Култура
„Реконфигурација“ – изложба на скулптури на вон. проф. д-р Слободан Милошески
На 25 септември 2025 година од 20:00 часот во Уметничката галерија „Амам“ во Гевгелија ќе биде отворена изложбата „Реконфигурација“ од авторот Слободан Милошески. Изложбата е составена од 12 скулпторски дела од галериски формат, создадени во последните три години во материјал инокс. Гевгелиската публика ќе има прилика да ја посети изложбата до 2 окомври.
„Скулптурите се составени од огледални фрагменти кои ја прекршуваат светлината на уникатен начин, создавајќи динамичен и постојано променлив приказ. Така, секој фрагмент одразува различен аспект од идентитетот на гледачот, при што делото станува огледало на личноста и симбол на саморефлексија. Овој принцип овозможува повеќеслојно искуство – од визуелни оптички ефекти до активирање на меморијата, времето и сложеноста на човечкиот ум.

Распоредот на елементите во скулптурата е внимателно дизајниран, постигнувајќи хармоничен баланс помеѓу просторот и формата. Композицијата го повикува набљудувачот да се движи околу делото, при што се создава постојан дијалог меѓу уметничкото дело и гледачот. Така, рефлексијата не се доживува како линеарен процес, туку како повеќеслојна конструкција која ја симболизира комплексноста на човечкиот идентитет и еволуцијата на самоперцепцијата.
Апстрактната природа на овие скулптури овозможува лична интерпретација – секој посетител може да ги проектира сопствените сеќавања и емоции. Во тој контекст, минималистичкиот пристап на Милошески не е редукција, туку проширување на апстрактните идеи во самостоен реалитет на самоспознавање, со елиминација на миметичките претстави на реалноста.“ – вели историчарот на уметност проф. д-р. Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.

Слободан Молошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот
факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р.Бугарија, на катедра „Скулптура“.
До сега има реализирано 35 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 100 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година , „Награда за скулптура“ доделена од ДЛУМ во 2020 година, нагадата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ-Скопје во 2021 година.

Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: Скулптураи на Живо Чинко, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура „Секвенци на рефлексија“ во Младински кулптурен центар- сите поставени во Скопје.
Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а од 2023 година е дел од управниот одбор на друштвото. Работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што од 2025 година ја извршува деканската функција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

