Култура
Промоција на монографија за Универзалната сала – „Скопскиот симбол на хуманоста“
Книгата е издание на ЈУ Универзална сала – Скопје, а објавена е со поддршка на Град Скопје. Промоцијата е закажана за 6 март во 12 часот во Грдаската библиотека „Браќа Миладиновци“.
Книгата излегува по повод 60 години од зачетокот на благородната идеја да се изгради сала или културен простор што ќе има универзално значење и функција, наменет за организирање разни манифестации, културно-уметнички и помали спортски настани. Универзалната сала е замислена како мултифункционален простор што ќе служи како културен центар за скопјани. Проектот бргу го привлекува меѓународното внимание, па земјите од сите страни на светот ја нудат својата поддршка за да ја оживеат оваа амбициозна визија. Но, во текот на годините салата станува многу повеќе од објект, таа станува олицетворение на солидарноста на Скопје стоејќи како светилник на надеж потсетувајќи ги луѓето дека не се сами во соочувањето со предизвиците. Салата станува домаќин на историски настани поттикнувајќи го чувството на заедништво и единствена цел.

Многубројните архивски материјали, расфрлани по депоа, и сеќавањата на скопјани, кои остануваат само како усна традиција, со издавањето на оваа книга се материјализираат во трајно сведоштво за овој објект и институција од особено значење за културниот идентитет на градот. Оваа монографија собира на едно место дел од информациите, податоците, архивските материјали, сведоштвата за нејзината историја и културолошко значење преку текстови, фотографии, интервјуа, одгласи во медиумите… Книгата, покрај историјатот на институцијата, ги опфаќа и многубројните настани што традиционално се одржувале во овој простор, вкупно повеќе од 5.000 манифестации, кои ги проследиле над 5.800.000 посетители.
Ова е една од ретките монографии за културното наследство од периодот на солидарноста и единствена за Универзалната сала како еден од објектите што будат носталгични чувства и сентименталност кај скопјани како градски репрезент на постземјотресното наследство на градот. Со ова наследството и богатството од ваков тип на настани што се одржувале тука добиваат физичка форма во облик на книга, која е од особено значење за градот Скопје во областа на културата. Оваа книга ќе остане да ја раскажува историјата на овој објект во срцето на градот како негов најпрепознатлив симбол и траен сведок на антологиските случувања…
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“
Култура
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
На премиерата присуствуваше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која оцени дека филмот е моќна приказна за семејството, односот меѓу човекот и природата и борбата за достоинствен живот, додавајќи дека делото добива особена тежина пред домашната публика.
„Честитки за Тамара Котевска и целата филмска екипа за достоинствената промоција на високите македонски филмски вредности. Добивме вредно филмско остварување, коешто верувам дека ќе биде инспирација за идни успеси!“, порача Давкова.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека филмот уште еднаш потврдува оти македонската кинематографија има глас што одекнува надвор од државните граници, опишувајќи го остварувањето како „светско, а наше“.
„Вечерва имав чест да присуствувам на филмот „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска дело кое уште еднаш потврдува дека македонската кинематографија има глас што одекнува далеку надвор од нашите граници, светско, а наше! Филм што допира од Скопје до Њујорк, од Скопје до Лондон. Искрени честитки за брилијантното остварување и надеж дека ова е само еден од многуте идни успеси со кои ќе се гордееме“, порача Мицкоски.
Министерот за култура Зоран Љутков нагласи дека филмот претставува тивко, но длабоко емотивно филмско патување и потсети дека својата светска фестивалска авантура ја започнал во Венеција, каде освоил престижна награда, по што бил прикажуван на фестивали ширум светот и откупен од „Нешнал географик“.
„Приказната за Силјан“ е филм за издржливоста, грижата и малите дела што менуваат животи. Во фокусот е земјоделецот Никола, кој пронаоѓа ранет бел штрк и решава да му помогне, а нивниот однос прераснува во врска што му ја враќа смислата на животот, ги обновува заедничките врски и го оживува односот кон природата.
Филмот беше македонски кандидат во трката за Оскарите.

