Култура
Премиера на претставата „Кататонија“ во МНТ

На 3 јуни, со почеток во 20:00 часот, на големата сцена на Македонскиот народен театар ќе се одржи премиерната изведба на претставата „Кататонија“, по мотиви на драмскиот текст на Алис Бирч, во режија на Васил Христов и драматург Викторија Рангелова-Петровска.
Во претставата играат: Верица Недеска, Ања Митиќ, Сања Арсовска, Јасмина Билаловиќ, Јасмина Василева, Игор Ангелов, Дениз Абдула и Владимир Петровиќ.
Како костимограф се потпишува Роза Трајческа-Ристовска, сценографското решение и изборот на музиката се на Васил Христов, а дизајнер на плакатот е Денко Матевски, дизајнер на светло е Игор Митревски и дизајнер на тон е Александар Арсиќ. Инспициент на проектот е Саво Ивановски.
Претставата е во копродукција на Вондерленд театар – Скопје и Македонскиот народен театар.
Претставата „Кататонија“ нè соочува со суровоста на современото општество, преку екстремни ситуации и ликови фрлени на маргините на општеството. Преку 24 различни приказни и голем број различни ликови, се проблематизираат прашања поврзани со патријархатот, правосудниот систем, соочувањето со кривичен прогон, одземена слобода, затворски услови, соочување со злосторство, личната трансформација при преиспитување на сопствената вина, личната трансформација при состојба на каење…
„Кататонија“ шокира со суровоста на ситуациите и дијалозите и бескрупулозно покажува со прст на системските аномалии. Јазикот на претставата е жесток, суров, но реален.
Драмското писмо на Алис Бирч претставува продолжение на епохата на Сара Кејн, Марк Рејвенхил, Керил Черчил и други претставници на „ин јор фејс“ драматургијата, но погледнато од денешен агол.
Во надградената драмска предлошка во која секоја сцена останува засебна „приказна“, поврзаноста помеѓу сцените се насетува преку темите што ги обработува, некогаш преку реплика, некогаш преку зададена состојба и атмосфера , некогаш поради потребата да се надгради една или повеќе драмски ситуации, при драмските паузи или во она што го нема, а сепак е присутно.
Билетите се достапни онлајн преку www.mnt.mk и на билетарницата во МНТ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Македонскиот народен театар вечерва ја изведува „Народен пратеник“ во Народно позориште – Белград

129 години по праизведбата на „Народен пратеник“ и 101 година од неговото прво печатено издание, „Народен пратеник“ на Македонски народен театар вечерва игра во Народно позориште – Белград.
Оваа прва комедија на Бранислав Нушиќ, во изведба на моќна актерска екипа и режисерски конципирана од страна на Егон Савин, по впечатливата и одлично забележана изведба на реномираниот фестивал и добиената специјална награда за колективна актерска игра од „Стериино позорје“ – вечерва во 20:30 часот игра на сцената „Раша Плаовиќ“.
Силните впечатоци и импресиите што ги сподели новосадската публика и критиката за двете изведби се патоказ и очекување тоа да се доживее и по оваа изведба.
Култура
Историски ден за МНТ: триумф на ансамблот во „Народен пратеник“

3 јуни 2025 – ден што со особена чест ќе биде запишан во поновата историја на Македонскиот народен театар.
Наградата што секој актер и ансамбл ја посакуваат – Специјалната Стериина награда за колективна актерска игра – му припадна на ансамблот на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, а во продукција на Македонскиот народен театар – Скопје.
Ова е награда што ја слави и ја велича не само актерската вештина туку и сплотеноста што се раѓа на сцената – заедништвото во процесот на создавање, како и силата на колективната енергија што живее низ целото траење на претставата.
Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас), народот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили, како и целиот тим зад сцената – го заслуживте ова признание!
ПР
Култура
Премиера на балетот „Госпоѓа Бовари“ – одбележување 25 години уметничка дејност на примабалерината Марија Кичевска-Шокаровска

На 25 јуни 2025 година со почеток во 20.00 часот на големата сцена на Националната опера и балет, ќе се одржи премиерата на новата балетска продукција „Госпоѓа Бовари“, инспирирана од безвременскиот роман на Густав Флобер. Ова сценско остварување е посветено на јубилејот од 25 години уметничка дејност на примабалерината, Марија Кичевска Шокаровска која со својата енергија, емоција и посветеност остави длабок белег во историјата на македонскиот балет.
Ова балетско дело, поставено во два чина ја раскажува драмата на женската душа, копнежот по страст, слобода и трагичниот судир со општествените норми.
Диригент е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизност и современ израз го доловува духот на 19 век, додека музичката подлога е составена од дела на К. Сен-Санс, М. Равел, Ж. Масне, Ф. Менделсон и Г. Ф. Хендл, сценографијата и костимографијата се на Андреј Злобин и Гана Ипатиева од Украина, светло дизајн, Милчо Александров, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Особено значајно е што оваа премиера е посветена на Марија Кичевска Шокаровска, која со својата уметничка кариера остави неизбришлив печат во историјата на македонскиот балет.Таа ќе ја толкува главната улога на Ема Бовари, во останатите улоги ќе настапат, Франциско Хименез Руиз (Шарл Бовари), Балаж Лочеи (Рудолф Буланже), Дмитро Чеботар (Трговецот Лере) и Ендру Кук (Доктор Оме) заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Билетите се пуштени во продажба, онлајн и на билетарницата на МОБ.