Култура
Проекции на филмови по повод 60-годишнината од смртта на Милтон Манаки
Кинотека на Македонија се приклучува кон одбележувањето на 60-годишнината од смртта на Милтон Манаки, со две проекции во вторник, на 5 март.
Најпрвин, со почеток во 18 часот, м-р Роберт Јанкуловски, редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ и основач на „Македонски центар за фотографија“, ќе одржи презентацијата под наслов „Фотографиите на Манаки, записи низ времето“.
Потоа следува проекцијата на документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“ (2018, 70 мин., црно-бел/колор) во режија на самиот Јанкуловски, а по сценарио на Илинденка Петрушева и Јанкуловски.Филмот е посветен на фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански сниматели, и преку оригинални документарни фотографии го следи нивното професионално патешествие од отворањето на првото фотографско ателје во 1898 година во Јанина, се до нивната преселба во Битола каде покрај фотографско ателје, градат и киносала и почнуваат да се бават професионално со киноприкажување на филмови.
Веднаш по документарниот филм ќе биде прикажана и кратката филмска репортажа под наслов „Средба со нашиот прв филмски снимател“ снимена во 1956 за потребите на филмскиот журнал „Филмски репортер бр.4“ подготвен од страна на екипата на Вардар филм од Скопје. Редактор на оваа приказна за Милтон Манаки е тогаш младиот режисер Димитрие Рули Османли, кој токму преку серијата журнали ќе почне и практично да се занимава со филм, откако три години претходно ќе дипломира филмска и театарска режија на Високата филмска школа во Белград. Османли во неколку наврати има истакнато дека бил под големо влијание на „чичко Милтон“ кој го разгорел неговиот интерес за подвижните слики уште кога бил младо момче во Битола (меѓу двете светски војни), нагласувајќи дека прв пат видел камера токму во рацете на Милтон – легендарната камера Bioscope No.300 – но и додека првите филмски проекции кои ги следел биле токму оние во киното на браќата Манаки на Широк сокак.
Подоцна, со почеток во 20 часот, ќе се одржи проекција на 42-та наслови на браќата Манаки снимени со нивната Камера со сериски бр.300, а кои помладиот брат Милтон во 1963 година, пред својата смрт, ги предал на чување во Државниот Архив на Македонија. Во 1996 година Кинотеката направи 35мм заштитна архивска копија од овие оригинални нитратни филмски ленти (кои денес се чуваат во бункер, заради лесната запаливост), а во 2012/2013 година истите беа дигитализирани и дигитално реставрирани во Унгарската филмска лабораторија во Будимпешта. Веднаш потоа дигитилизираните материјали беа објавени на ДВД и промовирани пред јавноста.
Позначајни моменти забележани со камерата на Манакиевци се снимката на 114-годишната баба Деспина како преде во родното село Авдела – која е воедно и прв филмски кадар снимен на ова тло – потоа историската посета на турскиот султан Мехмед Решад V на Битола и Солун, посетатата на принцот Александар Караѓорѓевиќ на Битола, погребот на митрополитот Емилијанос од Гревена, празнувањето на Водици во Бер и во Битола, празнувањето на Духовден на гробишта, снимки од свадби и други верски обичаи, посетата на големата романска делегација на Битола и околината, празнични поворки за време на Хуриетот, односно Младотурската револуција, итн. Пред проекцијата, професорот и советник филмолог д-р Атанас Чупоски ќе има излагање за делото на Милтон Манаки, а присутните ќе добијат примерок од ДВД изданието со дигитално реставрираните филмови на Браќата Манаки.
Во книжарницата на Кинотеката, за време на целиот настан, ќе бидат изложени печатени изданија за животот и делото на браќата Манаки, како што се биографската книга „Манаки“ (2003, Кинотека на Македонија) на авторот Игор Старделов, фото-монографијата „Манаки“ (2017, Македонски центар за фотографија) на Роберт Јанкулоски, сценариото на Димитрие Османли за нереализираната филмска комедија под наслов „Екселенции, мирно! – Филм во книга“, печатено во 1994 година, и други.
Милтон Манаки е роден 1880 година, во влашкото село Авдела, во близина на Гревена, денешна Грција. Тој бил две години помлад од Јанаки, но за разлика од него не покажал голем интерес за школо, туку повеќе бил авантурист и боем. Фотографскиот занает го усовршува под менторство на Јанаки, во нивното прво фотографско ателје во Јанина, а во 1905 браќата го отвораат познатото фото-ателје на битолскиот Широк сокак. Во тој период, според подоценежните раскажувања на Милтон, Јанаки ја набавил филмската камера со сериски број 300 од моделот Bioscope, произведена од компанијата Charles Urban Trading Co. Тогаш започнува и снимателската активност на браќата Манаки и тие на филмска лента ќе забележат многу настани, верски и етнографски обичаи, воени и цивилни паради, армии, политички фигури итн., денес бесценети сведоштва за историјата и на Битола и битолскиот крај, но и за целата држава.
