Култура
Претставата „Народен пратеник“ на МНТ селектирана на 70. „Стериино позорје“ во Нови Сад

Македонскиот народен театар е селектиран за учество на 70. „Стериино позорје“, Нови Сад.
На денешната прес-конференција беа соопштени селектираните театарски куќи и претстави.
Во селекцијата е и претставата на МНТ „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин.
Овогодишното 70. „Стериино позорје“ ќе се одржи од 26 мај до 3 јуни 2025 година, под мотото „Создавање историја/менување на иднината“.
Покрај МНТ во натпреварувачката програма учествуваат и: Загребачко казалиште младих, Црногорско народно позориште, Атеље 212, Југословенско драмско позориште, Српско народно позориште, Нови Сад и други.
Последното учество на МНТ беше пред 22 години на 29 мај 2003 година со претставата „Павиљони“ од Милена Марковиќ, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ.
Последните награди кои ги добива МНТ се на тогашните 30. Југословенски театарски игри „Стериино позорје“, Нови Сад, што се одржа од 26 мај до 3 јуни 1985 година: Награда за претстава во целина за „Среќна нова ’49“; награда за режија за Слободан Унковски за „Среќна нова ’49“; награда за актерско остварување на Ненад Стојановски за улогата на Пиги во „Среќна нова ’49“ и награда за сценографија за Динка Јеричевиќ за „Среќна нова ’49“. Следната 1986 година, наградата за особени заслуги ја добива и режисерот Димитар Ќостаров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Драмски со хуманитарна изложба ќе го обележи Светскиот ден на театарот

Светскиот ден на театарот на 27 март годинава Драмски ќе го обележи со почит кон настраданите и повредените во националната трагедија во Кочани. Во 19 часот во фоајето на Драмски ќе се отвори изложба на фотографии со наслов „Ред XV … “ на авторот Драган Гајиќ (1967). Приходот од продажбата на фотографиите ќе биде уплатен на хуманитарната сметка за донации.
Изборот на фотографии на изложбата е направен од претставите што Гајиќ ги фотографирал во 2017 година за време на изведбите на претставите: „Хамлет“ , „Чија си“, „Чолак“, „Љубовници“, „Последните Македонци“ и „Живот во тесни чевли“.
Драмски театар Скопје ќе го обележи 27 март со низа активности за својата публика што ќе се реализираат во текот на целиот ден.
Програмската активност започнува со организирана посета на театарот од страна на децата од предучилишната установа „Мајски цвет“ од општина Карпош. Едукативната посета на дечињата се состои од разгледување на работните простории и разговор со актерите и вработените во театарот со што децата ќе имаат можност да се запознаат со начинот на создавање на една претстава.
Програмските активности продолживаат со покана на љубителите на театарската уметност да присуствуваат на две отворени проби на претстави што се во тек на подготовка во Драмскиот театар.
Првата отворена проба со присуство на публика ќе започне во 10:30 часот во салонот на големата сала „Ристо Стефановски“. Посетителите ќе ја следат пробата „Ифигенија за ништо“. Претставата е работена по текстот „Ифигенија од Авлида“ од Еврипид со адаптација, режија и кореографија на Филип Петковски. Сценографијата ја подготви Мартин Манев, а костимограф е Антонија Гугинска Јорданоска.
Посетителите ќе имаат прилика да присуствуваат на пробата што се реализира во време кога процесот на подготовки е веќе во својата последна фаза. Подготовките за претставата се започнати во февруари и премиерата ќе биде наредната сабота на 5 април.
Ликовите во претставата „Ифигенија за ништо“ ги играат актерите на Драмски театар : Димитрија Доксевски, Филип Трајковиќ, Јелена Жугиќ, Нина Елзесер, Стефан Вујисиќ, Сара Климоска, Марјан Наумов, Томислав Давидовски. Хорот го сочинуваат актерките Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Јована Спасиќ, Александра Павлова Бубања и како гостин Јована Миладинова.
Втората отворена проба ќе започне во 14:00 часот во просториите на библиотеката на Драмски театар Скопје. Станува збор за претставата „Гидион“ од авторката Џона Адамс во режија на Драгана Милошовска Попов. Ликовите во претставата ги играат актерките Биљана Драгиќевиќ Пројковска и Ања Митиќ. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со процес на подготовка на претстава во својата прва фаза која се нарекува „читачки проби“. Во таа фаза режисерот, актерите и уметничкиот тим на претставата го договатаат начинот на работа, градењето на ликовите и се подготвуваат за поставување на претставата на мизансцен.
Обележувањето на 27 март Светскиот ден на театарот продолжува со отворањето на изложба на фотографии со наслов „Ред XV … “ на авторот Драган Гајиќ (1967) во 19 часот во фоајето на Драмски. Гајиќ дипломирал на отсекот камера на Факултетот за драмски уметности во Скопје и магистратрирал фотографија и маркетинг на NSSR NY, Њујорк.
Кураторот на изложбата д-р Ивана Јарчевска истакнува дека авторот по трет пат изложува свои театарски фотографии во Скопје. Овој пат во Драмски театар, Скопје, каде рефлексијата од претставите кои веќе не се на неговиот репертоар го враќаат назад оној исечок од театарската магија која сме ја почуствувале тогаш, а сега на негов автентичен документаристички начин ни ја враќа како уметничко дело. Изборот на фотографии е направен од претставите што Гајиќ ги фотографирал во 2017 година за време на изведбите на претставите: „Хамлет“ , „Чија си“, „Чолак“, „Љубовници“, „Последните Македонци“ и „Живот во тесни чевли“.
Кураторот д-р Јарчевска за творештвото на авторот вели: „ Публиката е на своите седишта. Подготвена да отпатува во нов театарски свет и нова претстава. Помеѓу нив, во XV ред е и тој со својот соработник. Со својот фотографски апарат. Некогаш е и сам со актерите и сцената – без публиката. Повторно во тој XV ред. Не се слуша чкрапањето на копчето – како на оние старите апарати. Но, се чувствува поривот и страста кон театарот, фотографијата, сцената гледана од тој негов XV ред … Неговата љубов кон театарската претстава и нејзината минливос заробена во тие негови одбрани кадри. Љубов кон актерот. Љубов кон овековечување на онаа точна и прецизна секунда во која актерот е сржта и смислата на текстот и претставата, нивно отелотворување пред публиката“.
Обележувањето на Светскиот ден на театарот се заокружува со читањето на светската порака од грчкиот режисер Теодорос Терзопулос и македонската порака на актерот Емил Рубен пред изведбата на претставата „Фамилијата Адамс“ со почеток во 20 часот.
Резервација и подигнување на бесплатните билети за присуство на читачките проби на двете претстави во Драмски театар како и продажбата на билетите за претставата „Фамилијата Адамс“ ќе се реализира преку билетарницата на Драмски театар Скопје на телефон 076434343.
Култура
Хуманитарна изведба на претставата „Гласови“ од театарот „Чекори“ на Светскиот ден на театарот

