Култура
Промоција на книгата „Сегде божева je хубавина“ од Гоце Ристовски
Денеска напладне, во НУ библиотека „Гоце Делчев“ во Штип, ќе биде промовирана книгата „Сегде божева je хубавина“ од Гоце Ристовски, објавена со финансиска подршка на Министерството за култура во рамките на годинашнава програма за проекти од национален интерес. За делото ќе говори проф. д-р Трајче Стојанов. Промоцијата ќе биде реализрана според здравствените протоколи, со ограничен број на посетители. Овој настан е во чест на роденденот на револуционерот и поет Ацо Шопов (20 декември, 1923 година, Штип).
Шопов е еден од основоположниците на современата македонска книжевност. Неговата прва збирка Песни (1944) e првата книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија. Шопов бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија и негов член од основањето во 1947 година, прв претседател на Советот на фестивалот Струшки вечери на поезијата, претседател на поранешниот Сојуз на книжевните преведувачи на Југославија, претседател на Сојузот на писателите на Југославија, член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) од нејзиното основање (1967), член на Македонскиот ПЕН-центар, претседател на Републичката комисија за културни врски со странство. Ацо Шопов работел и како амбасадор на СФРЈ во Сенегал (1971 – 1975), а бил и прв директор на издавачката куќа „Кочо Рацин“, долгогодишен директор на издавачката куќа „Македонска книга“, како и уредник или главен и одговорен уредник на списанијата: „Нов ден“, „Млад борец“, „Иднина“, „Современост“, „Хоризонт“ и сатиричниот весник „Остен“.
Манифестацијата која се одржува секоја година е под наслов „Во чест на поетот“. Истата со изменета содржина се организира од 1985 година, само три години по смртта на поетскиот великан Ацо Шопов. Организаторот на манифестацијата НУЦК „Ацо Шопов“, од пред неколку години одлучи да доделува Признание на институции и поединци кои дале свој придонес во афирмацијата и популаризацијата на ликот и делото на Ацо Шопов.
Досегашни добитници на признанието се: Институтот за литература при УКИМ –Скопје, Друштвото на писателите на Македонија, поетот Михаил Ренџов, поетот Ристо Лазаров, скулптурот Александар Смилков (постхумно), скулптурот Васил Василев и други Годинава признанието се доделува на библиотеката „Браќа Миладиновци“ од Скопје.
Во пригодната програма ќе учествуваат: Горѓе Устапетров, претседател на Управниот одбор на НУЦК „Ацо Шопов“, ученичките Ева Гегова и Нела Гегова, како и балерините од балетското студио раководено од Елизабета Колевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез-оркестар претставен од Културно-информативниот центар во Тирана
Македонскиот Културно-информативен центар вчеравечер пред тиранската публика го претстави нашиот Национален џез-оркестар.
Веднаш по нивниот брилијантен настап, Бесим Петрела, директор на „Албанија џез-фест“, возбуден од нивниот настап рече: Ова се генијални, генијални музичари. Бескрајно благодарам на соработката со македонскиот центар, благодарам што овие прекрасни музичари вечерва свиреа во нашиот град.
Ова беше прво претставување на оркестарот надвор од Македонија, кое предизвика бура од воодушевување. Оркестарот во својот репертоар има разни стилови, почнувајки од класичен џез, преку свинг, би бап, па сѐ до композиции од „Леб и сол“.
Родена е една нова генерација млади музичари, кои суверено владеат со сцената, со своите инструменти и со музиката. Свират со неверојатна леснотија, духовито и мајсторски. На моменти ви се чини како да се наоѓате пред оркестар што постои десетици години иако од неговото формирање до денес нема поминато ниту една година.
Вчерашниот нивен настап на „Албанија џез-фест“ ја покажа сета смисла на нивното формирање и работа. Во преполната сала на Академијата за уметност во Тирана публиката ги испрати со неколкуминутен аплауз и двапати со барање музичарите да се вратат на сцена.
Културно-информативниот центар во Тирана најавува за 16 мај 2024 претставување на „Џамбо Агушеви оркестар“ на фестивалот „Клаудс“ во Тирана.
Култура
Режисерка од Нов Зеланд сними филм инспирирана од „Пред дождот“ на Милчо Манчевски
И по 30 години, македонскиот филмски класик „Пред дождот“ на Милчо Манчевски инспирира нови режисери насекаде во светот.
Овој пат на Нов Зеланд: режисерката Лорен Тејлор во интервју за „НЗ хералд“ открива дека нејзиното дебитантско дело „Месечината е наопаку“ е инспирирано токму од македонскиот филм.
