Култура
Прв театарски фестивал за деца „Силјан Штркот“ во Прилеп
Првиот театарски фестивал за деца „Силјан Штркот“ ќе се одржи викендов во Прилеп како предвесник на театарскиот фестивал за возрасни „Војдан Чернодрински“. Фестивалот кој ќе се одржи на 31 мај, 1 и 2 јуни е во организација на Здружението на граѓани „Мал Прилепски Театар“, поддржан од Општина Прилеп и дел од прилепските стопанственици.
Оранизаторите на викенд театарското дружење за најмладите веруваат дека ова ќе прерасне во традиција за што доволна потврда е големата побарувачка на влезници за сите четири претстави.
„Поттикнати од идејата на МТФ Војдан Чернодрински, сакавме да направиме сличен фестивал, но за деца. Со овој фестивал сакаме да ги пораснеме децата во сериозни театарски критичари кои ќе знаат да препознаат квалитет. Целта ни е од најмали нозе да ја учиме публиката колку е важна културата и односот кон неа“, истакна Марија Спиркоска Илиеска.

„Една од главните причини за нашето делување на овој начин е да ги оттргнеме децата од модерниот начин на живот. Животот не се случува само пред екраните на мобилните телефони, таблетите и компјутерите. Претставите кои што ќе бидат дел од првото издание на овој фестивал се: ‘Црвенкапа’ од Театарот од Велес, ‘Малиот Принц’ од Театарот Сенки и облаци од Скопје, ‘Заборавените кукли’ од Театарот од Битола и ‘Грдото пајче’ од ТДМ од Скопје. Сите овие наслови се лектири во основно образование“, истакна Ангела Наумоска.
На репертоарот на театарскиот детски фестивал „Силјан Штркот“ се претставите „Црвенкапа“ од театарот од Велес, која в петок, на 31 мај, во 19 часот во театарот „Војдан Черндрински“ ќе го отвори фестивалот, в сабота, во 12 часот во кино салата „Мис Стон“ е преставата „Малиот Принц“ на театарот на Сенки и облаци од Скопје, а во центарот на градот кај саат кулата во 20 часот ќе биде прикажана пртставата „Заборавените кукли“ од театар Битола, додека, в недела, фестивалот ќе го затвори претставата „Грдото пајче“ од театар за деца и младинци Скопје , која ќе се прикаже во театарот „Војдан Чернодрински“, во 19 часот.
Пред свеченото отворање во театар „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи забава за деца со Lotus Lounge Chair, а специјална точка на отворањето на фетивалот, ќе одржат учениците од трето 3 и трето 4 од ООУ”Кире Гаврилоски-Јане” од Прилеп.
Забава ќе има и во саботата по завршувањето на преставата „Заборавените кукли“ со група Тhe Four, а ќе се одржи и работилница театар на сенки.Во татарскиот фестивал со изработка на цртежи вклучени се и децата од градинките „Наша иднина“.
Како надополнување на содржинскиот дел на фестивалот изработена е маскота, ликовно решение кое го симболизира процесот на преобразбата на Силјан Штркот од штрк во човек и обратно, од страна на Александар Џинго и Бојана Мартиноска Трпческа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.