По повод Светскиот ден на театарот, Театар „Чекори“ ќе ја изведе претставата „Гласови“ во Домот на култура „Димитар Влахов“ во Автокоманда, Скопје.
Претставата е закажана за четврток, 27.3.2025, во 20 часот.
Настанот ќе биде од хуманитарен карактер, а собраните средствата ќе бидат донирани во фондот за помош на настраданите и повредените oд Кочани.
Влезот за претставата е бесплатен, но ќе биде поставена кутија за донации, каде што секој што сака, може да придонесе според своите можности.
Режисер на претставата е Маја Ѓурчевска, актерската екипа ја сочинуваат Марко Џамбазоски и Никола Димевски, а тон и светло мајстор е Рој Стефанова.
Пораки за светски ден на театарот читаат: Никола Кузманоски, Зорица Станковска и Михаил Митески.
Култура
Прилепскиот театар времено затворен по инспекцискиот надзор, објектот не е безбеден

Забрана за користење на објектот доби Народниот театар „Војдан Черодрински“ во Прилеп откако инспекцискиот надзор констатирал фактички недоследности и отстапки од официјално пропишаните елементарни норми и стадарди за безбедно и непречено функционирање на една јавна институција.
Од Театарот соопштија дека сите премиери, театарски поставки и случувања кои подразбираат масовно присуство на публика се одложуваат.
„Прилепскиот театар, во очекување на официјалната формална писмена забрана за јавни настани од масовен карактер на публика, ја известува јавноста дека тековните активности за подготовки на претстојни премиери, како и актуелните проби на актерскиот ансамбл, остануваат во редовно дејство и ангажман“, велат од Театарот.
Се додава дека театарот и центарот за култура се држат до оптималните услови за сечија целокупна безбедност, одговорност и непречено доживување и искуство на културно-уметничките содржини.