Милтон го надживеал Јанаки за цела деценија и починал во 1964 година во Битола. Целокупното творештво браќата Манаки – и фотографското и снимателското – една година пред своето заминување Милтон ќе ги депонира во Државниот архив во Скопје и Околискиот историски архив во Битола. Оттаму денес можеме да се пофалиме дека нашите државни институции се чувари на значајното творештво на Јанаки и Милтон Манаки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Министерството за култура и туризам на 60. јубилејно издание на Меѓународниот саем за туризам во Берлин
Македонија учествува на јубилејното, 60-то издание на најголемиот Меѓународен саем за туризам „ИТБ Берлин“ (ITB Berlin), што се одржува од денеска до 5 март 2026 година во Берлин, Германија.
„ИТБ Берлин“ од 1966 година е водечка глобална платформа за туризмот, каде што се среќаваат претставници од туристичкиот сектор, туроператори, авиокомпании, хотели и медиуми. Годинава земја партнер е Ангола.
Македонската делегација на Саемот во Берлин, предводена од министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, придружуван од националниот координатор за туризам, Акан Махмут, ќе реализира повеќе билатерални средби со цел интензивирање на туристичката соработка, зголемување на туристичкиот промет и заеднички настап на трети пазари.
На националниот штанд од 93 м², годинава се претставуваат рекорден број учесници од туристичкиот сектор од земјава, вклучувајќи македонски туроператори за дојдовен туризам, хотелиери и ТАВ-аеродроми Македонија.
Според Државниот завод за статистика, во 2025 година земјава ја посетиле 91 290 германски туристи, а тоа претставува зголемување од 141 % во однос на 2024 година. Во истиот период се реализирани 143 138 ноќевања, а тоа е раст од 93 % споредено со претходната година. Германските туристи најчесто ги комбинираат културниот туризам, природата, гастрономијата и автентичните локални искуства, особено ги ценат Охрид и регионот околу него, како и „сити брејк“ (city-break) во Скопје со посета на кањонот Матка. Тие покажуваат значителен интерес и за вински тури, дегустации на локална храна, рурални искуства и активен туризам, што претставува силна основа за понатамошно позиционирање на земјава како атрактивна и автентична европска дестинација.
Учеството на Саемот во Берлин е уште една потврда дека како држава продолжуваме со активна промоција на туристичките потенцијали на нашата земја, со фокус на одржлив развој, диверзификација на понудата и стратегиско позиционирање на клучните пазари.
Култура
„Сила“ – концерт на Македонска филхармонија по повод Денот на жената
Во четврток, со почеток во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи концерт по Повод денот на жената, насловен „Сила“ кој ќе го води диригентката Ребека Тонг од Индонезија, а како солист ќе настапи пијанистот Ендру фон Ојен од Франција.
На програмата се „Павана“, оп. 50 од Габриел Форе, Концертот за пијано и оркестар бр.2 во ге-мол од Камиј Сен-Санс и симфониската скица „Море“ од Клод Дебиси.
Ребека Тонг е резидентен диригент на Симфонискиот оркестар и уметнички и музички директор на Ансамблот за современа музика во Џакарта. Таа ја освои Првата награда на „La Maestra“ во 2020 година во Париз, каде што, исто така ја доби и „ARTE Prize“. Нејзините настапи вклучуваат дебитантски концерти со: Симфонискиот оркестар на Барселона, Германскиот симфониски оркестар во Берлин, Оркестарот на Париз, Националниот оркестар на Франција, Филхармонијата и Симфонискиот оркестар на Лондон, Камерниот оркестар на Париз, Националниот оркестар на Монпелие, Кралскиот Филхармониски оркестар на Ливерпул, Би-би-си Филхармонијата…Во сезоната 2021/22 дебитираше со Националниот оркестар на Лион, Полскиот национален радиосимфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Порто…
Маестра Тонг во својата биографија запишува и дека била асистентка на диригенти како Мајкл Тилсон Томас и Франсоа Гзавие-Рот, а учествувала и на мастер-часови со врвни имиња како Туган Сокијев, Пабло Ерас-Касадо,Марин Алсоп… Таа е добитничка на Taki Award 2019 и на неколку диригентски стипендии, вклучувајќи David Effron Conducting Fellowship и Cabrillo Festival of Contemporary Music Fellowship.
