Култура
Работилница и перформанс Мoving inside out и македонска премиера на „Без крв“ вечерва на репертоарoт на МОТ
Вечер на репертоарот на МОТ, во 18:00 часот на сцена Јадро, работилница и перформанс „Мoving inside out“ и Македонска премиера на „Без крв“.
Криста Денио и Искра Шукарова се уметници кои работат на полето на танцот и перформансот и ќе одржат работилница за студентите и професионалците во танцот и театарот каде што ќе истражат интердисциплинарните пристапи кон креирањето на перформанс кој е специфичен или врзан за просторот каде што се игра. Употребувајќи танцови и театарски методологии, Денио и Шукарова ќе ги спојат практиките и техниките што се специфични за просторот, кои ги поддржуваат и учесниците во нивното истражување на техниките на раскажување на приказни и креативноста, создавањето и истражувањето и на архитектурата на галеријата Јадро, вклучувајќи го и паркот во близина, дрвјата и природата. Денио ќе се осврне на работата на нејзиниот проект „Проектот Мрежа“, инспириран од еколошките системи на комуникација, делењето на ресурси и преживувањето што се случува во заедниците на дрвјата и што човековите заедници можат да научат од нив. Шукарова ќе ја презентира својата работа во потсистемите на невербална комуникација за да ги употреби соматските практики како една рамка за уметнички израз.
Работилницата ќе вклучува тренинг за движење и глас, што вклучува соматски движења, развојни движења, партнерство и умешност за делење на потешката физичка работа, врз основа на Контактна импровизација и некои техники од Акциониот театар, спојувајќи ги гласот/звукоти движењето преку употреба на високоструктуирани импровизациски вежби. Оваа работилница ќе кулминира со кратки перформанси што ќе ги креираат студентите.
Во 20:00 часот ќе следи македонска премиера на „Без крв“, копродукциска соработка која е дел од двегодишниот меѓународен проект „Манифест“ на Драмскиот театар Пловдив и Народниот театар „ Јордан Хаџиконстантинов – Џинот“ – Велес.
Литературното дело на Алесандро Барико ја поттикна мешовитата авторска и актерска екипа безусловно да се вложат во создавањето на претставата.
„Самата претстава разработува теми на помирување без крв, кое може многу симболично да се сфати особено за Македонско – бугарските односи во моментов. Претставата разбуди многу емоции кај бугарската публика и топло се надевам дека и кај нас ќе биде прифатена позитивно. Сметам дека вакви копродукциски треба да продолжат да се негуваат во име на моќта на уметноста и убавината, кои ќе го спасат светот.“ – вели Олга Панго, кореографка на „Без крв“.
„Без крв“ затвора тројца мажи во својот лавиринт: татко, две деца и крволочен Минотаур за време на граѓанска војна. Во текот на годините додека трае зачадениот мир, една убава жена стои пред продавач на билети за лотарија, чекајќи да го започне својот пат или кон смртта или кон пресметка. „Има ли крај на одмаздата, или пак ова е еден маѓепсан круг во кој сите сме проколнати да се вртиме?“, е едно одлично прашање што го поставува овој роман. Засилувањето на одмаздата меѓу луѓето и нациите е препознатлив знак на духот на времето во кое живееме. Човекот е сé поосамен во „срцето на земјата“.
И само љубовта ги затвора раните без да ја повтори болката.
Во претставата играат: Маргита Гошева, Васил Зафирчев, Константин Еленков, Патриција Пандева, Исидор Јованоски, Филип Христовски, Красимир Василев, Георги Вачев, Кети Борисовска, Симеон Алексиев, Елена Кабасакалова, Катрин Гачева, Златко Шарков, Филип Василевски, Елена Димитрова
Превод на романот: Толја Радева Авторска адаптација: Александар Секулов Сценска верзија и режија: Диана Добрева Сценографија: Валентин Светозарев Костимографија: Раде Василев и Елена Вангеловска Композитори: Јавор Карагитлиев, Сашко Костов Музика во живо: Сашко Костов Кореографија: Олга Панго Превод на македонски: Ана Батева Фотограф на плакатот: Георги Вачев Дизајн на постер: Јавор Димитров
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Љубов, серенади и поезија во срцето на Дебар Маало
Општина Центар и годинава е домаќин и покровител на традиционалната манифестација „Дебармаалски средби и серенади“, која се одржува по повод празникот на виното и љубовта, во организација на здружението „Гороцвет“ и Здружението на пензионерите од Општина Центар.
Манифестацијата почна кај познатата кафеана „Кај Жабарот“, каде што градоначалникот Горан Герасимовски, заедно со познатиот уметник Живко Поповски-Цветин и присутните граѓани, симболично закрои лозово гранче и испрати порака за љубов и мир.
„Центар ќе продолжи да ја поддржува оваа прекрасна традиција, која нè враќа во старите убави времиња на серенади, поезија и романтика. Дебар Маало и денес е место каде што се негуваат дружењата, уметноста и културата. Наша обврска е да ги чуваме овие вредности и да ги пренесуваме на идните генерации“, рече Герасимовски.
