Култура
„Пред будење“- самостојна изложба на Јулија Манојлоска
На 10 септември, со почеток во 20 часот, во Центар-Јадро, ќе биде отворена четвртата самостојна изложба на Јулија Манојлоска.
Секој сегмент на просторната инсталација насловена „Пред будење“, претставува засебен елемент и дело само по себе. Сите форми кои лебдат се различни идентитети. Ако секаде наоколу постојат различни идентитети и ако ние самите понекогаш сме дел од нив, лебдењето на истите го ставаат уметникот во улога на лутање по есенција. Секоја црна пластична топка е геополитичка, социјална и културна криза која лебди во целосен комфор. Ако идентитетот како синоним значи еднаквост или истост, тогаш „кругот“ е кршлив. Делото „Пред будење“ го претставува изминатиот периодот на колективното „спиење“. И така една црна линија која нацрта една овца еднаш кажа „Пролет е, преживеавме“. Делото како објект за прв пат беше изложено на ХIV Меѓународно Биенале на млади уметници, во НУ Музејот на современата уметност, во 2023 година. На оваа самостојна изложба, делото и понатака го претставува изминатиот период, како период пред будење, период на лебдење на идентитетите, но овој пат во просторот на движење, каде нивното присуство почнува да и смета на публиката. Повторно го истражува волуменот, формата и бојата како обоеност и шаренило. Инсталацијата, односно објектот е просекот на наталожените емоции, црното индиго на идентитети над нашите глави и некритичкиот поглед кон наметнатото.
Манојлоска Јулија e родена на 25. 08. 1993 година во Скопје. Во 2015 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности, во Скопје, во класа на м-р Јован Шумковски.
По завршување на студиите активно се занимава со сликарство и инсталации во областа на современата ликовна уметност.
Има учество на повеќе групни и самостојни изложби и проекти од областа на визуелни уметности: Групна изложба, Витражи во Музејот на современа уметност во 2011 година, Групна изложба на цртежи во Чифте Амам во 2012 година, Годишна изложба на Факултетот за ликовни уметности во 2012, 2013, 2014 и 2015 година. Групна изложба на Биенале на цртеж- Остен во 2016 година Учество на групната интернационална изложба Gogyoshi Art Project во галерија FLUX во 2016 година. Групна изложба YoungArt, во Мала Станица, во 2016 година Учество на Скопје Креатива со самостоен ликовен проект – инсталации, насловен „Транспарентни сенки“ во МКЦ, 2017 година Самостојна изложба во Ликовна Галерија, „МаркоЦепенков“, во Прилеп, 2017 година . Учество на изложбата „Св. Климент Охридски“ во НУБ, во 2017 година. Учество на Скопје Креатива со самостоен проект, ликовна инсталација насловена „Интервенција во форма и боја„ , во 2018 година Учество на изложба на фотографии, „99 File“, во Н.У. Музејот на современата уметност во Скопје, во 2018 година, Самостојна изложба, насловена „Секвенци“ , воДом на градежници Галерија КО-РА, во 2019 година. Учество на 13-то Меѓународно Биенале на млади уметници во Н.У. Музејот на современата уметност во Скопје, во 2021 година. Самостојна изложба во МКЦ, насловена „Пресоздавање“, во 2021 година. Учество на 14-то Меѓународно Биенале на млади уметници во Н.У. Музејот на современата уметност во Скопје, во 2023 година.
Изложбата е поддржана од Министерство за култура на РС Македонија и КСП Центар-Јадро.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

