонискиот оркестар на театарот во Болоња е основан во 2008 година од дел од музичарите на оперскиот оркестар. Нивната мисија е да ја промовираат класичната музика во Болоња, притоа гарантирајќи неприкосновен уметнички квалитет. Филхармонискиот оркестар на театарот во Болоња и истиот ваков оркестар кој дејствува во рамките на Миланската „Скала“, се единствени два ансамбли во Италија од овој вид.
Љубителите на класичната музика покажаа огромен интерес за концертот на италијанските уметници за кој се бараше карта повеќе, а во редовите на публиката беше и амбасадорот на Италија во Р.С. Македонија, Паоло Палминтери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

