Култура
Работилници за филмска критика во Кинотеката на Македонија

Во текот на мај, во организација на здружението „Аквариус“, се одржуваат работилници за филмска критика во Куманово и во Скопје во рамките на новата платформа „Матрица“, со цел да потсетат на важноста и неопходноста на критичката мисла, посочува организаторот.
„Матрица“ е новата платформа која ќе понуди работилници за филмска критика и за сценарио. Планирано е овие работилници да се одржат во 4 града, во Куманово, Скопје, Гевгелија и Богданци. На 11 и 12 мај веќе се одржаа работилниците за филмска критика во Занаетчискиот дом во Куманово, а на 17 и 18 мај, односно во вторник и во среда, ќе се одржат работилниците за филмска критика во Скопје, во Кинотеката на Македонија, со почеток од 16 часот. Учесниците ќе можат да го видат класикот „Бунтовник без причина“ во режија на Николас Реј, во кој главните улоги ги играат Џемс Дин и Натали Вуд. Ментори на работилниците се долгогодишните новинарки и филмски критичарки: Сунчица Уневска и Гена Теодосиевска.
Зошто филмска критика? Колку е важно денеска да се зборува за критичкото мислење и колку е значајно младите да ја знаат важноста на оценувањето на уметничките дела. Колку е важно да знаат што значи културата за едно општество, да знаат дека критиката може да понуди нови идеи и да ни овозможи да се соочиме и да го анализираме општествениот миг во кој денеска живееме.
Една од важните цели на „Матрица“ ќе биде развојот на критичната мисла, бидејќи без тоа нема одење напред, ниту создавање зрели дела, компетентни автори, слика за тоа каде сме и каде одиме. Целта е да се вклучат што повеќе партиципиенти, од различни области и од другите градови, бидејќи филмската уметност не е сконцентрирана само во Скопје.
„Матрица“ е име кое не е случајно одбрано (со асоцијација на истоимениот научнофантастичен филм). Матрицата е модел, матрицата е систем, матрицата е структура, како што покажа и филмот. Ние ќе се обидеме во неа да испишеме едно ново време, поточно време кое ќе се потпре на проверените вредности и тргнувајќи од нив ќе се обиде да создаде нови. Нашиот слоган и порака гласат: „Се гледаме во матриксот“, вели организаторот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Сулејмани од Струга: Културата е најсилниот мост меѓу народите

Заменик-министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, присуствуваше на свеченото затворање на фестивалот „Кенге Јехо“, кој се одржа изминативе денови во Струга.
Во своето поздравно обраќање, заменик-министерот Сулејмани ја истакна важноста на промовирањето на културното наследство преку уметнички настани како овој фестивал, кој ги зачувува вредностите на традиционалната музика, но истовремено ги зацврстува културните врски и меѓународната соработка.
„Имам чест да ви се обратам овде, покрај убавиот Дрим во Струга, на ова 34-то издание на фестивалот „Кенге Јехо“, празник на нашето културно наследство, кој ги има освоено срцата на публиката и дома и надвор од земјава.
Овој фестивал е сведоштво за нашите уметнички вредности и за обединувањето преку културата. Им се заблагодарувам на организаторите за нивната посветеност и ве уверувам во нашата континуирана поддршка, особено за јубилејното издание следната година“, изјави Сулејмани во своето обраќање.
На фестивалот учествуваа уметници и музички групи од различни земји, како: Парагвај, Турција, Бугарија, Косово, Албанија, Ансамблот на албански народни песни и ора во Република Северна Македонија, како и други друштва од Републиката.
Настанот заврши со богата уметничка програма и многубројна публика, докажувајќи уште еднаш дека културата е најсилниот мост што ги поврзува народите.
Култура
Гала-концерт вечерва на Скопско лето

