Култура
Предлагачите на инцијативата „Културата е насловната страница на секое општество“ бараат целосна ревизија проектите од конкурсот
Итна средба со премиерот, министерот за култура, советникот за култура на премиерот, националниот координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка бараат од иницијативата „Култура е насловна страница на секое општество” .
„Бараме итна средба со премиерот Зоран Заев, министерот за култура Асаф Адеми, советничката за култура на премиерот Цветанка Ласкова и националниот координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски, на која ќе ги образложиме нашите барања и ќе понудиме предлог-решенија за надминување на настаната ситуација. Нашето долгогодишно искуство и опстојување во сферата на културата и постигнатите успеси во земјава и надвор од неа јасно зборуваат за нашиот кредибилитет и капацитет за понатамошно дејствување. Ние ќе предложиме мерки преку кои овие прашања можат да се решат, како и примери на кој начин овие прашања се решени и како се третираат во други земји, со цел да создадеме ново, чисто и јасно поле за делување во културата. Нашата иницијатива е основана со цел да се избориме за воведување ситем кој ќе помогне во понатамошното делување во културата и правилен развој и негување на културните вредности во едно општество за сите, сакаме да помогнеме, да укажеме и во иднина да делуваме според утврдени правила, кои ќе обезбедат овие услови да се спроведат“, бараат передлагачите на оваа иницијатива.
Тие очекуваат одговорните луѓе на челните позиции во државава да ги слушнат нивните укажувања, да ги препознаат нивните заложби и да обезбедат средбата на која ќе се направи транспарентна ревизија на поддржаните проекти и повторно разгледување на одбиените проекти во сите дејности.
„Досега се направи повторно разгледување само на одбиените проекти. Бараме транспарентна ревизија на поддржаните проекти и повторно разгледување на одбиените проекти во сите дејности. Особено да се обрне внимание на оние организации чии проекти се одбиени или подржани со недоволен износ, кои доставиле комплетна документација и квалитетна програма, а притоа се организации со долгогодишна работа и активно делување во полето на културата и уметноста, признаени како во домашен, така во меѓународен контекст“, сметаат тие.
Во нивните барања стои и иницијатива за воспоставување нови и јасно мерливи критериуми за оценување и одлучување за да се избегнат сите малверзации и неправилности во доделувањето средства и начинот на делување на културните работници.
„Во иднина бараме воведување јасни, дефинирани и мерливи критериуми кои ќе помогнат во воспоставување систем на професионална распределба на средствата во конкурсите за програми од национален интерес. Не сакаме повеќе да добиваме средства по случаен избор, во случајни околности. Сакаме систем кој ќе овозможи работата на секој културен оператор и работник, искусен или млад, да може да се валоризира, систем што ќе овозможи секој поединец или група да може да даде максимален придонес во општеството, преку своето делување во културата. Оттаму бараме ‘одговорност’ како критериум, или јасни индикатори преку кои ќе оценува дали и на кој начин е реализирана поддржаната програма. На тој начин ќе се санкционира неправилното работење и ненаменско трошење на доделените средства и ќе се намали/оневозможи доделување на средства на оние субјекти кои нема да ја остварат поддржаната програма/проект. Зголемување на буџетот за поддршка на културни и уметнички програми“.
Меѓудругото, тие бараат исто така финализација на Законот за јавен интерес во културата, кој ќе ги содржи стратешките промени и негово изгласување со што ќе се овозможи правна и обврзувачка основа за негова имплементација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.
Култура
Улогите по кои ќе го паметиме Роберт Дувал
Роберт Дувал, оскаровец и еден од најкарактерните актери на американскиот филм, почина на 96-годишна возраст. Веста ја потврди неговата сопруга Лусијана Педраса Дувал, наведувајќи дека починал мирно во својот дом во Вирџинија. Семејството соопшти дека нема да има јавна погребна церемонија.
