Култура
Самостојна изложба на слики на академската графичарка и професорка Милена Арсовска
Во Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, в четврток, 9.11.2023 година, во 19.30 часот, ќе биде отворена самостојна изложба на слики на академската графичарка и професорка Милена Арсовска со наслов „Парадоксот на автентичноста“.
Милена Арсовска е родена 1985 година во Куманово Р. Македонија. Работи како професор по графички дизајн и графички предмети во СОУ „Перо Наков“ – Куманово, на насоката за графички дизајн.
Има завршено средно уметничко училиште ДСУПУ „Лазар Личеноски“ во Скопје, отсек графика. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, педагошка насока, насока графика во класата на проф. Трајче Блажевски, каде што работи две години како демонстратор по графика и графички техники.
Исто така, изработува илустрации за книги, графики, слики, икони, фрескоживопис и графички дизајн. Има учествувано на повеќе меѓународни ликовни колонии, групни изложби, ликовни работилници и проекти.
За својата работа има добиено повеќе награди и признанија.
За изложбата на Милена Арсовска, „Парадоксот на автентичноста“,, историчарот на уметноста Роберт Цветковски ќе запише:
„Понекогаш чекањето на вистинскиот момент за свое самостојно претставување пред ликовната публика и критика може да биде добра одлука која ќе резултира со една зрела, осмислена и технички (во ликовно-естетска смисла) беспрекорно изведена колекција на нови дела – автентични по визуелните атрибути вметнати во сликите но, исто така, и универзални по нивната тематската преокупација.
Токму таков случај е изложбата „Парадоксот на автентичноста“ од авторката Милена Арсовска, којашто можеме да ја видиме во едно интегрално издание во кое се чувствуваат повеќегодишните искуства собрани од работата на графичкиот оддел на факултетот, учеството на групните изложби, колонии, ликовни проекти па и искуства од ликовно-педагошкиот едукативен процес гледан од визура на професор по графички дизајн. Самиот наслов на изложбата нè упатува на првата задача којашто ја има секој млад автор а тоа е грижа за автентичноста, оригиналноста и посебноста на авторскиот израз. Во таа смисла, неопходно е поставување на определени визуелни концепти коишто би правеле една ликовно-естетска парадигма на чиишто основи би се вршеле подоцнежните ликовни истражувања и пристапи. Тргнувајќи од овие премиси, Милена Арсовска изработува еден податлив визуелен конструкт којшто асоцира на цвет-ембрион и во него и околу него ги поставува темите на едноставен и јасен визуелен јазик. И токму тој воспоставен универзален ликовен вокабулар придонесува комуникацијата на релација дело – консумент да оди лесно, со што делата се читливи и за најшироката публика. Инаку, цветот-ембрион по својата природа претставува ентитет во процес со што авторката укажува на временската димензија на проблемот и апсурдот поврзан со истиот. Во поширока смисла тука е отворен дискурсот за современото егзистирање и дејствување но и апсурдите коишто неизбежно како реакција и негација се појавуваат во нашето секојдневно живеење. Композициската поставеност на елементите во сликите е изведена на професионален начин, со водење сметка за баланс и условна симетрија, согласно академските нормативи; а фокусот е насочен кон центарот на сликата, поточно, во центарот на цветот-ембрион, понекогаш придружуван и од додатни знаковни елементи коишто го дообјаснуваат наративот; и, се разбира, сето тоа е комплетирано со соодветни колористични пастелни партии.
Изборот на актуелни теми од нашето непосредно опкружување (Вештачка интелигенција, Харп, Клон, Новото нормално, Енергетска криза, ГМО и др.) укажува на загриженоста на авторката за повеќе аспекти од современото живеење. Обидот да се укаже на истите и нивното актуализирање е впрочем и единственото нешто што уметноста може да го стори. Во таа насока изложбата на Милена Арсовска успешно ја остварува исконската мисија на уметникот и неговите настојувања со своите креации да го направи светот подобро место за живеење…“
Проектот е подржан од Министерство за култура и е од годишната програма на НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово за 2023 година.
Изложбата ќе биде поставена до 23.11.2023 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.