Гала концертот на Вејчеслав Поповски под наслов „Хармонија во три стила: класика, филм и корен“, ќе се одржи вечерва, со почеток во 20:30 часот во Македонска филхармонија.
Настанот ќе биде збогатен со настапот на Acies Quartett – културни амбасадори на Австрија, Рихард Рикон – реномиран пијанист од Словачка, и Елена Васова – гостин-сопран
Култура
(Видео) Охридското лето се отвори, и уметноста прозборе – музиката и мајчинството во хармонија на Античкиот театар

Под ѕвезденото небо на Античкиот театар во Охрид, синоќа величествено беше отворено јубилејното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“ со моќните ноти на Бернштајн, Гершвин и Имери.
На сцената настапија реномираната американска пијанистка Клер Хуангчи и Македонската филхармонија под диригентската палка на маестро Едвин Оутвотер, во програма која го одрази духот на фестивалското мото – „Трансформација на сетилата“. На репертоарот беа „Приказна од западната страна”, „Рапсодија во сино” и „Пајдушко“ од Дамир Имери во блескавата изведба на уметниците.
Дополнително изненадување на вечерта беше самата Клер Хуангчи – пијанистката настапи со целосна посветеност, иако очигледно во поодмината бременост. Со извонредна визија, уметнички израз и техничка прецизност, таа на сцената покажа што значи вистински професионализам и љубов кон музиката.
Актерот, Ѓорги Јолевски беше еден од говорниците на свеченото отворање, опишувајќи ја како знак на пркос честа да се отвори фестивалот, во време кога уметноста е чин на отпор.
„Во време кога зборот се губи во бучавата, а мислата се потиснува од брзината, уметноста е чин на отпор – неагресивен, контемплативен. Вечерва не ја славиме уметноста затоа што е најважна, туку затоа што е неопходна“, рече актерот Ѓорѓи Јолевски, во пораката која допре до публиката. Почитуваниот актер изјави и дека живееме во време на војни, каде човечкиот живот е девалвиран, а политичката реторика е театар без катарза. Во таков свет, рече Јолевски, уметноста не е луксуз, туку нужност – апел да се потсетиме што значи да се биде човек.
Моќен говор одржа и министерот за култура Зоран Љутков, кој истакна дека уметноста се случува, се памети и се вградува во нашата колективна меморија. За фестивалот потенцира дека не е само програма, туку духовен завет, трајна врска меѓу минатото и иднината.
Охридското лето официјално го прогласи за отворено претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со инспиративни зборови за вредноста на духовното во современиот свет:
„Верувам дека овој чуден, често и бизарен свет, обременет со стравови и неправди, има насушна потреба од духовност, светлина и надеж“, потенцира Давкова.
Додаде дека Охрид е град на вековни дијалози: минатото комуницира со сегашноста, светците и свештениците со верниците, рибите со рибарите и галебите, уметниците со езерската шир, со планините и небото, домаќините со гостите… Од двата брега на езерото, инспирација црпеле првиот македонски романтичар, Константин Миладинов, но и првиот албански модернист, Лазгуш Порадеци.
Директорот на фестивалот, Ѓорѓи Цуцковски најави дека во рамки на фестивалот ќе настапат повеќе од 500 уметници од дваесеттина земји од целиот свет.
Гости на вечерта беа и премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, како и министри од македонската Влада и амбасадори на повеќе држави.
Ова отворање не беше само концерт, туку чин на сеќавање, отпор и надеж. Во магичната атмосфера на Античкиот театар, музиката се претвори во светлина, во мост меѓу минатото и сегашноста. Визуелните ефекти беа во знакот на македонската и на американската традиција, но и динамичниот начин на живот, во микс со повеќеслојноста и колоритноста.
Фестивалот „Охридско лето“, кој ќе трае до 20 август, останува уметничка република, отворена за сите што веруваат дека уметноста не е луксуз, туку начин на постоење. Веќе 65 години, секој стих, нота и движење се претопуваат во охридската симфонија која го слави хуманото, убавото и вечното.
Впрочем, како и што синоќа беше истакнато, Охрид се отвора како волшебна школка, а од него излегува највредниот бисер – уметноста.