Програмата продолжи со поетски рецитал, староградска музика и прошетка низ дебармаалските улички и ресторани. Со поддршката на ваквите културни настани, Општина Центар ја потврдува својата посветеност на зачувување на традицијата, културното наследство и автентичниот боемски дух на Дебар Маало.
Култура
Mozzart го отвори „Театарот на хуманоста“: Племенита уметност која ја храни душата
Кога уметноста и хуманоста ќе се спојат, резултатот е вистинско ремек-дело.
Полна сала, насмевки и громогласен аплауз во Театар Комедија го одбележаа изведувањето на претставата „Олд Сејбрук“, првата за која компанијата Mozzart им делеше бесплатни билети на граѓаните.
Со оваа фантастична комедија започна проектот „Театарот на хуманоста“, кој има двојна цел – да им овозможи на љубителите на театарот да уживаат во претстави без да купуваат карти, а истовремено да поттикне хуманост преку донации за Банката за храна на Македонија.

Посетителите добиваа флаери со број за донации, а секоја испратена порака значеше бесплатен оброк за оние кои не можат да си го дозволат.
„Прекрасно е што секој има можност да дојде и да ја погледне претставата, а истовремено да направи добро дело,“ порача актерката Маја Љутков, која ја толкува една од главните улоги во претставата.
Од компанијата Mozzart велат дека ова е само почеток: „Успешно ја започнавме реализацијата на проектот ‘Театарот на хуманоста’. Целта е љубителите на театарот да уживаат во културни содржини, а истовремено да донираат за хуманитарни цели. Првата претстава помина одлично, а веќе се подготвуваме за следната,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.
Фактот дека картите беа поделени за само половина час зборува за огромната љубов на граѓаните кон театарската уметност. Токму затоа Mozzart најавува уште неколку бесплатни претстави, продолжувајќи да ја поддржува културата и хуманоста.
(ПР)
Култура
Вим Вендерс од Берлинале: Филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин
Берлинскиот филмски фестивал започна во четврток во изразен политички тон, откако натпреварувачкото жири, предводено од режисерот Вим Вендерс, одговараше на повеќе прашања за актуелната состојба во светот, вклучително и војната во Газа.
На прашањето дали филмовите можат да влијаат на промени во политичката сфера, славниот германски режисер изјави дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.
„Ниту еден филм всушност не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. На оваа планета постои голем јаз меѓу луѓето што сакаат да ги живеат своите животи и владите што имаат поинакви идеи. Затоа мислам дека филмовите влегуваат во тој јаз“, изјави Вендерс, пренесува „Варајети“.
Вим Вендерс е претседател на овогодинешното жири, во кое се и американскиот режисер Рејналдо Маркус Грин („King Richard“), јапонската режисерка Хикари („Rental Family“), продуцентката на филмот „The Zone of Interest“ Ева Пушчинска, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам („Shambala“), јужнокорејската актерка Бе Дуна и индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур („Celluloid Man“).
„Мораме да се држиме подалеку од политиката“
Претседателот и членовите на жирито беа прашани конкретно за конфликтот во Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – му ја дава на Израел.
Пушчинска прва одговори, оценувајќи дека прашањето е „малку неправедно“.
– Секако, се трудиме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за тоа каква одлука ќе донесат, дали ќе го поддржат Израел или ќе ја поддржат Палестина – рече Пушчинска и додаде:
– Постојат многу други војни во кои се врши геноцид, а за нив не зборуваме. Затоа ова е многу комплицирано прашање и мислам дека е малку неправедно да нè прашувате што мислиме, како поддржуваме или не поддржуваме, дали разговараме со нашите влади или не.
Вендерс додаде дека како филмски автори „мораме да се држиме подалеку од политиката“.
– Ако снимаме филмови што се изрично политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мораме да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите.
Берлинале – фестивал на „лицата на светот“
За време на прес-конференцијата, Вендерс – кој во 2015 година ја доби почесната Златен мечка – зборуваше и за тоа по што овој фестивал се издвојува од другите.
– Можете да бидете сигурни дека тука ќе видите повеќе лица на светот отколку на кој било друг фестивал. Тоа е неговата голема сила, нели?
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76. издание ќе го отвори светската премиера на филмот „No Good Men“ на наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат.
На свеченото отворање ќе ѝ биде врачена Почесната Златна мечка за исклучителен придонес во филмот и кинематографијата на актерката Мишел Јео.
Во селекцијата Главна натпреварувачка програма се вклучени 22 филма, меѓу кои „A New Dawn“ на Јошитори Шиномија, „A voix basse“ на Лејла Бузид, „At the Sea“ на Корнел Мундуцo, „Dust“ на Анке Блонде, „Everybody Digs Bill Evans“ на Грант Ги и „Josephine“ на Бет де Араужо. Во програмата се и „Nightborn“ на Хана Бергхолм, „Rose“ на Маркус Шлајнцер, „The Loneliest Man in Town“ на Рајнер Фримел, „The Blood Countess“ на Улрике Отингер и други.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, ден пред затворањето на фестивалот.