Активно учествува во конципирање на програмата на Симфонискиот оркестар на Џакарта, со цел да ја запознае индонезиската публика со класични и со современи оркестарски дела. Таа е основач на Младинскиот христијански оркестар на Џакарта (2011). Родена е во музичко семејство, има кинеско потекло и уште од млада возраст ѝ се посветува на музиката и верува во нејзината моќ на поврзување на заедниците.
Ендру фон Ојен е меѓународно признат пијанист, познат по својата извонредна техника и елегантна изведба. Дебитирал со Филхармонијата на Лос Анџелес на 16-годишна возраст, а од тогаш настапувал како солист со водечки оркестри низ светот, вклучувајќи ги и Филаделфија оркестарот, Симфонискиот оркестар на Лос Анџелес, Берлинскиот симфониски оркестар, Прашката филхармонија, Марински оркестарот, Би-би-си симфонискиот оркестар, Симфонискиот оркестар на Токио, Симфонискиот оркестар на Сингапур и многу други.
Настапувал во најпрестижните концертни сали како Вигмор Хол и Барбикан Хол во Лондон, Линколн Центар во Њујорк, Кенеди Центар во Вашингтон, Симфониската сала во Бостон, Театарот Тони Хол во Лос Анџелес, Театарот Хербст во Сан Франциско, Тонхале во Цирих, Ројал Опера во Версај, Театро Олимпико во Рим…
Фон Ојен издава албуми за Warner Classics, вклучувајќи ги „Bach-Beethoven“ (2021) и „Angels & Demons“ (2024), кои веднаш достигнаа високи места на платформите за стриминг. Неговите снимки опфаќаат репертоар од Бах и Бетовен, до Дебиси, Равел, Лист, Сен-Санс и Месијан.
Роден во САД, со германско и холандско потекло, започнал да учи пијано на петгодишна возраст, а на десет години дебитирал со оркестар. Дипломирал на Колумбија Универзитетот и на Џулијард школата, каде што негови наставници биле Херберт Стесин и Џером Ловентал, а работел и со Алфред Брендел и Леон Флајшер. Добитник е на Gilmore Young Artist Award (1999) и на Првата награда на Léni Fé Bland Foundation National Piano Competition (2001). Денес живее во Лос Анџелес и во Париз, и поседува американско и француско државјанство.
Култура
Балканскиот рис доаѓа во Скопје: Патувачката фотоизложба на Македонското еколошко друштво се отвора во Лабораториум
По седум посетени места низ Македонија, Патувачката изложба посветена на балканскиот рис ќе биде отворена за скопската јавност во четврток (5 март) во културниот простор „Лабораториум“ во Скопје, со почеток во 19 часот, во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД).
Осмислена со цел да се доближи балканскиот рис до окото на љубопитните граѓани и со тоа да се подигне свеста за важноста од зачувување на оваа кревка популација, изложбата донесува дел од најефектните „уловени“ кадри, од кои повеќето се направени со фотозамки, метод што МЕД го користи на терен веќе 18 години. Истовремено, избраните дваесетина фотографии ја доловуваат и теренската работа на МЕД кое цели две децении работи на зачувување на овој подвид преку регионалната Програма за закрепнување на балканскиот рис (Balkan Lynx Recovery Programme).
Низ годините, благодарение на оваа програма, МЕД успеа да ја процени популацијата на балканскиот рис на македонска територија, да ги збогати сознанијата за неговиот природен опсег, движењето и исхраната преку ГПС-следење и да изгради доверба и партнерства со властите, ловџиите, шумарите и ловочуварите чија улога е подеднакво важна за заштитата на рисот. Програмата придонесе и за вметнување на балканскиот рис во меѓународни спогодби со што се зајакнаа заложбите за прекугранична заштита, како и за прогласување на нови заштитени подрачја во регионот, вклучително и на Шар Планина која е од суштинска важност за опстанокот на рисот кај нас.
Досега, токму во рамките на регионалната Програма, оваа изложба беше поставена во повеќе градови и региони низ Македонија, вклучувајќи ги и националните паркови „Маврово“, „Пелистер“, „Галичица“ и „Шар Планина“. Покрај тоа што им нуди можност на посетителите да му се воодушевуваат на ова прекрасно животно и да научат повеќе за неговите навики и живеалишта, изложбата отвора и простор за разговор во врска со состојбата и планираните мерки за заштита на балканскиот рис, кој иако е наш национален симбол, и натаму е критично загрозено животно во регионот, со помалку од 50 возрасни единки во природата.
Изложбата е наменета за сите возрасти, а во Скопје ќе биде отворена до 5 април.

