Култура
Претставена тематската антологија „Дионис и Свети Трифун“ панорама на македонската винска поезија на Струшките вечери на поезијата
Учесниците на 64-тите Струшки вечери на поезијата денеска имаа можност да присуствуваат на поетско читање на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 година и да испијат поетско кафе со добитникот на „Златен Венец“ за 2025 година, словачкиот поет Иван Штрпка. Ги проследија и поетските портрети на минатогодишната добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу два фестивала, објавена на македонски јазик Катица Ќулавкова и добитникот на наградата „Мостови на Струга“ за 2025 година за најдобра дебитантска книга од млад автор на Матеуш Шимчик од Полска.
Пред присутните беше претставена и тематската антологија „Дионис и Свети Трифун“, чиј приредувач е истакнатиот македонски поет и есеист Славе Ѓорѓо Димоски. Тематската антологија, според приредувачот, панорама на македонската винска поезија е прво видување на оваа тема во македонската литература воопшто.

„Книгата е составена од два клучни дела и еден вовед. Воведниот се две песни едната од Јордан Хаџи Константинов – Џинот, во која се опева дионизискиот ритуал, а другата е од Матеја Матевски, посветена на Свети Трифун. Тие две песни се двата мотиви кои го прават јадрото од кое се развива книгата. Во првиот дел се песни од преродбата до кодификацијата на македонскиот јазик, а вториот е од кодификацијата на македонскиот јазик, односно од 1945 година па навака“, информира Димоски.

Иако замислата му била да направи антологија на македонската боемска поезија, по неколку месечни истражувања заклучил дека нема таква класична боемска поезија, а имало доста песни посветени на лозата, лозјето, виното и задоволставата од пиењето вино, дошол до идеја да ја именува како македонска винска поезија. Содржината е поделена на неколку поглавја кои типично си носат своја тема.

„Вториот дел е поделен на седум кругови тематски групирани, според мотивскиот интерес на авторите кон оваа крупна тема. Поетскиот пристап кон виното и другите видови алкохол е во согласност со балканската и македонската традиција, а тоа е особено изразено во здравиците кои се поместени на почетокот од вториот дел“, додава Димоски.
Манифестацијата продолжи со поетски читања на поети од платформата Версополис, поетски портрети, мешународното поетско читање „Кругови“ и музичко-поетски перформанс- Ноќ без интерпункција. Вечерва ќе биде врачена и наградата „Млада Струга“ за 2025 година на поетот Андреј Анѓеловиќ.

Во рамките на програмата меѓудругото утре на прес-конференција ќе биде соопштен добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“, а традиционално во црквата Света Софија во Охрид ќе има поетски портрет на добитникот на „Златен венец“за 2025 година Иван Штрпка од Словачка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

