Култура
Промоција на романот „Денот на црвот“ од Симона Јованоска
Вечерва, со почеток во 19 часот, во фоајето на Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, ќе се одржи промоција на романот „Денот на црвот“ од Симона Јованоска.
Симона Јованоска е родена во Гостивар, завршила средно економско училиште во родниот град, а потоа и Економски факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Својата прва дебитантска книга ја објавува во 2015 година со наслов „Ги најдов во длабокото“. „Денот на црвот“ е нејзин прв роман, но и како првенче во конкуренција од 39 книжевни остварувања е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2021 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
„Со чудата треба да се внимава“- „Во вторник на промоцијата ние ќе внимаваме, „чудата“ се околу нас, во фоајето, помеѓу кориците на романот, но и помеѓу читателите. Автентични ликови, широк спектар од компарации овозможуваат читателска сладост и желба за сопствена, но и општествена слобода, ослободување од личните и колективните стеги“, посочува организаторот.
Проектот, како што се појаснува, е подржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Љутков во Загреб на средба со колегата Главина: Драгоцено ни е споделувањето на хрватското искуство во туризмот
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Загреб оствари билатерална средба со министерот за туризам и спорт на Хрватска, Тончи Главина, со што ја започна дводневната работна посета на Хрватска.
На средбата, која помина во пријателска и конструктивна атмосфера, беа разменети мислења за развојот на туризмот и унапредување на соработката меѓу двете држави.
Министерот Љутков ја истакна одличната соработка меѓу двете пријателски држави, чии влади си даваат меѓусебна поддршка во сите области, вклучително и во областа на културата и туризмот.
Македонскиот министер, пред својот хрватски колега ја презентираше трансформацијата на Министерството за култура, кое од оваа година го интегрираше и сегментот на туризмот, нагласувајќи ги приоритетите во работењето кои се во насока на развој на културен туризам – манастирски, спортски туризам и слично.
Министерот Љутков истакна дека имаме ресурси и желба да го развиваме туризмот кај нас, а искуствата на Хрватска, како една од водечките земји во областа на туризмот во светски рамки, ни се драгоцени и се од голема полза и значење за развој и поттикнување на македонскиот туристички потенцијал.
Љутков го информираше својот хрватски колега за македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, за кој е предвидено својата надлежност да ја прошири и во областа на туризмот и образованието.
Министерот Главина на средбата го презентираше начинот на функционирање на системот и управувачката рамка во областа на туризмот во Хрватска, каде што има шест закони кои ја засегаат оваа значајна област.
Хрватскиот министер истакна дека нашата држава има автохтона понуда и ценовна конкурентна предност што треба да ја искористиме. Тој информираше дека во овој момент, Хрватска спроведува реформа на управувањето со туризмот, при што нивен фокус е развојот на одржливиот туризам, како и засилувањето на квалитетот на понудата и позиционирањето на Хрватска како дестинација за цела година. Министерот Главина додаде дека размената на искуствата и знаењата во оваа област, за нив е исклучително важна и, како што нагласи, „затоа сме среќни што отворивме низа теми кои можат да придонесат за јакнењето на туризмот во нашите земји“.
Соговорниците се согласија дека е потребно активирање на Мешовитата комисија од областа на туризмот, која ќе биде одлична можност за споделување искуства и размена на практики во туристичката сфера.
Во рамките на посетата на Хрватска, министерот за култура и туризам Љутков денеска оствари билатерална средба и со хрватската министерка за култура и медиуми, Нина Обуљен Коржинек, со која разговараа за можностите за унапредување на македонско-хрватските културни врски. Во текот на утрешниот ден, заедно со директорката Мими Ѓоргоска-Илиевска, ќе ги посети македонскиот Културно-информативен центар во Загреб и местото каде што е закопан Панко Брашнаров, а вечерта во Концертната сала „Лисински“ ќе присуствува на концерт на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“.
Култура
Носечката манифестација на Културно-информативниот центар, „Звукот на Скопје“, на 27 септември
Носечката манифестација на Културно информативниот центар – Скопје „Звукот на Скопје“ оваа година ќе се случи повторно во формат на еднодневен скопски летен фестивал на отворено, на кој ќе настапат актуелни и свежи локални музички имиња. Програмата ќе биде збогатена со изложби и проекции на филмови, како дел од програмските активности на центарот.
„Звукот на Скопје“ значи нов, летен, open air фестивал, кој прераснa во ново скопско музичко жариште. „Звукот на Скопје“ значи и свеж здив во жешкото и долго скопско лето и обид за заситување на културните потреби на скопската сцена, со современи музички збиднувања и разновидна културна понуда. „Звукот на Скопје“ е и простор каде на голема сцена ќе може да се видат и етаблирани, но и нови групи, а значи и промовирање на нови концертни локации во градот, оживувајќи ги во културен контекст.
„Звукот на Скопје“ ќе се случи на 27 септември 2024, и тоа во Кулпарк (пред КИЦ), Салон 19:19 и галериите на КИЦ (Империјал I, Империјал II и Продажен салон).
Култура
Современата балетска бајка за сите возрасти, „Пепелашка“, на сцената на Националната опера и Балет
Современата балетска бајка за сите возрасти, „Пепелашка“, од Сергеј Прокофјев, ќе се изведе на сцената на Националната опера и Балет на 27 септември, со почеток во 20 часот.
Приказната за „Пепелашка“ преточена во прекрасната музика на големиот руски композитор Сергеј Прокофјев е во кореографија на гостинот од Србија, Александар Илиќ. Костимографијата е на Катерина Радошевиќж-Галиќ (Хрватска), сценограф е Филип Коруновски. Дизајн на звук: Георг Драушник (Хрватска), дизајн на светло: Милчо Александров, асистент кореограф: Саша Евтимова и Мојца Мајцен (Словенија), репетитори: Саша Евтимова, Дафина Данилоска-Кочевска, асистент-костимограф е Ангела Богеска.
Приказната за „Пепелашка“ на нашата сцена ќе ја пренесат: Наташа Трендафилова-Гицев (Христина Наќевска), Игор Веланоски, Саша Евтимова, Ангела Богатинова, Ендру Кук (Англија), Кристијан Јангос, Драган Кочоски, Гала Кочевска, солисти и балетскиот ансамбл на Националната опера и Балет.
Александар Илиќ, кореографот на балетот „Пепелашка“, вели дека оваа поставка на „Пепелашка“ не е класична верзија, туку е создадена во еден посовремен контекст. „Нашата ‘Пепелашка’ ја сместивме во една потполно поинаква временска рамка во 70-тите години на минатиот век. Поточно, во време на популарноста на филмот ‘Брилијантин’, со најпознатата улога на Џон Траволта, и со самото тоа се поигравме со нашата ‘Пепелашка’ во тоа време“.