Таа кажува дека „Пред дождот“ првпат го гледала кога ималa 17 години и работела во едно кино во Бруклин, предградие на главниот град Велингтон. Многу ѝ се допаднал и сè уште ѝ се допаѓа. Речиси 30 години подоцна, Тејлор се навраќа на филмот на Манчевски кога во истото кино ќе ја гледа премиерата на својот прв филм „Месечината е наопаку“, во кој таа е режисерка, сценаристка и актерка и кој како и „Пред дождот“ има три навидум неповрзани приказни.
„Филмот беше под влијание на многу нешта“, вели Тејлор. „Меѓу нив и филмот на Манчевски и неговиот заплет како Венов дијаграм“.
Во годината кога најнаградувано дело во историјата на македонската кинематографија и едно од најголемите достигнувања на македонската култура воопшто слави 30 години од премиерата во септември 1994, не престануваат одгласите за овој филм на Манчевски.
Имено, во промотивното видео пред годинешното доделување на „Оскарите“, холивудската актерка Глен Клоуз го избра токму „Пред дождот“, кој во 1995 беше номиниран за „Оскар“ за најдобар странски филм, како дело што ја инспирирало да посака да ја посети Македонија. (https://www.youtube.com/watch?v=DHu90AY4GSI )
„Постои филм што се вика ‘Пред дождот’ и е снимен во Македонија. Очигледно е многу стара (земја) и многу работи се случувале на таа почва. Никако да ми излезе од мислите“, вели во видеото Глен Клоуз, која има рекордни 8 номинации за „Оскар“.
Во 1994 година „Пред дожот“ освои „Златен лав“ во Венеција на најстариот филмски фестивал во светот. Покрај „Златниот лав“, „Пред дождот“ доби уште триесетина награди на светските фестивали, а беше и првиот македонски филм номиниран за „Оскар“ во категоријата најдобар странски филм.
„’Пред дождот’ ја стави Македонија на светската мапа. Дела како ова ме одржуваат. Потсетник за благородноста што филмот може да ја досегне“, напиша легендарниот филмски критичар Роџер Иберт за американската премиера на филмот во 1995.
„Македонија, љубов моја“, „Милчо Македонецот“, „Мајсторот од Македонија“, „Македонско ремек-дело“, се само дел од насловите за „Пред дождот“ во светските медиуми во тоа време, а јапонските весници цртаа и мапи за да покажат каде е Македонија, која стана независна земја само 3 години пред премиерата на овој филм.
„Пред дождот“ е вброен во 1.000 најдобри филма во историјата од страна на „Њујорк тајмс“, а на фестивалот во Венеција една од паралелните награди беше именувана според мотото на филмот: „Кругот не е тркалезен“. Во Фиренца се одржа меѓународна академска конференција посветена на филмот.
„Пред дождот“ е прикажан на повеќе од 100 фестивали, прикажан во редовна кино и ТВ-дистрибуција во над 50 земји на сите континенти. Во САД реномираната „Крајтерион колекција“ го издаде видеото од филмот во едиција со класиците Бергман, Антониони, Тарковски, Бресон итн. „Пред дождот“ се предава на стотици универзитети, а во Италија е дел од задолжителната наставна програма во средните училишта. За филмот се објавени над 5.000 текстови на 50-ина јазици во светските медиуми.
Во Кореја „Пред дождот“ се користеше во работни тетратки за изучување на англискиот јазик, а во САД и Полска за изучување на македонскиот. Во Италија постои и вино крстено според филмот „Пред дождот“ и ресторан со истото име.
„Пред дождот“ до ден-денес уште игра во кинотечните и фестивалските програми насекаде во светот.
Култура
Поетски портрет на Веле Смилевски во Битола
Во Културно-информативниот центар, во свечената сала на Офицерскиот дом во Битола, утре (14 мај) во 12 часот ќе се одржи портрет на поетот Веле Смилевски.
За творештвото на Веле Смилевски ќе зборуваат Милица Радевска и Симона Ристевска, а музичката придружба е на Влатко Симоновски и Тамара Василевска. Стихови од творештвото на поетот ќе читаат гиманзиски ученици од средното училиште „Таки Даскало“, кое утре го одбележува својот патронен празник.
Веле Смилевски основно и средно образование заврши во Битола. Годинава се одбележува неговиот јубилеј, 75 години живот и 50 години творештво. По тој повод неодамна, во рамките на годишната програма на министерството за култура, излезе од печат избор од неговото творештво под наслов „Кула Вавилонска“