Култура
Премиера на театарската претстава „Хелверовата ноќ“ во Охрид
На 17 ноември 2025 година, со почеток во 20:00 часот, на малата сцена на НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид, ќе се одржи премиерната изведба на претставата „Хелверовата ноќ“, во продукција на ЗУКЦ МЕДИА АРТЕС Охрид.
Претставата е во режија на Александар Јовановски, а во неа играат Даријан Петров и Јасмина Билаловиќ.
Базирана на истоимената драма на најпознатиот современ полски драматург, режисер и професор Ингмар Вилквист (алијас Јарослав Свијершч), напишана во 1999 година, претставата на суптилен и потресен начин ја прикажува чудната врска помеѓу мајка и посинок – млад човек со посебни потреби. Преку слоевитиот однос мајка-дете, старател-штитеник, брат-сестра, маж-жена, џелат-жртва, авторот гради интимна приказна за две различни суштества кои се обидуваат да најдат смисла и сигурност во свет кој секоја „различност“ ја дочекува со насилство и осуда.
Во атмосферата на тоталитарниот, фашистички занес од 1930-тите, „Хелверовата ноќ“ ја разоткрива трагичната судбина на оние кои не припаѓаат на мнозинството – оние за кои едноставно нема место во таков свет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Драмскиот театар се одржа комеморација за актерот Лазе Манасковски
„Кога заминува актер, не заминува само човек, заминува цел еден свет, цел еден универзум што тој го создавал на сцената. Со силен аплауз да го испратиме универзумот на Лазе Манасковски“ – со овие зборови во името на македонското глумиште директорот на Драмскиот театар Скопје, Роберт Вељановски, му оддаде последна почит на истакнатиот македонски театарски, филмски и телевизиски актер Лазе Манасковски.
Во присуство на семејството, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, голем број колеги, пријатели и почитувачи, денес во Драмскиот театар се одржа комеморацијата за актерот Лазе Манасковски.
Во телеграмата со сочувство испратена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се истакнува дека: „Лазе Манасковски оствари незаборавни ролји во кои беспоштедно се вложуваше предавајќи ѝ се на божицата Талија. Ќе го помниме него, но и ликовите што со жар и со љубов ги толкуваше вдахнувајќи им живот и давајќи им уметнички печат“.
Министерот Зоран Љутков во телеграмата напиша: „Се простувам од човек со кого делев сцена, време и професија, од уметник, чија посветеност, тивка сила и длабока човечност оставија трајна и неизбришлива трага во македонскиот театар. Лазе Манасковски беше актер што не се штедеше себеси, кој со искреност и достоинство ја живееше уметноста и ѝ служеше со целото свое битие. Ќе недостигаат неговиот глас и енергијата што ја носеше со себе. Изгубивме колега од кој се учеше за професијата, но и за човечноста“.
Телеграми со сочувство беа испратени од колегите од повеќе македонски театри, како и од Факултетот за драмски уметности. На комеморацијата последен поздрав упатија актерот Благоја Чоревски, а со свое емотивно обраќање пред присутните се обрати синот на Лазе, актерот Симон Манасковски.
Актерот Лазе Манасковски е роден 27 март 1958 година во Скопје, а почина на 20 декември 2025 во Скопје. Дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1982 година. Во Драмскиот театар е вработен во 1983 година, каде што е професионално ангажиран сѐ до неговото пензионирање во 2022 година.
Во театрографијата на неговата матична куќа останува забележено дека Лазе Манасковски на сцената на Драмскиот театар дебитира уште како студент со улогата Тајниот пират во детската претстава „Џон Пиплфокс“ по која остварува улоги во повеќе од педесетина претстави.