Кариерата на Дувал, долга седум децении, не може да се сведе на еден наслов или еден тип улога. Иако публиката често го памети како Том Хејген, тивкиот и пресметлив адвокат на семејството Корлеоне, неговиот актерски опсег беше многу поширок.
Од раните театарски години во Њујорк, преку подемот во шеесеттите и седумдесеттите, Дувал создаваше ликови на авторитети, војници, проповедници и луѓе на работ на распад, со ист занаетчиски фокус. Оскарот за главна улога во Tender Mercies само формално потврди дека може сам да понесе филм.
Во продолжение се десет филмови по кои ќе го паметиме.
To Kill a Mockingbird (1962)
Филмската адаптација на романот на Харпер Ли е раскажана од детска перспектива, но зборува за длабок општествен судир: адвокатот Атикус Финч брани Афроамериканец обвинет за силување на бела жена на сегрегираниот американски Југ.
Улогата на Дувал е мала, но клучна. Со воздржана телесност и тивки погледи, тој создава лик кој од урбана легенда постепено станува вистинска, ранлива личност.
MAS*H (1970)
Филмот на Роберт Алтман е воена приказна што функционира како антивоен коментар, сместена во мобилна болница за време на Корејската војна.
Дувал го толкува мајорот Френк Бернс – офицер кој ја сфаќа својата позиција премногу сериозно. Наместо карикатура, Дувал го игра со целосна сериозност, а токму од контрастот со циничната околина произлегува хуморот.
The Godfather (1972)
Филмот на Френсис Форд Копола е епска студија за моќта и семејството.
Том Хејген е адвокат и стратег на семејството Корлеоне – човек кој не вика и не се заканува, но разбира системи и правила. Тој е фигура меѓу два света: правниот и криминалниот. За оваа улога доби номинација за Оскар за споредна машка улога.
Apocalypse Now (1979)
Филмот го претвора војувањето во психолошки лавиринт.
Дувал го игра потполковникот Бил Килгор – харизматичен командант кој војната ја доживува како сцена за личен стил. Неговата интерпретација покажува човек на кој насилството му станало рутина. За улогата беше номиниран за Оскар.
Tender Mercies (1983)
Тивка драма за поранешен кантри музичар кој се обидува да го обнови животот по алкохолизмот.
Дувал го игра Мек Слеџ без патетика и претерување. Со минимализам и внатрешна напнатост создава лик на човек кој се бори со минатото. За оваа улога го освои Оскарот за најдобар актер.
Days of Thunder (1990)
Приказна за млад возач кој учи дека брзината бара контрола.
Дувал е Хари Хог – искусен шеф на тим и ментор. Во филм исполнет со адреналин, неговиот лик е симбол на стабилност и практична мудрост.
The Apostle (1997)
Драма за проповедник кој по личен пад се обидува да почне одново.
Дувал го режира и го игра Џулиус Ф. „Сони“ Дјуи – харизматичен, но нестабилен човек, способен и за инспирација и за деструкција. За улогата доби номинација за Оскар.
Jack Reacher (2012)
Акционен трилер за поранешен воен истражител кој открива сложена мрежа зад наизглед едноставен случај.
Дувал се појавува како Мартин Кеш – сопственик на стрелиште со сопствен кодекс и искуство што ја продлабочува приказната.
The Judge (2014)
Судска драма што се претвора во семејна приказна.
Дувал го игра судијата Џозеф Палмер – човек кој целиот живот бил авторитет, а сега се соочува со слабоста и стареењето. Улогата му донесе уште една номинација за Оскар.
The Pale Blue Eye (2022)
Готски трилер сместен во 1830 година, во кој се истражуваат мистериозни убиства во Вест Поинт.
Дувал го толкува Жан Пепе – лик со знаење и сложена историја, чие присуство ѝ дава тежина на мистеријата. Ова беше неговата последна филмска улога.
Роберт Дувал зад себе остави редок опус: без разлика дали играше адвокат, војник, музичар или судија, секогаш внесуваше мирна сила и внатрешна прецизност што ги правеше ликовите незаборавни.

