Култура
Промоција на „Сигрид и Ноќта“ и работилница за анимација со шведскиот режисер и писател Јонс Мелгрен

Издавачката куќа „Гаврош“, во соработка со Амбасадата на Шведска, во понеделник во 18 часот во клубот „Менада“ ќе одржи промоција на македонскиот превод на сликовницата “Сигрид и Ноќта” на шведскиот автор Јонс Мелгрен кој ќе биде гостин на вечерта. Преводот на делото е на Лилјана Илиевска, а книгата ќе ја промовира д-р. Кирил Пенушлиски.
Јонс Мелгрен e режисер, професор, илустратор и писател од Стокхолм, Шведска. Автор е на шест сликовници за деца и повеќе кратки анимирани филмови.
“Сигрид и Ноќта” е приказна за едно чудно пријателство. Покрај тоа што е приказна за добра ноќ, ова е четиво и за возрасните читатели, кои ќе ги поттикне да размислуваат за загубата, тагата и за мирниот сон во современата ера на несоница. Како што честопати тоа е случај со Шведската литература за деца, авторите не бегаат од “темите за возрасни” во приказните за деца, напротив тие ги доближуваат до детската публика“.
Авторот Мелгрен, во Скопје во текот на три дена ќе одржи работилници за стоп анимација во просториите на Менада.
„За време на работилницата ќе креираме, осветлиме и анимираме макета на пејзаж. Фокусот ќе биде свртен кон тоа како да се создаде сет за стоп-анимација и предизвиците што доаѓаат со тоа, од теориска и практична природа. Оваа работилница нуди вовед во нештата што треба да се имаат предвид кога се работи сет за анимиран филм. Истовремено ќе вклучиме разни визуелни трикови од светот на театарот и филмот“, информираат од издавачката куќа „Гаврош“.
Работилницата ќе трае од три дена во континуитет, од 09:00-17:00h, со најмногу 20 учесници во еден ден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Диригентката Елена Митревска ќе биде директорка на двата хора на Данското радио

Македонската диригентка Елена Митревска од 1 јануари ќе биде уметничка директорка на двата хора на Данското Радио.
„Воодушевени сме што започнуваме блиска нова соработка со Елена Митревска како уметничка директорка. Со нејзиниот силен уметнички профил, креативна визија и меѓународна кариера, таа е идеален избор за улогата, а дополнителен бонус е што таа веќе има доверлив и позитивен однос со нашите пејачи“, изјави Ким Бор, директорка на Државниот сервис.
„По пет години во Скандинавија, имам огромна почит кон единствената хорска традиција во регионот и возбудена сум што ќе ги истражувам богатите музички корени на хоровите на ДР. И двата ансамбла се меѓународно познати по нивниот препознатлив звук, вкоренет во силна традиција и ценетото данско наследство на песни, кое ќе продолжиме да го почитуваме“, изјави Митревска
„Од витално значење е да продолжиме да гледаме напред. Со работа со денешните композитори, можеме да помогнеме во обликувањето на хорската музика на утрешнината и да ги инспирираме идните генерации“, изјави диргентката.
Елена Митревска завршува студии по хорско и оркестарско диригирање на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, каде дипломира со почести.
Митревска е член на Хорот Арнолд Шенберг во Виена седум сезони, при што работи на оперска и концертна репертоар со диригенти како што се Николаус Харнонкурт, Клаудио Абадо, Бернард Хаитинк, Сајмон Ретл, Рене Јакобс и Корнелиус Мајстер, меѓу другите. Од 2012 година таа е асистент-диригент и хор-мајстор во истиот хор за концерти и оперски продукции во Theater an der Wien.
Во декември 2014 година ја добива наградата од Фондацијата Ервин Ортнер за промовирање талентирани млади музичари во областа на хорското диригирање.
Митревска диригира со оркестри како што се камерниот оркестар Jeunesses Musicales Macedonia, Виенскиот камерен оркестар, Македонската филхармонија, Овиедо Филхармонија и Оркестарот на Операта во Малме. Во ноември 2022 година поканета е како диригент во продукцијата на Дон Џовани во Операта во Овиедо. Таа е хор-мајстор во истата од 2016 до 2020 година, а гостин хор-мајстор во Националната опера Лион, Франција во 2021 година. Од 2020 година ја врши истата функција во Операта во Малме, каде што има претстојни продукции, вклучувајќи ја улогата на диригент за операта Кармен од Жорж Бизе во сезоната 2025/26.
Митревска е редовно поканета да работи на проекти со Хорот на Данското национално радио и Данскиот национален вокален ансамбл.
Култура
Концерт на пијано дуото „Променада“ во Камерната сала на Филхармонијата

