Култура
Префинето музицирање на магионичарот на пијаното Дино Имери
Неверојатен и рафиниран квалитет на звукот, беспрекорна техника, инструментална култура и фасцинантна слобода со неверојатен интерпретациски квалитет во изведбите донесе вчеравечер на Охридско лето македонскиот виртуоз на пијано, Дино Имери.

Во црквата „Света Софија“ пред многубројната и воодушевена публика овој реномиран пијанист ги изведе композициите „Балада бр. 1“ оп. 23 во g-moll и „Херојска Полонеза“ оп. 53 во As-dur од Фредерик Шопен, како и Сонатата бр. 1 од Сергеј Рахманинов.

„Ова е програма што оваа сезона нема да ја свирам на ниту едно друго место, освен на фестивалот Охридско лето. А причините се многу значајни за мене и, пред сè, лични. Фестивалот Охридско лето го врзувам со најубавите моменти од моето детство, но и понатаму. Како растев и созревав како уметник, ги посетував речиси сите концерти и како ученик и како студент. Одамна ја замислував оваа програма како би звучела во прекрасниот амбиент на црквата ‘Света Софија’. Особено важи за музиката на Рахманинов, за Сонатата број 1, која е невројатно дело, комплексно, но и прекрасно и мислам дека идеално се вклопува во овој амбиент“, вели пијанистот Имери.

За неговата уметност, стручната критика ќе напише: „Дино Имери не само што ја изведува музиката туку речиси како да ја компонира во моментот, а француските критичари го сметаат за магионичар на пијаното“.
„Ми годи овој комплимент во смисла што не се гледа работата зад магијата. Да бидам наречен магионичар, секако дека е еден вид комплимент бидејќи во денешно време во оваа работа со која се занимавам нема ништо што доаѓа лесно и преку ноќ колку што оној магионичарски трик на почетокот можеби би се чинел многу лесен како што магионичарот го изведува, но зад тоа стојат години и години работа, труд, искуство, многу грешки, многу растење и многу размислување. Во таа смисла ми годи комплиментот магионичар на пијаното затоа што секако дека е успех целата таа мака и труд да бидат во служба на уметноста.

За својот долгогодишен труд, Дино Имери е добитник е на многубројни награди и признанија „Виртуози“ за млад музички уметник, „Мајка Тереза“ за хуманост, лауреат е на Фондацијата „Томислав Зографски“, „Златна бубамара на популарноста“, рангиран е во десетте најдобри млади европски пијанисти според 3eme Concours européen de piano – Normandie и др. Имери се потпишува на повеќе изданија за престижни дискографски куќи, бележи успеси и како композитор пишувајќи музика за филм, театар, инструментална и вокална музика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