Дел од ликовите што ги игра Манасковски во театарот се: Славко Милосавлевиќ во „Карамазови“, Јован во „Салома“, Стеван Савски во „Собирен центар“, Роже во „Балконот“, Калибан во „Бура“, Хеликон во „Калигула“, Били во „Маратонците го трчаат почесниот круг“, Даме во „Кумови“, Дезертер во „Вазна од порцелан“, Бејбифејс во „Ова не е американски филм“, Дон Гусман во „Свадбата на Фигаро“ или „Налудничав ден“, Помладиот брат во „Дунек“, Егеј и Гоце Гладник во „Сон на летната ноќ“, Херера во „Што е тоа што ги тера жените навечер да трчаат по улиците на Мадрид“, Брендан во „Поручникот од Инишмор“, Коле Сукало во „Сон на летната ноќ“, Духот во „Хамлет“, Киро Стап во „Чија си“, Димитрија во „Буре барут“, Раде Кепевски во „Како да се ограби банка?“, Поул во „Фестен“, и во последната негова претстава во продукција на Драмскиот театар го игра ликот на Мак-Бум во „Пантаглез“.
Манасковски остварува и повеќе филмски и телевизиски улоги. Публиката го памети по ликовите од филмовите: „Сенки“, „Исцелител“, „Врба“, „Хомо“, „Кајмак“ и во телевизиските серии: „Трст виа Скопје“, „Македонски народни приказни“, „Тврдокорни“, „Македонија може“, „Чудовиштата во нашиот град“, „Во светот на бајките“, „Заведени“, „Фамилија Марковски“, „Преспав“, „Бистра вода“ и многу други.
Македонскиот уметник, актерот Лазе Манасковски, беше погребан во понеделникот во присуство на семејството, многуте колеги и претставниците на македонската театарска и културна јавност.
Култура
„Лилјакот“ повторно на сцената на МОБ: спектакуларна оперета на 26 декември во Скопје
По три одлични изведби, „Лилјакот“ ќе се изведе повторно на големата сцена на МОБ за вечер исполнета со музика, хумор и емоции, културно доживување што ја освои пуб-ликата и критиката, соопшти организаторот.
„Македонската опера и балет со гордост ја најавува четвртата изведба на оперетата „Лилјакот“ (Die Fledermaus) од Јохан Штраус II, која ќе се одржи на 26 декември 2025 година. По две претходни изведби што предизвикаа бурни аплаузи, високи оценки од публиката и критичката фела, ова ремек-дело на класичната музика се враќа како еден од најочекуваните културни настани во декемврискиот репертоар.
„Лилјакот“ е светски позната оперета што ја слави радоста, музиката и ведрината на животот, со шармантни сцени, хумор и незаборавни арии. Оперетата ја освои публиката, која ја опиша како „возбудлива, духовита и емоционално живописна“ и која ја поздрави со овации и силни аплаузи“.
Оваа изведба, под диригентска палка на Бисера Чадловска и во режија на Љупка Јакимовска, нуди уште една можност за љубителите на уметноста да уживаат во празнична вечер исполнета со музика, раскош и многу смеа.
Доколку ја пропуштивте претходната изведба, ова е вашата можност да бидете дел од ова празнично културно искуство и да ја почувствувате магијата на „Лилјакот“ во живо, вели организаторот.
Култура
„Џез под ламба“ повторно во Центар, магична божиќна атмосфера со Мартина Елиора и нејзиниот бенд
Општина Центар на 27 декември, со почеток во 19:00 часот, ќе го одржи настанот „Џез под ламба“ на пјацетата кај Италијанската амбасада.
Граѓаните ќе имаат можност да уживаат во џез верзии на најпознатите новогодишни и божиќни песни во изведба на Мартина Елиора со нејзиниот бенд, но и да пробаат греано вино и печени костени.
„Ги поканувам сите љубители на добрата музика да ни се придружат и да ја споделиме божиќната атмосфера. Да ја продолжиме оваа навистина убава традиција, која му дава посебен и препознатлив шарм на Центар“, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Настанот „Џез под ламба“ веќе трета година е дел од програмата за култура на Општина Центар, музички настан кој го промовира џезот и македонските изведувачи.

