Култура
Премиера на филмот „Набљудување“
Продуцентската куќа „Кавал филм“ од Скопје известува дека на 15 јули 2024 (понеделник, 20.30 ч), во рамките на Фестивалот на европскиот филм „Синедејс“, во МКЦ парк-киното ќе се одржи премиера на долгометражниот игран филм „Набљудување“ на режисерот Јанез Бургер.
Филмот „Набљудување“ е копродукција меѓу Словенија, Италија, Хрватска и Македонија. Проектот е поддржан од Словенечкиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, РТВ Словенија, „Студио виба филм“, Агенцијата за филм на Република С. Македонија, „Креативна Европа медија“ (Creative Europa Media), регионалниот филмски фонд ФВГ од Италија (Friuli Venezia Giulia Film Commission) и Министерството за култура на Италија.
Продуценти на филмот „Набљудување“ се Миха Чернец и Јожко Рутар од продуцентската куќа Старагара од Словенија, а копродуценти се Борис Т. Матиќ („Пропелер филм“, Хрватска), Игор Принчич („Трансмедија“, Италија) и Роберт Јазаџиски („Кавал филм“, Македонија). Визуелните ефекти за филмот ги изработи филмското студио за визуелни ефекти и анимација ФХ3Х од Скопје, а дизајнер на звук од Македонија е Игор Поповски.
Интернационалната премиера на филмот беше одржана на реномираниот филмски фестивал во Естонија, Tallinn Black Nights Film Festival во 2023 година.
Филмот е добитник на наградите „Весна“ за најдобра женска улога, најдобар продукциски дизајн и најдобар звук, а беше номиниран и за наградите најдобар филм, најдобра режија и сценарио на фестивалот на словенечкиот филм во Порторож во 2023 година. Наградата за најдобар звук ја делат Јулиј Зорник и нашиот Игор Поповски. Филмот исто така има три номинации на филмскиот фестивал во Трст, Италија, во категориите: најдобар филм од публиката, од жирито и од CineEuropa. На интернационалниот филмски фестивал во Софија филмот е номиниран за наградата најдобар филм во програмата Balkan competition.
Филмот е инспириран од вистински настан, кој се случил во Словенија, а претставува повик до секој поединец за надминување на пасивноста, која денес е длабоко вкоренета во современото општество – на глобално ниво, повик за враќање на она елементарно чувство на емпатија, разбирање и помош на друго човечко суштество
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Романтичниот балет „Жизел“ на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари
Еден од балетските бисери на класичниот репертоар – „Жизел“ од Адолф Адам ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари со почеток во 19.30 часот.
Диригент е Едуард Амбарцумјан (Ерменија), кореографијата е по Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски, во адаптација на Ирена Пасариќ (Хрватска). Костимограф е Александар Ношпал, сценографијата е на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а дизајнот на светло е на Милчо Александров.

Во насловната улога – Жизел настапува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Алберт – Балаж Лочеи, како Мирта настапува Илијана Данилов, а во улогата на Хиларион – Бобан Ковачевски, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Едно од најпознатите дела од класичниот балетски репертоар, „Жизел“ ја раскажува приказната за љубовта, измамата и прошката, која во вториот чин се одвива во светот на вилите. Лиричната музика и препознатливата кореографија го прават балетот постојано присутен на светската и домашната сцена.

Премиерно изведен во Париз во 1841 година, балетот „Жизел“ се смета за врв на романтичниот балет, особено по прочуениот „бел чин“ – еден од најпрепознатливите симболи на класичната балетска естетика.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.