В понеделник, со почеток во 20 часот, во Камерната сала на Филхармонија ќе настапи пијано дуото „Променада“ во кое свират пијанистките Татјана Божиновска и Билјана Димовска. На програмата се дела од Менделсон, Рахмањинов, M. Тајчевич/Б. Светиев и Равел.
Пијанистката Билјана Димовска е родена 1978 година во Битола. Во 2000 дипломира, а во 2003 и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на отсекот по пијано, во класата на проф. Тодор Светиев. Има настапувано на повеќе значајни манифестации во нашата земја: „Денови на македонската музика“, „Скопско лето“, „Битолско културно лето“ „Хераклејски вечери“, „Прилепско лето“, „Денови на полската култура во Македонија“, „Музички вторник“, „Златна лира“, „Интерфест“ – Битола. Добитничка е на повеќе државни и меѓународни награди, меѓу кои и Прва награда на Интернационалниот натпревар во Бугарија „Нашите деца го свират Бах“ и Специјална награда „Стефан Трајанов“, на истиот натпревар. Настапувала како солист со Македонската филхармонија и со Симфонискиот оркестар при ФМУ. Настапува и како камерен музичар, а во 2005 заедно со саксофонистот Боби Коминовски, снимија и цеде. Има учествувано на повеќе
семинари и мастеркласи кај светски познати пијанисти. Од 2000 е вработена во Државното музичко училиште во Битола како професорка по пијано.
Пијанистката Татјана Божиновска е родена во 1980 година во Битола. Во 2002 дипломира, а во 2005 магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, отсек пијано, во класата на проф. Тодор Светиев. Во 2014 ги завршува и докторските студии на Факултетот за музичка уметност во Скопје, под менторство на проф. м-р Тодор Светиев и прoф. д-р Димитрије Бужаровски. Има одржано повеќе концерти и рецитали: Бугарија, Србија, Романија, Франција, Италија, Америка, Хрватска, Австрија, Норвешка, Полска, Турција… Настапила како солист со Македонската филхармонија и со Битолскиот камерен оркестар. Има настапувано на повеќе значајни манифестации како: „Охридско лето“, „Денови на македонската музика“, „Скопско лето“, „Хераклејски вечери“, „Битолско културно лето“, „Штипско лето“, „Прилепско лето“, „Пролетни вечери“, „Есенски музички свечености“,
„Денови на полската култура во Македонија“, „Ден на културата во Битола“, „Музички вторник“, „Златна лира“, „Интерфест“ – Битола. Член е на триото „Интерарт“ со кое активно концертира во земјата и надвор, на меѓународни фестивали и натпревари, а имаат снимено и три цедеа. Добитничка е на повеќе државни и меѓународни награди.
Култура
Во МНТ почнаа пробите за претставата со работен наслов „Кататонија“

Во Македонскиот народен театар почнаа пробите за претставата со работен наслов „Кататонија“, по мотиви на драмскиот текст на Алис Бирч, во режија на Васил Христов и драматург Викторија Рангелова-Петровска.
Според режисерот Христов, претстои интензивен и динамичен процес, во кој преку драмскиот материјал што се обработува се отвораат повеќе горливи прашања за нашето современо општество.
Поигрувањето со драмската форма, драмската структура и специфичниот наратив, каректеристични за авторката Алис Бирч, ќе се применува и во адаптацијата на драмскиот материјал. Претставата се работи во копродукција на Македонскиот народен театар и Вондерленд театар – Скопје.
Во претставата играат: Игор Ангелов, Сања Арсовска, Верица Недеска, Дениз Абдула, Владимир Петровиќ, Јасмина Василева, Јасмина Билаловиќ и Ања Митиќ.
Како костимограф се потпишува Роза Трајческа-Ристовска, сценографското решение е на Васил Христов. Инспициент на проектот е Саво Ивановски. Премиерната изведба на претставата е предвидена за почетокот на јуни 2025 година.