Култура
Прекрасна вечер со сопранистката Жанг и пијанистот Синадиновиќ
Кинеската сопранистка Ванже Жанг и српскиот пијанист Дејан Синадиновиќ вчеравечер одржаа концерт во рамките на музичкиот репертоар на фестивалот „Охридско лето“.
Во црквата „Света Софија“ одекна прекрасниот глас на Жанг во пијано придружба на нејзиниот колега Синадиновиќ кој остварува настапи во престижни концертни сали.

– Навистина поминавме прекрасна вечер. Јас ги сакам Македонците и Македонија затоа што целото детство го поминав во Скопје. Тоа е многу емотивна врска и овде секогаш се чувствувам како дома, па дури по малку и зборувам македонски. Но што се однесува до концертот на „Охридско лето“, тој е еден од низата кои јас и госпоѓата Ванже Жанг ги организираме. Следува голема турнеја низ Европа и се надевам дека ваквото темпо ќе продолжи затоа што сметам дека имаме што да понудиме. Таа е навистина извонреден пејач, вели пијанистот Синадиновиќ.
Двајцата уметници имаат свои кариери, но соработуваат околу пет години.
– Јас сум професор на академија, но секогаш кога времето ќе ми дозволи правиме различни концерти низ целиот свет, Кина, САД, Европа…, додава пијанистот Синадиновиќ.

Ванже Жанг е истакната кинеска сопранистка чија вонвременска убавина на нејзиниот глас ги надминува географските граници. Како прва кинеска носителка на главна ролја во Белградската опера, Жанг е визионер и голем поборник за културна размена и образование на младите. Преку нејзиното делување како претседател на Фондацијата „Universal Artists“ и заменик претседател на Кинеско – српскиот центар за научна и културна размена, таа е предводник на иницијативата зa соработка помеѓу Далечниот исток и Западот преку универзалниот јазик на музиката.
Дејан Синадиновиќ е пијанист и професор на Факултетот за музичка уметност во Белград. Преку педагошките влијанија на неговите професори Арбо Валдма и Елисо Вирсаладзе тој е поврзан со значајните традиции на Артур Шнабел од една, и на Јаков Зак и Хајнријх Нојхаус од друга страна.Остварува настапи во престижни концертни сали одржувајќи преку 100 рецитали на фестивали во Италија, Франција, Шпанија, Полска, Германија, Белгија, Швајцарија, Англија, Црна Гора, Грција, Северен Кипар, Турција, Данска, Романија, Русија како и во САД, Канада и Кина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

