Култура
Претставата „Бог на масакрот“ во „Театар комедија“
НУ „Турски театар“ ќе ја изведе претставата „Бог на масакрот“ од Јасмина Реза и во режија на Билге Емин в четврток со почеток во 20 часот. Претставата ќе биде изведена на сцената во „Театар комедија“ и се изведува со титл на македонски јазик.
Единаесетгодишениот Фердинанд Реј со стап го удира Бруно Улије по лицето. Двата пара Реј и Улије, чии деца се скарале, се среќават за да го решат проблемот по мирен пат. Комуникацијата на средбата започнува цивилизирано. Но, како разговорот се развива, започнува да се рефлектира несреќата на секој поединечен лик и средбата е осудена на катастрофа. Претставата започува со мислата ‘дека без оглед на сé, постои нешто што се вика уметност на соживот’, но со развојот на дејствието започнува да се доведуваат во прашање виталните животни вредности, како што се брак, деца, професија, социјална средина, статус итн. Во текот на овие анализи се согледува дека насилството постои во нас, а дивјаштвото е дел од нас.
Вероник, Мишел, Анет и Ален се поединци кои се трудат да држат чекор со системот. Средбата која започна на многу цивилизиран начин, завршува со избивање на дивјаштвото кај сите нив. Во текот на драмското дејствие на гледачот му се наметнуваат низа витални прашања: дали „дивјаштвото” е вродена состојба или чувство кое подоцна ни било наметнато; дали ние управуваме со институцијата брак или ние сме управувани од институцијата; имајќи на ум дека секој гледач може да се соочи или на своја кожа да ги осети наведените состојби.
Егото го води човекот до изумирање. Кога поединецот кој негативно го храни своето его се соочува и со ароганцијата, тогаш поаѓајќи од изреката на Макијавели „Целта ги оправдува средствата“, насилството и дивјаштвото ја оправдувааат својата намена.
Без оглед колку човекот се обидува да излезе од системот, системот го привлекува. Не можете да се спротивставите на системот. Во мигот кога ќе се спротивставиш твојот бог на дивјаштвото ќе биде уништен од неговиот бог на дивјаштвото. Важно е дали да се држи чекор со системот или не. Дали да се постигне решение на проблемот или не? Сето тоа е определено од одлуките и изборот на поединецот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина пејачката Бади Бекир
Денеска во Скопје почина пејачката на народна музика Небахат Бади Бекир.
Нејзиниот колега музичар Горан Алачки објави дека погребот ќе се одржи утре на градските гробишта „Бутел“.
Небахат Бади Бекир беше македонска пејачка на народна музика. Покрај соло кариерата, Бади понекогаш настапуваше со групата наречена „Четири грации“, каде покрај Бади беа и Благица Павловска, Адријана Алачки и Росана Тодоровска. Нарекувана е македонската Весна Змијанац.
Првите чекори на сцената ги прави во детските денови како член на играорна група изучувајќи го во исто време и македонскиот и турскиот фолклор. Како дебитант на музичката сцена се појавува во 1985 година на фестивал на забавни мелодии. Паралелно пее на турски, албански и македонски јазик. Најплоден период на нејзината кариера е за време на големите југословенски турнеи. По распадот на Југославија и се посветува на македонската фолк песна. Следат настапи на македонските фестивали, соработка со бројни автори и турнеја во австралија во 2002 година. Во 2004 година станува една од Грациите. Во 2006 година прославува 20 години постоење на естрадата.
Култура
„Емпатија во светлина“ – фотографска изложба на Милорад Милиќевиќ во Галерија „Рудиќ“
На 22 ноември (сабота) во 19 часот, во Галерија Рудиќ ќе биде отворена изложбата „Емпатија во светлина“ на фотографот Милиќевиќ. Портретите на Милиќевиќ не се студиски аранжирани кадри, туку сведоштва за луѓе вкоренети во својот простор, време и културна традиција на која ѝ припаѓаат.
Милиќевиќ не документира само лица – тој бележи приказни, традиција, верување, моменти на искреност кои не можат да се инсценираат. Неговите субјекти се спонтани, опуштени, прикажани во животни услови што ги дефинираат.
Портрет може да направи секој. Но добар портрет — оној што останува, што нè погодува таму каде што не сме очекувале — може да направи само оној што има вистинска емпатија кон другиот човек. Тоа не е прашање на занает, туку на карактер. Тоа или го носите во себе, или не. Милиќевиќ го носи. И го споделува со нас.
Изложбата „Емпатија во светлина“ ја опишува суштината на фотографскиот пристап на Милиќевиќ — тивка, но длабока присутност, каде светлината не е само визуелен елемент, туку медиум преку кој се открива човечноста, традицијата и искреноста на неговите субјекти.
Култура
Концертот „Од барок до современи македонски композитори“ во Даутпашиниот амам
Во петок, 21 ноември 2025 година, со почеток во 19:30 часот, во Даут-пашин амам ќе се одржи концертот „Од барок до современи македонски композитори“, кој низ внимателно конципирана програма го следи развојот на музичката форма и израз – од барокната прецизност до современиот македонски звук.
Концертот ќе ги обедини делата на Купрен, Хендл, Марчело/Бах и Силоти, a во центарот на програмата се дуетите на Бах од мисите и кантатите (BWV 232, 236, 124, 91) – пример за суптилен контрапункт и дијалог меѓу два вокални гласа.
Вечерта продолжува со избор од современата македонска продукција: композиции на Димитрије Бужаровски, Горан Начевски и Томислав Зографски, чија „Суита за пијано“, оп. 27 го заокружува програмскиот лак од барокната структура до модерниот национален израз.
Изведувачи се Мимоза Ќека (пијано), Марија Ташевска (сопран) и Мариана Бошковска (алт).
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија. Влезот е слободен.

